Соголени до себеси (2)

08.12.2012 09:30
Соголени до себеси (2)

Писмо до Џон Ленон (09.08.2008)

Сè уште си популарен.
Те имитираат, те копираат.
Твоите песни ги преработуваат
најдобрите џез музичари и
најпознатите филхармонии.
Јоко не се премажи
а твоите синови само
физички ти наликуваат.
М. Д. Чепмен е сè уште жив
и бара помилување.
Џ. Харисон почина 2001. год.
а Макартни е 100 пати
почкарт од порано.
А Ринго? Рингота го заболе палката.
Пред некој ден во Грузија започна војна.
Пред тоа Авганистан, Југославија, Ирак...
Стотици илјади мртви, осакатени градови,
инвалиди, забегани ветерани...
Имало ли шанса некој, некогаш да му даде
шанса на мирот или си бил во заблуда?
А во музиката! Нови правци, технологии,
нови деца кои се бараат, експериментираат...
Но малку ремек-дела. Годишно помалку
отколку што ти имаше на Белиот албум.
Постар сум од тебе шест години и станувам
сè поодвратен човек и расен маргиналец.
Сеедно, растам, се менувам, стареам
но сигурен сум дека ќе те сакам и на
80 години (секако, ако ги доживеам).
Нема повеќе да те фалам и давам,
само уште да ти пренесам поздрави од
мојот другар Роберт Пашоски и
од Ведран Ивановски,
мојот седумгодишен син
кој е до уши заљубен во Луси.
 

Скопје и јас, пила и контрабас
(Ебати скопскиот)

Се знаеме многу одамна но сè помалку се познаваме, и колку повеќе се менуваме, помалку се сакаме. Ние сме најдобри другари и смртни непријатели, скарани роднини и развед(р)ени сопружници.
Ние сме планетата Земја и Хелиевата комета, последната дупка и првиот човек кој стапнал над неа. Скопје и јас сме повеќемина (ма нема врска, нè има 700 илјади). Тоа е мојата детска болест и младешка заблуда, прва љубов и последна грешка, родно место и смртно легло. (Некогаш безрезервно верував во него и мене, но човек греши додека е жив – особено кога е млад и жив.)
Добро изгледа само на географска карта и на разгледница, на кијамет, од сателит и на Google earth. Сакам да го гледам од далеку, од најдалеку; и затоа бегам од него – што почесто и што подалеку.
Но на враќање, несфатливо (а делумно разбирливо), се мочам од среќа кога влегувам во него, ко во долго време баран ќенев, во состојба на несовладлив зорт.

  

Фасада

Облеката чиста и испеглана
но под новите панталони скинати гаќи.
Не дај боже да скине некаде на улица,
ќе се изрезили пред оние од патологија.

Тазе избричено и благо подуено лице.
Над него коса (небаре излага од фризер).
Но во мозокот, во тој јавен клозет,
гомната се прелеваат од сите страни.

Пристојно, полумладо, исправено тело,
со природна, небилдана, атлетска става,
но внатре во гробницата во стомакот,
се распаѓаат органите на идниот костур.

Дебели бузи и полуширока насмевка.
Скап порцелан на влезот на кујната.
Но подлабоко, онаму зад елементите,
смрди како од отворен контејнер.

Убави чевли купени од Шпанија,
во нив прсти со неисечени нокти –
веќе одамна ги дупнале чорапите
и наскоро ќе наебат и чевлите.

Добрина во очите до искреж искрени
(велат биле огледало на душата), и да ја
крие зад темни очила ќе биде бадијала –
добрината е придавка што не се прикрива.

 

Збор

1
Збор, одвратно нешто.
Планина и кошмар.
Незабележлив помеѓу
два скромни збора
и одвратно моќен кога
е во лошо друштво.
Способен да разгали и да гушка,
да го измени среќниот крај,
да го исплеска убавиот живот.
Можете да се правите
дека не знаете да читате,
можете да се правите наглув,
но тој ќе биде секогаш тука
и ќе демне пред некој извичник.

2
Боже, колку е сè глупаво.
Што да им речам на пижамите?
Дека никогаш повеќе нема да ни
биде исто кога ќе си легнуваме?
Што да му кажам на креветот?
Па и тој самиот е само убав збор
(сè додека не му ја постелат смртта).
Збор, понекогаш е многу подобро
да се проголта, па дури и да е одвратен,
црн, никотински искашлок.
И што има со него врска вистината?
И што е тоа вистина?
Ако пече нечии совести и усни
нека не ми ги чепка ушите.
Пуштете ја во недостапни пештери,
напишете ја во апстрактна форма,
објавете ја никој да не ја прочита!
Што сакате правете со неа,
само немојте да ја стуткате во еден збор,
кој составен од неколку смртоносни куршуми,
убива, убива, убива, убива.

