Менструација

07.12.2012 16:08
Менструација

Историчарите, антрополозите и социолозите надолго и нашироко ја анализирале „менструацијата“, бидејќи таа, во историска перспектива и во речиси сите општества, има клучна улога во дефинирањето на феминитетот и значајно придонесува за одрeдувањето на општествената положба на жената. Пред сè, менструацијата е физиолошка појава. Се работи за плоден циклус на неоплодена жена што се случува, во нормала, на секои 25 до 31 ден, од пубертетот до менопаузата, во текот на којшто се одвива минлив проток на крв од вагината како резултат на отпаѓањето на ендометриумот. Шортер (1984) или Томас (1985) ги истакнуваат промените низ историјата на оваа појава тесно поврзани со режимот на исхрана на жените (Томас зборува за „аменореjа поради изгладнетост“), често двојно зголемени во рамки на тешките услови за работа. Исто така, историјата покажува дека се менува старосната граница кај жените при добивањето на првата менструација „на преминот меѓу два периоди во животот на жената, детството (...) и зрелоста“ (Moulinié, 2001), што денес е околу единаесеттата година, а на почетокот на 20. век било околу петнаесеттата. Ферен (1988) проценува дека менструацијата има животен век од 35 години кај современата жена, додека порано жените имале поголем број бремености и подолги периоди на доење што ја стопирале менструацијата.

Да се анализира менстурацијата значи да се опфати цела низа верувања и претстави чиишто универзален карактер веќе е утврден од страна на историчарите и антрополозите. Бидејќи жените редовно губат крв, биле сметани за „природно“ нечисти во јудеохристијанската традиција, но и во многу други култури. Несовршената, а со тоа и слабата природа на жената произлегува од нејзиното студенило што е резулатат на губењето крв. Крвта што му носи топлина и живот на мажот, за разлика од жената, само се создава, а не се губи по „природен“ пат, што му овозможува да постигне поголем степен на топлина (Hértier, 2002). Поради таа нечистотија што е извор на потенцијално загадување, жените се опасни за останатите, а особено за мажите. За да се заштитат од таа опасност на жените, во одредени делови на светот тие биле изолирани од заедницата во текот на менструацијата, им било строго наложено како не смеат да се однесуваат, на пример, во Франција сè до средината на 20. век, особено во руралната средина. Генерално, нивната состојба може да ги расипе нештата (приготвувањето храна), може телесно на им наштети на другите (закана за животите на децата) или особено може да ги попречи нивните активности (најмногу оние што се однесуваат на мажите). Во одредени култури сексуалните односи се најстрого забранети во текот на менструацијата, поради опасност од зараза за мажот или за фетусот во случај на оплодување (на пример, раѓање на дете со светла коса во рурална Франција). Престанувањето на менструацијата во текот на менопаузата ја прави жената уште поопасна затоа што повеќе не ја исфрла од себе нечистата крв што била сметана за вистински отров поради којшто често низ историјата (Moulinié, 2001) или во одредени култури (Roux, 1988) жените го добивале статусот „вештерка“ или „маж“, што е синоним за моќта (Hértier, 2002). Престанувањето на менстурацијата е одраз и на циркулирањето на крвта што во западната имагинација струи од матката до главата и се поврзува со причините за појава на хистерија (Moulinié, 2001, Charuty, 1997).

Менструацијата ја симболизира плодноста, сведочи за внатрешното функционирање на телото, ја потврдува нормалноста. Поимот редовно, што се содржи во етимологијата на терминот со којшто менструацијата се означува уште од 18. век, е главен нормативен критериум. Количината на изгубената крв, но и бојата и мирисот, исто така се нормативни елементи (Moulinié, 2001). Како обележје за различните состојби во животот на жената (детството, пубертетот, менопаузата), менструацијата е нешто што постојано се одвива и што се подразбира само по себе (Verdier, 1979). Скриена од туѓите погледи, симболичката видливост сепак овозможувала, до средината на 20. век во неколку француски покраини, да се покаже влегувањето во пубертет преку низа различни обичаи, како што е обележувањето на личната долна облека со везење црвен конец на неа (Verdier, 1979). Ако денес таа физиолошка интимност е пренесена во јавната сфера најмногу со рекламите, невидливоста на менструацијата и понатаму е главна општествена принуда (Amir, 1993).

Како што може да се види, менструацијата е предмет на посебен општествен и културен интерес чиишто развој е најтесно поврзан со медицинскиот дискурс. Однесувајќи се кон женското тело на ист начин како Хипократ или Гален, сè до средината на 19. век лекарите ги потхранувале горенаведените верувања и претстави. Постигнато е оградување од нив благодарение на напредокот на гинеколошката ендокринологија од педесеттите години наваму (Shorter, 1984). Многу брзо, менструацијата станала „физиолошка ерес“ (Férin, 1988) од што произлегле контрацептивните методи за нејзино спречување. Парадоксално е тоа што менструацијата се продолжува и во менопаузата со супститутивни хормонски третмани (Espié, 1988). Овој парадокс, што делумно може да се објасни со економските интереси на фармацевтските лаборатории, сепак го наметнува прашањето за наводната приврзаност на жената кон менструацијата: кој е поприврзан за менструацијата, мажите (лекарите) или жените? Од друга страна, мора да се констатира дека производите што ги развиле лекарите одговараат на претходно наведените нормативни очекувања. Пилулите за контрацепција навистина многу прецизно го регулираат циклусот но и менструалното одливање, а супститутивните хормонски третмани ја продолжуваат менструацијата во менопаузата иако, како што видовме, нејзиното спречување е опасно. Како што истакнуваат најголем дел од наведените автори, тешко е да се одреди смислата на влијанието врз менструацијата. Меѓутоа, жените никогаш не биле повикани да се изјаснат за овие различни методи (Sulerot, 1988), со што само се потврдува дека жената и нејзиното тело подлежат на општествена контрола која жените ги ограничува преку наметнувањето одредени телесни навики.

Слики: Tamara Muller
Извор: Le dictionnaire du corps

Слични содржини

Книжевност / Стрип / Теорија
Теорија
Живот / Култура / Теорија
Книжевност / Култура / Теорија
Квир / Книжевност / Теорија

ОкоБоли главаВицФото