Атеистите дискриминирани ширум светот

11.12.2012 09:09
Атеистите дискриминирани ширум светот

Атеистите и другите религиски скептици се жртви на прогон и дискриминација во многу делови на светот, а во најмалку седум земји поради своето убедување можат да се соочат и со смртна казна, ако го обзнанат јавно, велат резултатите од извештајот на Меѓународната хуманистичка и етичка унија.

Истражувањето кое го спроведе оваа организација покажа дека државните установи и припадниците на официјалните религии во некои исламски земји применуваат остри, а понекогаш и брутални методи кон „неверниците“.

Извештајот со наслов „Слобода на мислењето 2012“ кој се протега на 70 страници, покажува дека во светот и денес постојат закони кои на атеистите им го забрануваат правото на постоење, им ја ограничуваат слободата на верување и изразување, им го ускратуваат правото на државјанство и им го ограничуваат правото на склучување брак. Тука се и законите кои на атеистите им го отежнуваат пристапот до јавното образование, им забрануваат извршување јавни и државни функции, го казнуваат критикувањето на верите, и ги прогонуваат затоа што ја отфрлиле верата на своите родители.

Исламските земји

Истражувањето спроведено во 60 држави покажа дека лицето кое се изјаснува како атеист или се откажува од официјалната вероисповед може да биде казнето со смрт во Авганистан, Иран, на Малдивите, во Пакистан, Мавританија, Саудиска Арабија и Судан, иако не се наведуваат нови случаи на извршување смртна казна поради атеизам. Некои исламски земји потполно и строго го забрануваат изнесувањето на атеистички или хуманистички ставови за религијата, според загонот кој забранува „светогрдие“.

Во некои држави, на пример во Малезија, државјаните мораат да се регистрираат како припадници на исламот или некоја малцинска вероисповед како христијанството или јудаизмот, а атеистите мораат да лажат доколку сакаат официјални документи потребни за студирање, патување во странство или возачка дозвола.

Состојбата во т.н. секуларни држави

Од друга страна, европските држави и државите во субсахарска Африка, Латинска и Северна Америка важат за секуларни држави, но сепак ја фаворизираат христијанската црква во пристапот до образование и други јавни функции, вели извештајот. Во Грција и Русија државата горливо ја штити православната црква од критика, а на црквата ѝ дава уважено место на државните празници и свечености. Во Британија бискупите на Англиканската црква автоматски добиваат место во горниот дом.

Во САД слободата на вероисповед е декларативно заштитена, но во општествениот и во политичкиот живот атеистите и неверниците сеедно се сметаат за помали Американци или неамериканци. Во најмалку седум американски држави уставните одредби им забрануваат на атеистите да извршуваат јавна функцијa, а во една држава - Арканзас, на сила е закон кој им забранува на атеистите да сведочат на суд.

Извор: www.iheu.org/