Светски ден на човекови права

10.12.2012 12:26
Светски ден на човекови права

Во насока на едуцирање и запознавање на луѓето со своите човекови права и бранење на истите, денес се одбележува Светскиот ден на човекови права. Денот е востановен пред 64 години кога на овој датум, 10 декември, во 1948 година Обединетите нации ја усвоија Универзалната декларација за човекови права. Иако декларацијата не е обврзувачки документ, таа поттикна донесување на многу договори за човекови права и влијаеше на однесувањето на владите во светот.

И покрај тоа, денес многу заедници се соочуваат со маргинализација и дискриминација во своите општества. По повод денешниот ден ЛГБТ заедницата во Македонија упати писмо до медиумите во кое порачува дека сите луѓе во земјава не се соочуваат со ист третман. Истакнуваат дека ЛГБТ поединецот сè уште има проблем при неговото асимилирање во општеството и дека му се заканува исклученост од сите сфери на општественото живеење, како семејството, кругот на пријатели и работната организација. Според ЛГБТ заедницата, во државава нема позитивна клима за толеранција и прифаќање на различните сексуални ориентации што е јасно видливо во односот и воздржаноста на политичките партии кога станува збор за одбрана на правото на родовиот идентитет.

Во рамките на одбележувањето на овој ден и Обединетата Македонска дијаспора почувствува потреба да укаже на поттиснувањето и деградацијата на македонското население во соседните балкански земји. Тие упатија порака до Обединетите нации и Европската унија да го насочат својот притисок кон владите на Албанија, Бугарија, Грција, Косово и Србија, за да обезбедат почитување на меѓународните стандарди за човековите права, вклучително и за македонските заедници во нивните држави.

Извор: www.plusinfo.mk

ОкоБоли главаВицФото