Живот пред смртта: портрети на оние што умираат

12.12.2012 17:04
Живот пред смртта: портрети на оние што умираат

Средбата со смртта е едно од најдлабоките и највознемирувачки човечки искуства. Сепак, најчесто смртта настапува речиси незабележително. Едноставно, некој си заминува од нашите животи.

Можеме да се согласиме дека смртта и умирањето се последните преостанати табуа – темите што се најтешки за нашето општество. Во споредба со нашите предци, ние сигурно повеќе се плашиме од нив. Оттаму, навистина се ретки можностите да научиме повеќе за ове теми.

На оваа изложба се претставени луѓе на кои животот им е пред крај. Таа ги истражува искуствата, надежите и стравовите на смртно болните. Сите од нив се согласија да бидат фотографирани непосредно пред смртта и непосредно по смртта.

Најголем дел од фотографаните субјекти ги поминале последните денови од своите животи во специјализирана болница. Сите што доаѓаат на вакви места сфаќаат дека им се ближи крајот. Знаат дека немаат уште многу време за средување на личните работи. И покрај тоа, овде нема безнадежни: сите се надеваат нa уште неколку денови повеќе; се надеваат дека ги чека достоинствена смрт или дека смртта нема да е крај на сè.

Фотографот Валтер Шелс и новинарката Беате Лакота поминаа цела година подготвувајќи ја оваа изложба низ специјализираните болници во северна Германија. Портретираа 26 луѓе на прагот на смртта. Изложбата ги артикулира искуствата, надежите и стравовите на луѓето на умирање и им дава уште една можност да бидат слушнати.

(на горната слика)
Хајнер Шмиц
Возраст: 52
Роден на: 26. ноември 2003
Првата фотографија направена на: 19. ноември 2003
Почина на: 14. декември 2003

Хајнер Шмиц ја виде зафатената област на својот мозок преку MRI скен. Веднаш сфати дека не му останува уште многу време. Шмиц е остроумен, елоквентен, досетлив, но и темелен. Работи во областа на рекламирањето, каде што сите мора да бидат во најдобро издание – во секој момент. Се разбира, пријателите на Хајнер не сакаат да го гледаат тажен. Се обидуваат да му го оттргнат умот од тешките нешта. Во болницата заедно гледаат фудбал, како и обично. Пиво, цигари, малку забава. Девојките од агенцијата му донесоа цвеќиња. Многумина доаѓаат во пар, зашто никој не сака да остане насамо со него. За што разговарате со некој што е осуден на смрт? Некои од нив на заминување велат „побрзо оздрави“. Или „Ајде, наскоро сè ќе се среди!“

„Никој не ме прашува како се чувствувам“, вели Хајнер Шмиц. „Бидејќи сите се преплашени. Навистина ме вознемирува тоа што сите очајно сакаат да ја избегнат таа тема, зборувајќи за најразлични нешта. Зарем навистина не сфаќаат? Ќе умрам, тоа е сигурно! Само на тоа мислам, секоја секунда што ја поминувам сам.“


Еделгард Клави
Возраст: 67
Родена на: 29. јуни 1936
Првата фотографија направена на: 5. декември 2003
Почина на: 4. јануари 2004, во специјализираната болница Хелененштифт, Хамбург

Еделгард Клави работеше во администрацијата на универзитетската психијатриска клиника. По разводот во раните осумдесетти, продолжила да живее сама. Нема деца. Уште од тинејџерските години активно членува во протестантската црква. Минатите неколку недели е врзана за кревет. „Смртта е тест за зрелоста на личноста. Сите мора да се справат со тоа сами“, вели г-ѓа Клави. „Многу сакам да умрам. Сакам да станам дел од таа бескрајна зачудувачка светлина. Но, не е лесно да се умре. Смртта го контролира процесот, јас не можам да влијаам на нејзиниот тек. Сè што можам да сторам е да чекам. Ми беше поклонет мојот живот, морав да го живеам, и сега го враќам назад.

Секогаш работев посветено, живеејќи живот сличен на калуѓерка: со скромност, честитост и покорност. Сега, со ништо не можам да придонесам за општеството, и тоа ми паѓа особено тешко. Не сакам да бидам финансиска дупка за ресурсите, а уште едно тело што живурка е само товар. Сакам да заминам, по можност веднаш. Секогаш биди подготвена, исто како извидниците.“


Волфганг Коцан
Возраст: 57
Роден на: 19. јануари 1947
Првата фотографија направена на: 15. јануари 2004
Почина на: 4 февруари 2004

На ноќната масичка има разнобојни лалиња што ја развеселуваат атмосферата. Сестрата подготви количка со шампањ и торта. Денес му е роденден на Волфганг Коцан. „Денес ќе наполна 57 години. Никогаш не се гледав себеси како старец, ниту пак мислев дека ќе умрам млад. Но, смртта може да настапи на која било возраст.“