29/06/1999

 

Ама ме вози ова

Се возиме, се возиме.
Првин се смееме,
па трепериме.
Mолчиме а пееме.

A потоа пееме,
пееме и се смееме.
И сè така убаво
и сè така најубаво.

Слушаме музика
па претекнуваме,
па застануваме,
а не заостануваме.

Што убавини, што мераци,
што слатки милозвуци.
Да ви даде Господ и вам
вакви курташаци.

1986

 

Преку лопата ми е од снегов

Преку лопата ми е од снегов.
Ептен се испозанесе.
Не бира ни простор, ни подлога.
Паѓа кај што треба и кај што не треба
(и стално кога не треба).
А се знае уште од времето: снег на
планините, дожд во котлините.

Ако е ова глобално затоплување,
тогаш јас сум Јети.

16.12.2010

 
Кругот е затворен (уште на отворање)

Колку си попознат поет толку повеќе патуваш.
Во секоја саглам држава има барем по еден голем
поетски митинг. И (што би се рекло) колку денови во
годината, толку поетски фестивали во кариерата.
А тие не те канат бадијала. Не, нема теорија.
Знаат тие кое име ќе им ја збогати програмата.
(Во поинаков случај би ме викнале и мене.)
И нормално, колку што даваш, толку и земаш.
Инакви култури, религии, други митологии,
традиции,
но сепак слични луѓе, споени во безграничниот
венец на поезијата.
Учиш, растеш, еволуираш. И нормално,
стануваш сè посветски и посветски поет.
Без разлика што читателите (потоа,
после тебе) ќе ги паметат само твоите
први песни, напишани во младоста,
во твоето родно село.

 
Ако случајно ми заѕвоните на врата

Ако случајно ми заѕвоните на врата,
ќе ја подотворам колку да ја протнете
главата и ако добро го поднесете ударот,
ќе ве легнам на патос и ќе ви истурам
бокал студена вода врз главата.
Зависи, некогаш знам да бидам и многу понежен.
Можам, да речеме, да ве вклучам во струја
или пак да ви барабанувам по стомакот.
Можам да ве врзам за кауч и да ви го раскажувам
детството на еден сериски убиец;
и доколку не посакате веднаш да ве ликвидирам,
ќе одиме со нешто повесело и пострашно.
Ќе ви покажам слика на премиерот и детективски
ќе ве запрашам: кој од нив тројца е убиецот?
Или за промена, ќе ви пуштам домашни филмови
и најпристојно ќе ве замолам накратко да ми ја
раскажете содржината.
Ако и тоа ви појде од рака, ќе ве поштедам од формалности
и ќе ве фрлам од највисоката зграда во градот.
И доколку ударот го амортизирате со насмевка
и рамнодушно ја затресете правта од алиштата,
мавтајќи ми со другата рака,
бидете сигурни дека ќе ве удостојам со поздрав,
доколку некогаш случајно ве сретнам на улица.

97/98


Тој

Ги жали сите ултранационалисти.
Ги жали и религиозните фанатици,
Бог да им прости!
Ако патриотизмот и религијата се домашно
воспитување тој се радува што е невоспитан.
Вели:
„Традиција, култура, гени, наследство... ОК,
oд тоа и да сакам не можем да избегам,
но величање до забегување...
Јас сум граѓанин на светот па дури
и ако не мрднам од Кисела вода.
А тоа што сум дарвинист не значи
дека по дифолт сум и антихрист...“
Па вели:
„Без вери, религии и граници, за тоа сум јас.
А ултранационалистите и религиозните фанатици?
На едните не би им дал да мрднат од државава,
а другите, другите би ги распнал на крстови,
па нека воскреснат ако се фраери.“

Тебе ти е супер

Твојот пат го тапкаш сам, со години.
Секоја песна е твоја асфалтнина.
Ти си валјак и знаеш до кај ти
стига чергата.
Сето останато е патарина.

(крај)

Кон првиот дел

Песните во овој избор до сега не се објавувани и за прв пат се појавуваат на Окно.

Слики: Scott Listfield 

Јовица Ивановски (1961, Скопје) до сега има објавено девет збирки поезија: Зошто мене таков џигер (1995), Градот е полн со тебе (1997), Чуден некој сончев ден (1999), Три напред, три назад (2004), Двоен албум (Во сенката на билбордот и Сладолед во недоглед, 2005), Стремеж за дремеж (2007), Ветер и магла (2009) и Со сламка во уста (2011). Негова поезија е објавувана во периодиката и во две антологии на македонската поезија (во Белгија и Австралија).

Избори од поезијата: Open the Window and Let the City Breath a Little (на англиски, 2002) и Избрани песни (на македонски и англиски, 2002), Деновиве ако не и утре (на македонски и англиски, 2009).

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото