Култура, политика, демократија

11.12.2012 13:53
Култура, политика, демократија

Многумина Европјани не се доволно свесни дека моќта на Европа не е содржана само во стопанството, туку и во нејзините културни, социјални и либерални традиции. Денес, овде во Скопје, „на рабовите на цивилизацијата“, чекајќи уште еден сигнал дали воопшто некогаш тврдината ќе биде отворена и за нас, можеби е соодветно уште еднаш да потсетиме на важноста на културата за европските политики, како и за поврзаноста меѓу културата и политиката.

Нагласувајќи ја важноста на двојниот процес на реформирање и реафирмирање на европските културни вредности, декларацијата под наслов Reformation and Reaffirmation од годишната конференција CultureWatchEurope, одржана на Блед во декември 2011, опфаќа шест основни принципи на европската уметност и култура. На Европа ѝ е потребна култура која ги брани темелните човекови права и демократијата; потребна ни е култура на креативната и инвентивната работа, што е европска посебна способност; потребна е слободата на културното истражување, изразување и движење; мешана економија за јавната, комерцијалната, доброволната и неформалната култура; вложување во културните истражувања и во развојот коишто се столб на културната политика; потребни се уметници и културни актери кои ќе ги одредуваат етичките одговорности на управувачите.

Во февруари 2012 потпишана е и втора декларација која, на иницијатива на францускиот министер за култура и комуникации, ја потпишаа европската повереничка за култура, медиуми, млади и спорт, и 22 министри за култура на ЕУ - , на културата. Декалогот содржи десет насоки/мерки за културата во Европа: афирмација на европскиот идентитет во неговата разноликост, осигурување на потполната слобода на творештвото, афирмирање на културната демократизација (пристап на сите и на секој кон културата), борбата против пиратството во сферата на авторските права, јакнење на уметничкото образование, заштита на пазарот на уметнички дела и културните индустрии од секој трговски монопол, поддршка за дигитализацијата како нова можност за дифузија и создавање нови форми на уметничко изразување. Нагласувајќи дека „творештвото, уметноста и убавината претставуваат основна инвестиција за иднината“, како десетта заповед декларацијата ја повикува ЕУ да го консолидира, односно да не го намали буџетот за програмата на културата и медиумите, за тие програми да можат да одговорат на потребите и надежите на Европјаните.

Раководењето со македонската култура има сосема поинакви насоки од европските. Кај нас културата пред сè се сфаќа како фасада и како културен инженеринг. Режимот мисли дека смислил добитна комбинација злоупотребувајќи ја културата истовремено за пропагандни и националистички цели (двете во функција на јакнење на режимот). За разлика од новите европски политички императиви кај нас етничкото потекло и надуеното „прашање на идентитетот“ сè уште се почетокот и крајот на сите политики. Но, ако се занемарат демагогиите и манипулациите, единствената реална културно-политичка програма на сегашниот македонски режим е - етничкиот идентитет. А како што рече филозофот Милан Кангрга, националноста или националната припадност не може да биде политичка програма или политичка основа на општествениот живот, освен во нацизмот и фашизмот, каде што на дело е ѕвералник, а не политика!

Сепак треба да се признае, и покрај тоа што ЕУ е нашата веројатно последна веродостојна шанса да преживееме како некаква поорганизирана форма на заедница, дека со слични проблеми се соочуваат и Европјаните. И таму исчезнува средната класа, се намалува бројот на работните места, се намалуваат социјалните права и општите јавни сервиси. Францускиот филозоф Балибар мисли дека е последен момент Европа да го фати курсот на постнационална федерација која ќе биде јавна управа, а не држава предводена од политичари и стручњаци. Според Балибар, за воопшто да опстане, но и за да го задржи глобалното влијание, Европа мора да ја осигура реалната еднаквост меѓу народите и да се бори против реакционерниот национализам.

Нов полет на општите демократски процеси, смета Балибар, не можат да дадат побожните говори за „граѓанската свест“, за „постнационалноста” или за „европскиот проект”, туку автономните мисловни и акциони иницијативи. Европа не може да биде создадена исклучиво одозгора, ниту може да биде препуштена на новите популизми кои божем конечно ја откриваат новата победничка формула: “ни левица, ни десница”. Според Балибар, во мислите, во инвенцијата, во борбите треба да отвориме цела низа градилишта на граѓанскоста. А смислата на денешниот интернационализам е во тоа на тие градилишта да им понуди максимум јасност и интензитет, за одново да се отворат можностите кои ги даваат историјата и политиката.

Жилиен Бенда (познат по своите полемики против „предавството на интелектуалците“), своите согледби од раните триесетти години ги прошири со повикот Европјаните да почнат да ја развиваат одбојноста кон страста спрема себеси. Без новиот рационален човек нема да има интегрирана Европа. Наместо еднозначниот идентитет на нацијата или културата на народите кои ја сочинуваат Европа сè попотребен ќе им биде „рефлексивниот идентитет“, втемелен во рационалноста.

Денешните општествени судири и политичките борби веќе не познаваат некаков носечки антагонизам на кој можат да се сведат сите други општествени судири. Најпосле, и самиот терен на политичката борба стана неодреден. Веќе никој просторот на политичкото не може да го одвои од сферата на културата (која порано ја сметавме за автономна), ниту обете сфери можат да се држат на дистанца од сферата на економијата. Една радикална слика за промените во релациите меѓу културата, политиката и економијата дава Славој Жижек кога тврди дека популарната култура е политиката за 21 век. Оваа теза наоѓа упориште во процесот кој често се опишува како културализација на политиката, каде што политичката интервенција се преместува кон уметноста, разновидните социјални движења (феминизам, екологија итн.), додека јавната сфера се мери низ аршините на културата.

И низ еден друг, демократски, ракурс, важна е забелешката на Жижек. Ми се чини дека и низ културата новите граѓански иницијативи треба да ја враќаат политиката кон демократијата. Оти, политиката и демократијата се синоними. Деполитизацијата е основната цел на антидемократската политика, некогаш и денес. Деполитизацијата, т.е. безусловното барање „работите да се вратат во нормала“ при што секоја индивидуа си ја работи својата работа, ги умртвува човечките енергии и ги намалува слободата и учеството. Ако политиката одново почнеме да ја разбираме како демократија, поголема е можноста ненадејната провала (избликот) на политиката да го поткопа она што Рансиер го нарекува полициски (или редарствен) поредок, востановениот општествен поредок во кој секој дел е вклучен на нему соодветен начин. Мој впечаток е дека културата може да го помогне, да го засили избликот на демократската политика. Според мене, тоа е една од нејзините најважни општествени функции.

Слики: Matt Duffin

ОкоБоли главаВицФото