Пред шест месеци овој пензиониран сметководител се запрепасти од дијагнозата: бронхијален карцином, без можност за отстранување со операција. „Ми дојде како вистински шок. Никогаш не размислував за смртта, само за животот“, вели г. Коцан. „Ме изненади што лесно се справив со тоа. Еве ме сега, лежам тука, чекајќи да умрам. Но, уживам во секој нов ден, живеејќи со полна пареа. На пример, никогаш порано не обрнував внимание на облаците. Сега гледам на сè од сосем поинаква перспектива: ме воодушевува секој облак надвор од прозорецот, секој цвет во вазната. Наеднаш, сè стана подеднакво важно.“


Марија Хаи-Ан Тајет Чао
Возраст: 52
Родена на: 26. август 1951
Првата фотографија направена на: 5. декември 2003
Почина на: 15. февруари 2004

Искуството на смртта за Марија Хаи-Ан Тајет Чао несомнено ќе беше многу поинакво ако таа го немаше усовршено учењето на Врховната свештеничка Чинг Хаи. Свештеничката вели: „Сето она што е отаде овој свет е подобро од него. Подобро е од сè што можеме или не можеме да замислиме.“

Г-ѓата Чао го носи портретот на Свештеничката на ланец околу вратот. Под нејзино водство, таа веќе го постетила животот по смртта, во текот на медитациите. Нејзиниот повик кон оној свет ќе дојде наскоро: откажуваат нејзините пулмонални алвеоли. Сепак, таа изгледа смирено и ведро: „Смртта не е ништо“, вели г-ѓа Чао. „Ја пречекувам со отворени раце. Ништо не е вечно. Потоа, кога ќе го сретнеме Бога, ќе стапиме во блескавата бесконечност. Ќе бидеме повикани назад на земјата само ако сме сè уште приврзани кон некое битие тука, во нашите последни мигови.“ Хаи-Ан Чао секојдневно се подговтува за овој миг. Во мигот на смртта, сака да постигне целосно одвојување од нештата на овој свет.


Клара Беренс
Возраст: 83
Родена на: 2. декември 1920
Првата фотографија направена на: 6. февруари 2004
Почина на: 3. март 2004

Клара Беренс знае дека не ѝ преостанува уште многу време. „Понекогаш, сè уште помислувам дека ќе ми биде подобро“, вели таа. „Но, кога ќе ми се влоши мачнината, не сакам да продолжам да живеам. А само што си купив нов фрижидер со замрзнувач! Само да знаев...“

Денес е последниот ден на февруари, сончево е, првите кокичиња расцветуваат во дворот. „Навистина сакам да излезам, да шетам покрај Елба. Да седнам на каменото корито и да ги пуштам нозете во водата. Така правевме кога бевме деца, кога одевме да собираме дрва долж реката. Ако можам повторно да го проживеам животот, ништо нема да направам исто. Нема да влечкам дрва наоколу. Но, се прашувам дали е возможно да добиете втора шанса во животот? Мислам дека не. Покрај сè, верувате само во она што можете да го видите со свои очи. А можете да го видите само она што реално постои. Не се плашам од смртта. Ќе бидам само едно од безбројните зрна песок во пустината. Ме плаши само процесот на умирање. Едноставно, не знаете што всушност се случува.“


Валтер Вегнер
Возраст: 81
Роден на: 18. декември 1923
Првата фотографија направена на: 1. декември 2003
Почина на: 13. март 2005

Валтер Вегнер пристигна во специјализираната болница во ноември 2003. Повеќе не сакаше да ѝ биде товар на својата сопатничка. Со себе ги понесе неговите електрични оргули, „но не вреди да ги вежбам Божиќните песни: до Божиќ ќе бидам мртов“. Но, не беше така. Еве го, уште е тука на Новогодишната вечер.

„Дојдов овде да умрам“, вели намуртено. „Значи, зошто уште не сум мртов?“

Вегнер ќе ги доживее следната пролет и есента. Посетите на неговата партнерка ќе станат многу ретки. На божиќната ноќ во 2004, ја свири „Тивка ноќ“ пред останатите. Еден понеделник во март 2005 медицинската сестра му вели: „Со нас си една година. Оздраве толку добро што ова веќе не е вистинското место за тебе. Наскоро, ќе мора да те замолиме да заминеш“. На Вегнер му беше навистина добро во специјализираната болница, се плаши од домот за грижа на стари лица. Кога ја праша неговата партнерка дали може да се врати дома, таа одби.

Валтер Вегнер почина пет дена по разговорот со медицинската сестра.

Фотографии: Валтер Шелс: роден 1936 година, живее во Хамбург, Германија; најпознат е по неговите студии на фотографскиот лик.

Текст: Беате Лакота: родена во 1965 година, уредничка на рубриката Наука во Der Spiegel. Живее во Хамбург, Германија.

Извор: lensculture.com

Слични содржини

Фотографија / Живот / Култура / Уметност
Фотографија / Книжевност / Култура
Фотографија / Култура / Настан
Фотографија / Култура / Настан
Фотографија / Култура
Фотографија / Култура
Европа / Култура

ОкоБоли главаВицФото