Интелектуалците во Шпанската граѓанска војна (1)

12.12.2012 17:00
Интелектуалците во Шпанската граѓанска војна (1)

Ќе се обидам да го согледам проблемот на интелектуалците во Шпанската граѓанска војна во контекстот на историјата на Европа, историјата на светот, во периодот пред Втората светска војна. Ќе почнам од холивудскиот филм кој стана вечна икона на еден тип образовна култура, барем меѓу постарата генерација - Казабланка. Актерската екипа е позната, се надевам дека и вам ви се познати Хемфри Богарт, Ингрид Бергман, Питер Лори, Сидни Гринстрит итн. Репликите од овој филм станаа дел од нашиот дискурс.

Темата на овој филм е практично тема на моето предавање, затоа ако ја оставиме настрана основната љубовна врска, ова е филм за односите во Шпанската граѓанска војна и заплетканата политика на чудниот, но пресуден период во историјата на 20 век - времето на Адолф Хитлер. Рик, главниот протагонист, како што се сеќавате, се бореше на страната на републиката во Шпанската граѓанска војна. Од војната излегува поразен и циничен, го затекнуваме во неговото мароканско кафе, а завршува враќајќи се во борба во Втората светска војна. Накратко, темата во Казабланка е мобилизација на антифашизмот од триесеттите. А оние, кои над сите и најогнено ги мобилизираа антифашистичките сили, беа интелектуалци.

Тоа беше прилично комплицирана и чудна мобилизација. Како што знаеме, таканаречената Оска-Германија, Италија и Јапонија, на крајот беше поразена со воен, премолчен и краткотрајно идеолошки сојуз на капиталистичките САД, комунистичкиот СССР и старата либерално-буржоаска империјалистичка Британија. Но, тој сојуз навистина беше воспоставен дури во 1941 година, речиси девет години по преземањето на власта од страна на Хитлер. Всушност, тој им беше наметнат на сите сојузници со немилосрдната експанзија на силата на Оската, под водство на Германија. Хитлер им ја наметна војната на Британија, Франција, СССР и Америка, иако сите овие земји сакаа да ја избегнат. Фашизмот значи војна - така размислувавме во тие години кога бевме млади и бевме во право. Тоа беше очигледно од моментот кога Хитлер дојде на власт. Таква беше, барем за секого лево од политичкиот центар, и природата на нацистичкиот проект. Хитлер не го сокриваше тоа.

Логичниот одговор беше очигледен - да се обединат сите сили кои со која било причина му се противат на фашизмот. Таквата идеја ја сметам за очигледна и на крајот таквото единство е воспоставено, а тоа ја порази Германија на Хитлер. Ова е оспорувано од причина која не успеав да ја сфатам. Пред сите, од страната на покојниот Франсоа Фуре, во неговата книга Le passé d’une Illusion. Нештото кое го разбесни Фуре беше тоа што комунистите, а особено Комунистичката партија на Франција, имаа корист од ова антифашистичко единство и се наметнаа како главни носители на тој сојуз. Од оваа причина, Фуре ја негираше реалноста на антифашизмот. Го сметаше за комунистичко-тактички трик за придобивање на поддршката од либерално и демократски определените лековерници. Следејќи слична логика, некои се обидуваа да ја претстават политиката од триесеттите како тристран, наместо како бинарен конфликт.

Тие тврдат дека демократијата подеднакво се бореше против фашизмот на десницата и комунизмот на левицата, или барем тоа требаше да го прави. Но, тоа не беше случај. Изборот беше помеѓу две страни. И беше сфатен како избор помеѓу две страни. Оние кои се плашеа од нова светска војна, во Лондон, Париз и Вашингтон, во ниту еден момент не веруваа дека таа војна можеше да се води против кој било друг освен против агресорските сили, т.е Германија и нејзините потенцијални сојузници. Нема сомнеж дека Полска, Романија и малите балтички држави се плашеа од Русија и тоа со многу добра причина. Но, од глобална перспектива, Русија беше доживувана како противтежа на главната опасност, Германија. Либералите дури немаа опција да бидат неутрални. Најважната лекција од Шпанската граѓанска војна беше дека таканаречениот пропуст ѝ помогна на едната страна, во овој случај на Франко. Ова беше прилично очигледно за британската влада, која секако ја посакуваше победата на националистите, иако овој пат сакаше да го избегне формалното класифицирање со Хитлер и Мусолини против болшевизмот.

На францускиот премиер Леон Блум, исто така му беше јасно дека неволното прифаќање на пропустот, од аспект на внатрешната и надворешната политика, значи предавство за шпанската република. Тоа јавно го оправдуваше, тврдејќи дека тоа е единствениот начин да се избегне војната. Европа, говореше тој, беше на работ на војната во 1936 година. Но, тоа очигледно не беше вистина. Накратко, вистинската неутралност или еднаквото непријателство кон обемот на страните беше невозможно. Најпосле, тоа ќе го сфати и Сталин, од 1939 до 1941 година. Всушност, се разбира, либералното и демократското мнение не беше неутрално во конфликтот на овие две страни.

Во една анкета спроведена во почетокот на 1939 година во САД, американските граѓани беа прашани кого би сакале да видат како победник, ако дојде до војна помеѓу Русија и Германија. Осумдесет и три проценти од Америкаците ја сакаа победата на Русија, седумнаесет проценти ја сакаа победата на Германија. Исто така, кога граѓаните на Америка беа прашани што мислат за Шпанската граѓанска војна, осумдесет и седум проценти сакаа победа на републиката, а тринаесет проценти ја сакаа победата на националистите. Идејата дека во триесеттие постоеше некаков среден пат, кој подеднакво се противеше на обемот на страните, едноставно е невистинита. Шпанската граѓанска војна истовремено беше и во средиштето и на маргините од ерата на антифашизмот.

Таа беше клучна, затоа што беше сфатена како европска војна помеѓу фашизмот и антифашизмот, безмалку како прва битка во претстојната светска војна, чии каракеристични аспекти ги најави. На пример, бомбардирањето на градовите. Но, Шпанија не учествуваше во Втората светска војна. Победата на Франко не се рефлектираше на крахот на Франција во 1940 година. Искуството на републиканските вооружени сили не беше релевантно за следните движења на отпорот во војната, иако тие во Франција беа сочинети од републиканските апатриди од Шпанија и иако поранешните припадници на меѓународните бригади одиграа важна улога во движењата на отпорот од другите земји.

Интересен е фактот, а тој често се заборава, дека герилското или партизанското војување, кое беше многу значајно во Втората светска војна, воопшто не беше практикувано во Шпанската граѓанска војна, а потоа кога беше, тоа беше многу неуспешно. Британските и американските вооружени сили практично воопшто нема да го искористат искуството на таканаречените рани антифашистички доброволци, кои се бореа во меѓународните бригади, иако германските, италијанските и руските сили многу ги користеа професионалците кои ги испраќаа во Шпанија помеѓу 1936 и 1939 година.

Интересно е дека најголемото влијание на граѓанската војна во подоцнежната историја беше политичко, а не воено. Тоа влијание послужи како образец, како за политичките стратегии на европските движења на отпорот, така и за формите на владите по ослободувањето на Европа, особено во советската сфера на влијание. Меѓутоа, ова влијание беше со краток век. Студената војна го укина по 1947 година. Накратко, по краткиот момент во средиштето на светската историја, Шпанија за неколку децении се врати на својата традиционално маргинална позиција. Надвор од Шпанија, граѓанската војна траеше и понатаму, како што сè уште трае помеѓу малубројните современици, луѓе кои како мене тогаш беа млади. За нив таа останува во трајно сеќавање како првата голема и загубена љубов.

Тоа, се разбира не е случај само во Шпанија, каде секој го искуси трагичното, убиствено и комплексно влијание на граѓанската војна и воените сеќавања, како и тоа што во него толку долго го забораваме она што е многу посложено отколку што беше во земјите како Британија. Ако сакаме да ја сместиме Шпанската граѓанска војна во општата рамка на антифашистичката ера, мора да имаме в предвид две нешта. Прво, таа не успеа да му се спротивстави на фашизмот. И второ, тука е несразмерниот успех на мобилизацијата на антифашистите меѓу европските интелектуалци. Не зборувам само за поразот на шпанската република, за фашистичката експанзија, за неуспехот на оние кои беа антифашистички определени да направат пресврт во општото јавно мислење.

Единствените области во кои настапи вистински политички пресврт кон лево, по големата депресија во почетокот на триесеттите, беа Скандинавија и Северна Америка со Рузвелт. Голем дел од средна и јужна Европа веќе беше под власта на авторитарните режими или како во Шпанија, беше паднат во нивните раце. Поместувањата во Унгарија и Романија, да не ја споменуваме германската дијаспора, беа изразени кон десно. Од друга страна, често се заборава дека народните фронтови, иако одбележаа огромни престројувања во левицата, кон комунизмот или радикалните елементи, на општ план имаа само маргинално влијание. На пример, на изборите во Франција во 1936 година, здружените радикали, социјалисти и комунисти освоија едвај еден процент повеќе гласови отколку во 1932 година.

