Самиздат и самодат (2)

12.12.2012 09:05
Самиздат и самодат (2)

Акции, перформанси

Да се задржиме на вашите изведби, акции и перформанси. Имено, како одлучивте да ја промовирате и изведбено таа архитектура на човечки односи, потсетете нè на првата јавна акција на Шкарт.

-Жоле: Првата јавна акција беше лепење плакати во 1991 година по улиците на Белград, секој понеделник околу 4 или 5 часот наутро. На плакатите, кои беа изработени во сито печат во мал тираж, беа нашите песни, исцртани или напишани со гумени печати. Акцијата беше проследена со радио џингл кој одеше на радиото Б92 во емисијата Блок за скицирање на Дарко Радосављевиќ.

Како ги конципиравте изведбите под називот К/Хорови?

-Жоле: Хоровите настанаа во 2000 година, со желба да се прошири бројот на соработници. Музиката, проследена со соодветен текст (или обратно) може полесно да ја пренесе пораката. Повторно улицата беше нашето главно место за изведување, зашто сакавме да нè чујат сите, случајните и намерните минувачи. Исто така, важно е да се каже дека сите можеа да пеат - никогаш никој не беше проверуван дали има или нема талент за музика. Значи, сите можат да пеат!!
-Прота: Долго пеев во хорови и се сеќавам на сите тие грозни униформи и репертоари. Хихихи, нашиот хор имаше бели синтетички ролки и црвени лабаво врзани вратоврски. Хиерархијата на светиот диригент никогаш не се доведуваше под прашање. Затоа решивме од училишното социјалистичко искуство да го извлечеме најдоброто - колективниот дух, антифашистичкото и акцијашкото наследство - и да го вкрстиме со новите форми на концептуални настапи, активизмот и субкултурните музички форми.

Понатаму, како ја конципиравте акцијата Your shit your responsibility и акцијата нахранете се?

-Жоле: Your shit your responsibility е акција со која во 2000 година сакавме да обрнеме внимание на личната одговорност. Настана како плод на соработката со белгискиот фотограф Петер Де Брејне, кој нè замоли да направиме нешто со што ќе ги маркираме безбројните кучешки гомца на улицата пред нивниот стан во Брисел. Тогаш ние смисливме знак, половина човек, половина куче, на кој го додадовме слоганот „Твое гомно, твоја одговорност“ - сакајќи да кажеме дека секој е одговорен за она што го прави. Направивме налепници, плакати, беџови и знаменца, кои ги забодувавме во кучешките гомца по улиците. Некои улици беа преполни со тие знаменца на кои пишиуваше „Твое гомно, твоја одговорност“.
Акцијата Нахранете се настана како желба да се запрашаме - до кога може да издржиме? Што е потребно за човек да се реши на акција? Колку беда и јад човек може да поднесе и истрпи, пред да каже - сега е доста! Затоа во 1999, која беше уште една во низата мизерни години, ги направивме тие плакати каде што напишавме - Нахранете се! Облечете се! Згрејте се!, затоа што тие основни човечки потреби тогаш изгледаа како речиси невозможни за повеќето луѓе.

Кажете ни нешто за акциите Купони и Прошетка.

-Жоле: Купони настанаа во 1997, во почетокот како решение за фестивалот посветен на Вилхелм Рајх кој се викаше Страст за живот. Првиот купон беше купон за оргазам. Потоа уследија останатите купони кои беа купони за чувства, наместо за материјална вредност. Купоните исто така ги делевме на улица на минувачите, со објаснување. Следеа купони за чудо, за против, за отпуштање, за страв... Тие беа како некакво помошно средство за комуникација.
Акцијата Прошетка ја сочинуваат картончиња кои ги направивме во мигот кога полицијата ја блокираше главната улица во Белград со намера да ги спречи демонстрантите да шетаат. Картончињата беа охрабрување дека прошетката мора да биде слободна.

-Прота: Тие пропусници за слободно одење во сите правци ги правевме во собната работилница, рачно ги печатиравме и ги делевме на улица, за време на 88-дневниот протест во 1996/1997 година, во раните утрински часови кога на улиците ги немаше салонските шетачи-демонстранти, туку само најупорните, анонимните активисти. Рачно ги печатиравме и ги делевме на најупорните, ранобудни анонимни демонстранти, за време на 30-деноноќното константно стоење во акцијата Кордон против кордонот, со чиј пробив демонстрациите и завршија.

Акција со Давид Албахари

Со Давид Албахари соработувавте во вашата прва акција Тага од 1992 година. Како е конципирана таа вистинска акција и како дојде до оваа повторна соработка во Букса каде што Давид Албахари се претстави со мултимедијално интерактивно дело, а вие на бројната публика ѝ се претставивте со мултимедијалната изведба Песни кои побегнале од своите самиздат изданија.

-Прота: Некое време графички го уредувавме Книжевен збор, каде што соработуваше и Албахари. Таму и го замоливме да ни ги преведе Таги на англиски. Жоле веќе зборуваше за ова. Освен самите книжулиња, изведувавме и радио-таги на Студио Б во радио Б92, и лепевме плакати со фото-документите на Весна Павловиќ. Акциите траеја девет месеци, заклучно со Тагата на потенцијалното поле, акција за закачување песни на сред нигде, во поле, на стебленца од сончоглед, со оглед дека обајцата сме од банатските рамници.
Непосредно пред настапот во Букса почнавме со Албахари да работиме на серија потписни печати. Се среќаваме во иста слаткарница, јадеме кремпити и смислуваме луди печати. Премиерно се користени во Букса, како и хорот на кокошки, штотуку основан. Но, за тоа некој друг пат...

Своите акции обично ги одредувате како улични самиздат/самодат акции. Која група, колектив од вашата земја подеднакво би ја одредиле со таа изведбена стратегија?

-Жоле: Не познавам доволно групи и колективи кои се занимаваат со слични акции.
-Прота: Има одлични еднократни акции. Врањанската група негува акции на неделење ништо, всушност - мавтање на непознатите покрај патот и покрај пруга. Последен пат кога ги видов, плачев два часа во автобусот, сокриен зад онаа правлива прозорска завеса. Саша Марковиќ Микроб имаше генијални акции на делење маски-визуелни песни. Веројатно ги има уште...

Жени во црно, Магнет, Лед Арт...

Каква е ситуацијата денес со Магнет или пак колективот Лед Арт? Дали меѓусебно соработувавте на некои проекти? Магнет многу често истакнуваше дека нивната цел е на јавноста, односно нам, како на молчалива и тромава маса, да ни претстави креативен и ненасилен начин за масовна борба против тамошниот тоталитарен режим, односно како што често Нуна Поповиќ истакнува, дека секоја акција отсекогаш ја имала во фокусот субверзијата на некои центри на моќ на тој режим: Слободан Милошевиќ, полицијата, РТС, САНУ, Здружението на книжевници на Србија, СПЦ, Народната банка на Србија, политичката опозиција.

-Жоле: Не знам што се случува со Магнет или Лед Арт, но многу го ценам нивното дело. Тие покажа храброст кога требаше. Со Лед Арт соработуваме повремено кога работиме со Жени во црно, храбра активистичка група.

-Прота: Присуствувавме на онаа акција и апсење на Магнет, ФалуСоба. Се сеќавам дека им се јавивме на родителите на еден пријател, удрен па уапсен, да не се грижат ако синот не им се врати дома таа вечер - „само е уапсен“. Денес се читливи тие наши стратешки разлики: Магнет и Лед Арт одеа гласно и аргументирано во јавноста и медиумите, а ние инсистиравме на анонимност. Оттаму ни е, веројатно, и континуитетот и постојаната промена на формите на акција. Ако си непрочитан до крај, новиот збор е дозволен и можен.

Како го коментирате тоа дека, на пример, монографијата на колективот Магнет сè уште не може да се купи во ниту една загрепска книжарница, ниту да се позајми во библиотека во оваа наша пропадната земја?

-Прота: За Зарез дознав од еден пријател од Културниот центар Точка во Скопје! Во Загреб никој не ве споменуваше. Исто е, за жал, и со Магнет. Пред два дена, случајно, прв пат ја видов нивната монографија, срамежливо сместена на една зафрлена полица во една белградска книжарница. Никој не ми ја спомена ниту ми ја препорача. Би сакал да читам некои прикази или коментари. Но, ние го немаме ниту Зарез и навистина сме љубоморни, да знаете. Не чекајте да реагираат на Магнет салонските книжарници. Повикајте ги на некаков разговор. Поврзете се сами.

Познато е дека на дванаесеттото венециско биенале за архитектура, во 2010 година, ја претставивте својата земја со проектот Лулашки - полигон за нерамнотежа. Колку наведениот настап ви ги отвори вратите на светските изложбени центри?

-Жоле: Не премногу, а искрено, не знам што би правеле со тие отворени врати на светските изложбени центри. Во 2011 бевме повикани во Лондон, на изложбата Urban Psyhic Garden, каде што лулашките им стоеја стоеја на располагање на граѓаните да си играат во текот на трите летни месец, во друштво на прекрасна градина со билки кои се добри за здравјето. Тоа беше убава, едукативна и забавна изложба, градината и лулашките во центарот на градот. А наша најголема желба беше лулашките да се инсталираат некаде и децата и возрасните да можат да си играат. Неодамна во Битола направија две лулашки според нашите цртежи и тие лулашки останаа таму во паркот. Ни причинува задоволство кога нашата работа може некому да му користи.

Минатата година во склоп на риечката резиденцијална програма Камов учествувавте на фестивалот Хартер каде што ја изведовте вашата програма Песничење, тренинг за активна поезија, која собира поети надвор од главните литерарни текови. Со кои локални, риечки поети/поетеси остваривте соработка?

-Прота: Беше бурно и предолго, но не можевме да ги скратиме настапите на повеќе од 20 учесници. Гостуваше и пулската група поети, Марко Штрк, Бруно Брежац, Олег Мохоровиќ, Олег Шуран, Милица Шабановиќ и неодоливите браќа Богуновиќ од загрепската Радост. Риечката група ја собравме со помош на здруженијата Молекул и Катапулт, како и Кристина Посиловиќ и Алена Капиџиќ. Учествуваа и J-Zlo, Тондини, Бригита Каргоња, Кристина Посиловиќ, Дарио Абрам, Иван Бујан, Антонија Мартинчиќ, Миодраг Вучиниќ, Дорис Панџиќ, Зоран Крушвар... Соработката секогаш продолжува. Сега на белградското песничење настапи риечката поетеса Теа Тулиќ.

И завршно, каква е состојбата на вашата акционистичка и перформерска сцена што се однесува до социјалните изведби на протест?

-Прота: Во моментов поголемо внимание се посветува на алтернативната едукација која, се надевам, допрва ќе ги донесе своите резултати. Од праксата во континуитет би истакнал две женски групи: Жени во црно, кои веќе 20 години во разни форми ги изведуваат своите улични протести и ја шират активистичката мрежа и Act Women
+ Жени на дело, кои со години работат на 15 денови активизам, едукативно-протестна-перформативна програма по разни градови и села. Охрабрува и новото вмрежување на алтернативните хорови на цела екс-ју територија. Важно е да учиме едни од други, да ги обединуваме силите и да излегуваме од сигурните пазуви. Јас, да речеме, по нешто научив токму од навидум неспоивите Параф, Полет, Стилиновиќ, Арсен и WHW-овци. Одиме понатаму.

(крај)

Кон првиот дел

Извор: Zarez

ОкоБоли главаВицФото