Самиздат и самодат (1)

11.12.2012 14:26
Самиздат и самодат

Со колективот Шкарт (Ѓорѓе Балмазовиќ Жоле и Драган Протиќ Прота) разговараме по повод скорешната годишнина - четвртиот роденден на Песничење, а ретроактивно по повод гостувањето на Давид Албахари и наведениот колектив на вечерта на печатирање и поетирање во Букса (Загреб, 11 септември).

Самиздат и самодат - одговорна акција


Како што наведувате на вашата веб страница, основани сте како колектив во 1990 на Архитектонскиот факултет во Белград. Ете, потсетете нè, по не знам кој пат, како дојде до здружување и како до проникнување на дизајнот и поезијата во тие први колективни настапи. Наведеното потсетување се однесува на младата генерација која исто така беше видлива во Букса; навистина, во нешто помала мера од онаа генерација која во тие воени години беше во најубавите дваесетти, но политичкиот кретенизам им го одзеде она што животот бесплатно им го нуди - младоста, а на многумина за жал и животот.

-Жоле: На Архитектонскиот факултет, каде што студиравме, откривме графичко ателје, скриено во ликовниот кабинет, го исчистивме од дводецениската пајажина и го замоливме професорот да нè научи на графичкиот занает. Вежбајќи го занаетот, техниките на бакропис, акватинта, сува игла, линорез и линогравура, експериментиравме со зборовите и сликите. Еден од нас веќе пишуваше песни, другиот сакаше да црта, и тогаш го комбиниравме тоа - правевме песни кои „изгледаат“, нешто налик на сигналистичка поезија. Тоа се и почетоците на нашиот „дизајн“.
-Прота: Самиот процес на печатење на графиката е бескрајно тежок и занаетски сложен. Студено и топло подготвување на плочата, потопување на хартијата, подготвување на киселината украдена од хемискиот факултет, која се меша со гускино перо... И секогаш бришење, бришење, бришење. Тони отпадоци заради неколку перфектни отпечатоци. Сфативме дека во тој процес, всушност, повеќе нè интересира грешката, трагата на процесот, отколку самиот нумериран самозадоволен отпечаток. Затоа тогаш и се нарековме ШКАРТ.

Самиздат - Самодат!

Како дојде до занимавањето со визуелна поезија, но истовремено и свртеноста кон организирање иницијатива од социјален карактер; притоа често истакнувате дека дејствувате како мултипрактик организам. На кој начин во тие почетоци на социјален ангажман ја вклучивте и својата поезија?

-Прота: Уште во 1991 излегоа „Песните кои побегнаа“, самиздат книга во седум примероци во едицијата „Не мора ништо за почеток“. Секоја од дваесетте песни имаше своја причина за бегство, меѓу другите, „Песната која побегна зашто не ги трпи двете соседни песни“. Доаѓаше време на ескапизам, отстапување и засолнување во заштитени, лични простори. После тоа искуство на библиофилски книжен молец кој не доаѓа до никого, освен до седум избрани адреси, одлучивме да тргнеме баш контра. Јасно и гласно, на улица, меѓу неодбраните.
-Жоле: После 1992 Прота напиша циклус од 23 песни кои ги нарече Таги - Тагата на потенцијалниот патник, Тагата на потенцијалниот зеленчук, Тагата на потенцијалниот победник, Тагата на потенцијалните потрошувачи итн. Настанаа како реакција на лудата политика која ја одведе Југославија во војна. Ги отпечативме на сито-печат, рачно ги испечатиравме и излеговме на улица да ги делиме. Првин луѓето, повеќето од нив, веднаш ги фрлаа во првата корпа за отпадоци...
-Прота: Ама подоцна веќе почнаа да ги собираат и разменуваат, да патуваат со нив и да ги закачуваат на разни места... Така улицата дефинитивно стана наш главен простор за дистрибуција. Самиздат - самодат!


Акција на машките везилки, автобус Скопје-Битола, лето 2007

 

Машки везилки

Кој сè го сочинува колективот; имено, тука се, на пример, жените и мажите кои што везат, односно често наведувате дека Шкарт е амебоиден организам. Ме интересира понатаму кои се мажите кои што везат и дали уште ги везат оние кујнски крпи за на ѕид, кои нашите баби обично ги ставаа над или покрај белиот „штедњак“ Горење?

-Жоле: Колективот го сочинуваме неколкумина. Секогаш сакавме да работиме во поголеми колективи. Имаме многу соработници. За нас е многу важно да ја споделиме работата, мислењето и искуствата. За жал, машките везилки не се редовни во својот вез. Во 2007 и 2008 направија неколку јавни акции, но од тогаш се улежаа.
-Прота: Леле, баш не си во право. Еве, баш деновиве се договараме да продолжиме повторно. За разлика од женските соработнички, везилките на нови Куварици и везови за на ѕид, кои своите дела ги прават дома и потоа јавно, веќе готови, ги изложуваат на улица или сценски ги претставуваат на јавни настапи, машките везилки веќе со самото свое име иритираат. Акциите се секогаш на јавен простор, ресторан, плоштад, машка берберница, автобуска станица, воз, секаде каде што мажот не би требало „женски“ да седи и да везе. Го правевме тоа секаде, од Белград до Азербејџан, и секогаш реакциите беа различни. „Таков никогаш нема да се ожениш“, дофрлаа на пазар во Грузија, „ова е крај на светот“, извикна еден човек во Гдањкс кој нè виде нас петмина како веземе на клупа на главната улица.