Дури и во Шпанија, изборната победа на Народниот фронт беше релативно скромна, а не некаква политичка поплава. Па сепак, а тоа е парадоксално, оние како мене, кои тогаш беа млади левичари, особено интелектуалците, но не само тие, себеси не се доживуваа како дефанзивно малцинство. Не мислевме дека на фашизмот му е судено да продолжи да напредува до победата. Бевме сигурни дека ќе се роди нов свет. А имајќи ја во предвид логиката на антифашистичкото единство, сметавме дека за нашите бројни порази, исклучително е виновна неспособноста на владите и прогресивните партии, да се обединат против фашизмот. Сето ова ни помага да го сфатиме непропорционалното поместување кон комунизмот меѓу оние кои веќе биле во левицата, но делумно ја објаснува нашата самодоверба како млади интелектуалци, затоа што тоа беше опшстествена група, најлесно и најнесразмерно мобилизирана против фашизмот. Причината е очигледна. Фашизмот, дури и оној италијанскиот, според својот принцип им беше спротивставен на целите кои ги дефинираа и мобилизираа интелектуалците како такви, конкретно вредностите на просветителството и американската и француската револуција.

Освен во Германија, немаше значајни групи на секуларни интелектуалци кои не припаѓаа кон оваа традиција. Со други зборови, немаше силни интелектуални традиции на конзервативната страна. Римокатоличката црква, во тоа време имаше многу малку истакнати интелектуалци, кои како такви беа препознаени и уважени надвор од своите кругови, но некои од малубројните, всушност со благонаклонетост гледаа на републиката. Не спорам дека во некои области, пред сè во книжевноста, беше јасно дека некои од најистакнатите личности припаѓаа кон десницата: поетите Т.С Елиот, Кнут Хамсун, Езра Пануд, Јејтс, Пол Клодел, Селин, Ивлин Во, но политички свесната десница дури и во армијата на книжевноста чинеше само скромна бригада од триесеттите, освен можеби во Франција.

Повторувам, ова станува очигледно во 1936 година, американските писатели, без разлика дали ја прифаќаа американската неутралност или не, мнозинството од нив беа против Франко, а Холивуд дури и повеќе. Од анкетираните британски писатели, петмина беа на страната на националистите, шеснаесетмина беа неутрални, а 106 беа на страната на републиката, често многу страствено. Кога станува збор за Шпанија, нема никаков сомнеж за тоа како се вбројуваа шпанските поети на кои сè уште се сеќаваме: Лорка, браќата Мачадо, Албери, Мигел Хернандез, Неруда, Ваљехо, Гиљен, тие беа симпатизери на Републиката и беа побројни од оние на другата страна. Оваа интелектуална нерамнотежа веќе се манифестираше во случајот на италијанскиот фашизам, иако режмот на Мусолини имаше две одлики кои фашизмот ќе го направат непопуларен кај интелектуалците: расизмот (барем до 1938 година) и презирот кон модернизмот во уметноста. Италијанскиот фашизам од дваесеттите не ја изгуби поддршката од своите интелектуалци, оние кои веќе не беа во левицата, сè до Шпанската граѓанска војна.

Се чини дека италијанските писатели, за разлика од германските, со малубројни исклучоци, не емигрираа во текот на фашистичкиот период. Но, од 1936 година, дури и во Италија, гледавме дека италијанските интелектуалци почнаа да се откажуваат од толерирањето или дури поддржувањето на фашизмот и се насочуваа кон лево, под влијание на Шпанската граѓанска војна. Значи, тоа е пресвртница во италијанската културна и политичка историја. Повремено, тоа е можеби и причината зошто граѓанската војна остави толку малку траги во италијанската белетристика, за разлика од другите земји, освен во подоцнежните пишани дела.

Оние кои во тоа време пишуваа за војната беа политички активисти во емиграција: Росели, Пачарди, Нени, Лонго, Тољати. Треба да се додаде дека водечките италијански публицисти и активисти, нужно не беа комунисти, туку антифашистички либерали кои делуваа од Торино. Од друга страна, интелектуалниот фашизам се активираше против Германија во истиот момент кога Хитлер дојде на власт, палејќи ги ритуално книгите кои нацистичката идеологија ги осудуваше и ослободуваше поплава од идеолошки и расни емигранти.

(продолжува)

Извор: http://pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото