Големата преселба на Словените и античките Македонци

13.12.2012 09:19
Големата преселба на Словените и античките Македонци

Навистина ми пречи перењето на мозок кое го применуваат најразлични личности и институции, а најмногу на нерви ми оди постојаното кукање и лелекање на нашата дијаспора - па бидејќи сум човек кој повеќе сака да нуди решенија еве го мојот предлог – „Големата Трампа“.

Низ историјата Македонците често го менувале местото на живеење па сметам дека еден ваков потег нема да остави трајни последици по свеста и совеста на граѓаните кои би биле дел од овој проект. Дополнително, иако се свежи спомените од последното раселување (1948), сметам дека со динамиката на развој на планетата дојдено е време за еден нов чекор.

Постојано ни се укажува дека моменталните услови и идните можности на Македонија во однос на останатите држави од ЕУ се на далеку повисоко ниво и дека Македонија е просперитетна земја, земја со иднина која сама може да се грижи за своите граѓани. Овие укажување стигнуваат и до з(а)грижената дијаспора која ги чувствува последиците на светската економска криза во земјите на ЕУ. Затоа што секој човек посакува подобар живот, еве шанса која ќе направи многу луѓе среќни.

На последните избори, јас лично не ги избрав ниту Груевски ниту неговата политичка партија и најверојато затоа сметам дека како кукавичко јајце ми е подметнат неговиот мандат, сепак има луѓе, Македонци, кои живеат во ЕУ и сметаат дека изборите во Македонија ја донеле вистинската личност на власт; дополнително истите тие луѓе се незадоволни од изборот на власта во своите земји. Со ова решение сите луѓе кои се незадоволни одеднаш ќе бидат задоволени.

Значи проектот „Големата Трампа“ предвидува сите незадоволни Македонци кои имаат државјанство во некоја од земјите на ЕУ и не се задоволни од своите власти и веруваат во просперитетот на Македонија со актуелната власт, да имаат можност да се вратат во својата матична земја и на свое место да усреќат некои други Македонци (или популарно наречени Македониоди) кои не се задоволни од актуелната власт, а сакаат да станат членови на големото Европско семејство. Значи и волкот сит и овците на број!
Од овој проект најголема корист би имале партијата на власт и Европската Унија. Имено, со менувањето на непогодните Македонци (Македониоди) со подобни Македонци – актуелната партија на власт ќе може да си владее уште 100 години (барем според нивното убедување). Дополнително Европската Унија ќе добие мноштво демократски расположени индивидуи кои лесно ќе се вклопат во начинот на живот во Европската Унија, брзо ќе се прилагодат на пазарот на трудот и квалитативно ќе го подигнат нивото на човечки капитал со што ќе овозможат побрзо надминување на кризата.

Се надевам дека некои од центрите од жолтата куќа кај улица Македонија ќе го прочитаат овој текст и со согледување на бенефитите од ваквата „Трампа“ ќе ја предложат во новата програма – и нели штом ја има во програмата ќе ја остварат. Верувајте ми – независно од сè останато доколку има и ваков предлог и јас ќе гласам за Груевски!

Со почит,
Караевски Трифун

Слика: Uranie Colin Libour