Деца, четврти роденден и Песничење

Кажете ни накратко нешто за акцијата Песничење, за чиј што наслов наведувате дека настанал како игра со зборовите кои означуваат борба со тупаници и поетската средба во која се сретнуваат мултипрактик поетски изрази. Имено, поднасловот на тие Песничења гласи Тренинг за активна поезија, во смисла судир на разнородни поетски форми.

-Жоле: Песничење е сцена отворена за сите кои сакаат да излезат и да ја кажат или испеат својата песна. Таа вклучува и излагање на јавни граѓански предлози или коментари, претставување на кратки филмови, кантавтори, нови музички групи. Тука се сретнуваат или се судираат, не само разнородни поетски форми, туку и изведувачки форми - читање поезија, пеење, перформанс, краток филм и илустрација (како позадина за изведувачите).
-Прота: Во ноември работно го славиме четвртиот роденден на Песничење и триесет и осумте издадени книги од истоимената едиција самиздат. Книгичките се печатат со парите собрани од влезниците и се делат бесплатно на следната приредба и по школите. Перпетуум мобиле во пракса.
Инаку, правиме и Детски песничења, како и Селско-школски песничења. Пред неколку дена бевме во селото Рошци на планината Каблар во основно училиште кое не е реновирано од 1931 година. Клинците се навистина неверојатни. Тука гледаш дека младите селски деца имаат исклучително побогат речник и посвоеглави поетски форми. После училиштето, во инсистирањето на униформност, сите тие неисчешлани идеи систематски се сечат и се вкалапуваат. Се обидуваме да ги извлечеме на време. Веќе објавивме книга со детска селска поезија, „Од мостови никогаш доста,/ на секоја река по три моста“.

Визуелна, перформативна и поп-културна поезија

Притоа како поетска форма која ја избра Шкарт обично се истакнува визуелната поезија. Кажете ми, кој е денес освен вас во вашата земја посветен на таа поетска форма?

-Жоле: Да, одговорот на ова прашање е даден на почетокот на текстот. Но, може да придодадеме дека отворањето кон визуелната поезија дојде делумно поради влијанието кое врз нас го имаше концептуалната уметност од 70-те. Меѓутоа, ние не го следевме ниту проучувавме тоа добро премногу добро (барем не јас), туку самите експериментиравме. Всушност, имавме некакви печати со букви купени во Чехословачка, и потоа си игравме со тие печати, пишувајќи песни. Можеби е најдобро да се земе тоа за почеток.
-Прота: Нè интересираше не само визуелната, туку и перформативната, па и поп-културната поезија. Мило ми е што токму по тој пат, со раните панк-експерименти со собниот бенд Весели утописти, основан со школската другарка Наташа Станковиќ, сега учителка, ги пробив првите огради на изведувачката уметност и употребноста на поезијата.
Што се однесува до домашната сцена, ја наслушнуваме преку Песничење и секогаш обработуваме нови, непредвидливи форми. „Го барав тато во калта“, ни рече една депресивна професорка по книжевност, читајќи ја мрзливо својата песна, пролетва, во едно село. Таткото алкохоличар кој ја злоупотребувал, неодамна умрел, и таа со песната се пресметува со сите талози на минатото. Со скриен поглед, мрсна коса, растегнат џемпер, но и со глас на побуна, беше најсилната визуелна песна која сум ја видел во последно време.

Понатаму, како мото на своето дејствување го наведувате слоганот „архитектура на човечките односи“. Кажете, каква е денешната архитектура на човечките односи на овој „европски“ Балкан? Би можела ли да се опише, како што Крлежа тоа постојано го варираше во своите дијагнози, како дилувијална ноќ над нашите урбани пештери?

-Жоле: За нас архитектурата на човечките односи е работа на меѓусебниот однос за време на работата, за заедничката работа да ни биде што попријатна. Односите помеѓу луѓето ни се поважни од самиот производ. Ако самата работа е задоволство, многу е веројатно дека и резултатот ќе биде добар. Така ние мислиме, што не нè спречува често да влеземе во расправии обидувајќи се да ги аргументираме своите идеи.
Не знам каква е архитектурата на човечките односи на овој Балкан - повеќе не знам каква е во нашето непосредно опкружување (не мислам на работата во група, туку на средината во која живееме). Во средината во која живееме архитектурата на човечките односи е лоша. Солидарноста драматично ни недостига.

(продолжува)

Извор: Zarez

ОкоБоли главаВицФото