Интелектуалците во Шпанската граѓанска војна (2)

13.12.2012 16:59
Интелектуалците во Шпанската граѓанска војна (2)

Реакцијата на интелектуалците и мобилизираната левица во Шпанската граѓанска војна беше, а тоа не беше изненадување, и спонтана и масивна. Најпосле, некој му се спротивстави на фашизмот со оружје. Заводливоста на вооружениот отпор, можностите да се бориш, а не само да зборуваш, беше сигурно пресудна. Англискиот писател Вистен Оден, кој беше повикан да оди во Шпанија заради пропагандните вредности на неговото име, му пишуваше на еден пријател: „Веројатно ќе бидам лош војник. Но, како можам да им зборувам на нив и место нив ако не станам еден од нив?“ Мислам дека слободно може да се каже оти поголемиот број политички свесни студенти од мојата генерација сметаа дека треба да се борат во Шпанија, а оние кои не се бореа ги гризаше совеста.

Тоа беше неверојатен бран на доброволци кои отидоа да се борат за Републиката во дваесеттиот век. Најсигурната проценка за странските доброволци кои се бореа на страната на републиката вели дека тие биле околу 35 000, а тоа не е многу помалку од првобитната проценка од 40 000 која пред неколку години ја изнесе Хју Томас. Тоа беше многу шаренолика група на луѓе, социјално, културно и според потеклото. Па сепак, како што напиша англискиот поет Лори Ли: „Верувам дека споделувавме нешто друго, единствено за нас во тоа време, можност да направиме еден голем и прост гест со лично жртвување и верување, кое можеби никогаш нема да го имаме... Меѓутоа, малкумина од нас знаеја дека дојдовме во војната на трофејни пушки и распаднати митралези, дека нè водат храбри, но збунети аматери. Но, во тој момент немаше полувистина и двоумење, пронајдовме нова слобода, безмалку и нов морал и ја откривме новата Сатана - фашизмот.“

Не велам дека бригадите се состоеа од интелектуалци, иако заминувањето во Шпанија, за разлика од заминувањето во Легијата на странците, подразбираше одредено ниво на политичка свест и познавање на светот кој поголемиот број од неполитизираните работници го немаше. За поголемиот број од нив, освен во соседна Франција, Шпанија беше непозната земја, или во најдобар случај геометриска фигура во училишниот атлас. Благодарение на една одлична монографија (Skoutelsky, 1998), знаеме дека најголемата група на меѓународни борци, значи Французи (речиси 9 000), првенствено доаѓаа од работничката класа(92%) и опфаќаше само еден процент студенти и интелектуални работници, од кои практично сите беа комунисти. Имајќи ги во предвид нивните технички квалификации, поголемиот број од овие интелектуалци работеше зад првите линии на фронтот.

Веројатно имаше повеќе интелектуалци меѓу политичките бездомници кои го сочинуваа политичкиот кадар на бригадите и се надевам дека нема да звучам премногу „шовинистички“ ако речам дека голем процент од Евреите меѓу доброволците, зборува за интелектуални активности. Една третина од американската бригада на Линколн ја сочинуваа Евреи, а мнозинството Американки во Шпанија беа Еврејки. Според добрите, но помалку оптимистички проценки, до 7000 меѓународни борци беа Евреи. Меѓутоа, ниту во рамките на бригадите, а ниту надвор од нив, посветеноста на интелектуалците, понекогаш и практичната посветеност, беше несомнена. Писателите ја поддржуваа Шпанија не само со пари, говори и потписи, туку пишуваа за неа.

Тоа го правеа Хемингвеј, Малро, Бернанос и практично сите истакнати млади британски поети од тој период, Оден, Спендер, Еј Луси, Макнис. Шпанија претставуваше клучно искуство во нивните животи помеѓу 1936 и 1939 година, па дури и кога подоцна ја забораваа. Ова беше очигледно за време на моето студирање на Кембриџ помеѓу 1936 и 1939 година. Не само што војната во Шпанија ги заврте момчињата и девојките кон левицата, туку оние кои заминуваа во Шпанија за да се борат ни беа инспирација. Секој кој во тие години влегуваше во студентските соби на младите социјалисти и комунисти на Кембриџ, таму речиси сигурно ја наоѓаше фотографијата на Џон Корнфорд, интелектуалец, писател, лидер на студентската Комунистичка партија, кој падна во борбата во Шпанија на својот дваесет и прв роденден, во декември 1936 година.

Покрај познатата фотографија на Че Гевара, оваа беше силна, херојска слика, само поблиска до нас и со нашите ѕидови секојдневно не потсетуваше за што се бориме. Излезе дека многу малку студенти од Кембриџ и другите универзитети отидоа да се борат во Шпанија, откако Комунистичката партија на Велика Британија одлучи, веројатно есента 1936 година, да ги одврати студентите од доброволното заминување доколку немаа конкретни воени квалификации. Мнозинството интелектуалци кои се бореа, заминаа во Шпанија пред партијата да ја донесе оваа одлука. Меѓутоа, меѓу британските борци имаше многу талентирани интелектуалци, од кои неколку загинаа. Интелектуалци или не, колку што знам јас, никој од преживеаните, без оглед на нивните подоцнежни ставови, а барем еден од нив подоцна стана советник на госпоѓата Тачер, никогаш не изрази жалење затоа што заминал да се бори.

Меѓу губитниците, полемиките за граѓанската војна од 1939 година не престануваа. Тоа не беше случај додека траеше војната, иако имаше инциденти како забраната на марксистичката партија ПОУМ и убиството на Андрес Нин, кое предизвика неколку меѓународни протести. Очигледно, многу странски доброволци, по доаѓањето во Шпанија беа шокирани од тоа што го затекнаа таму. Патење, злосторства, немилосрдно војување, бруталност и бирократија на својата страна или, доколку им беше познато, интриги и политички триења во рамките на републиката, како и однесувањето на Русите и многу други. Повторно, расправиите на комунистите и нивните противници не престануваа. Меѓутоа, за време на војната, оние кои се сомневаа не се огласуваа по враќањето од Шпанија. Не сакаа да им помагаат на непријателите за големата цел. Симон Вајл, иако длабоко разочарана, по враќањето не рече ни збор.

Вистан Оден не напиша ништо, иако во 1939 година тој ја измени својата позната песна „Шпанија“ од 1937 година и не дозволи таа повторно да се печати за време на Студената војна во 1950 година. Под страв од теророт на Сталин, Луис Фишер, новинар близок до Москва, се одрече од своите некогашни пријатели, но се потруди да го направи тоа откако овој гест веќе не можеше да ѝ наштети на шпанската република. Еден исклучок го потврдува правилото: книгата на Џорџ Орвел „Во чест на Каталонија“ беше одбиена од страна на неговиот редовен издавач, со објаснување дека: „многу луѓе од левицата веруваат дека треба да жртвуваат сè за да се зачува заедничкиот фронт против фашизмот.“ И Орвел по враќањето од Шпанија призна дека многумина не се согласувале со него од истата причина, пишувајќи му на еден свој благонаклонет критичар: „она што го пишуваш, дека не треба да се пропуштаат фашистите заради нашите внатрешни конфликти е сосема точно“. Но, јавноста не му обраќаше внимание на Орвел.

Книгата е објавена во тираж од 1500 примероци, а тринаесет години подоцна, сè уште имаше непродадени примероци од првиот тираж. Дури за време на Студената војна Орвел престана да биде необична, маргинална личност и дури тогаш, вистинската вредност на книгите, како што е „Во чест на Каталонија“, беше препознаена. Се разбира, постхумните полемики за Шпанската војна се легитимни, па дури и неопходни, но само ако ја одвоиме расправата за вистинските прашања од parti pris политичкото секташтво. Пропагандата од Студената војна и незнаењето за заборавеното минато мора да се избегнуваат. Главното прашање во Шпанската граѓанска војна беше и останува, во каква врска беше општествената револуција и војната на републиканската страна. Шпанската граѓанска војна започна и како побуна на легитимната влада, со помош на народната мобилизација против делумно успешниот воен удар и во важните делови на Шпанија, како спонтана трансформација на оваа мобилизација и општествената револуција.

Сериозната војна која ја води некоја влада, бара структура, дисциплина и одреден степен на централизација. Тоа што ја карактеризира општествената револуција, како онаа од 1936 година, е локалната иницијатива, спонтаноста, независноста од власта, па дури и отпорот кон нив, особено ако се земе во предвид анархистичката традиција на таа земја. Накратко, на републиканската страна се работеше за истото прашање кое пред сто години ги раздвои Карл Маркс и Бакуњин. Полемиките за дисидентскиот ПОУМ се ирелевантни за тоа прашање, имајќи ги во предвид малубројното членство и маргиналната улога на таа партија во граѓанската војна. Оваа политика ѝ припаѓа на историјата на идеолошките конфликти во рамките на меѓународното комунистичко движење или, ако сакате, историјата на немилосрдната пресметка на Сталин со троцкизмот, со кој неговите агенти погрешно го поистоветуваа ПОУМ. Конфликтот помеѓу либертерскиот ентузијазам и дисциплирината организација, помеѓу општествената револуција и воената победа, остануваат реалност во Шпанската граѓанска војна и ќе останат реалност дури и кога би сметале дека сите на републиканската страна се ангели.

Вистината е дека војните, како и економиите, без разлика на тоа колку командниот ланец е флексибилен, не можат да се водат на либертерски начин. Шпанската граѓанска војна не можеше да се води на орвеловски основи. Меѓутоа, во една општа смисла, конфликтот помеѓу револуцијата како тежнеење кон слободата и победата во војната, не е исклучиво шпански. Тој во целост се манифестира по победата на револуцијата во ослободителните војни: во Алжир, веројатно во Виетнам, секако во Југославија. Бидејќи ако во Шпанската граѓанска војна изгубеше левицата, во тој случај расправата е постхумна и е сè пооддалечена од реалноста на тоа време, како што е и оној филм на Кен Лоуч, колку и да е тој возвишен и потресен. Моралното негодување над сталинизмот и однесувањето на неговите агенти во Шпанија е оправдано.

Во ред е да се критикува комунистичкото убедување дека единствената важна револуција е онаа која на нив им обезбедува монопол над власта. Меѓутоа, тоа не беше клучното прашање на граѓанската војна. Маркс би морал да влезе во конфликт со Бакуњин, без разлика на тоа што ќе мислиме ние за сите учесници во војната, иако мнозинството од преживеаните заклучи дека Маркс е покорисен за водење војна отколку Бакуњин и иако меѓу преживеаните има онакви кои, како мене, се сеќаваат на спонтаните но неефикасни еуфории на анархистичката фаза на ослободувањето со носталгија, но и горчина. Денес е можно да се согледа Граѓанската војна и шпанскиот придонес кон трагичната историја на најбруталниот од сите векови(дваесеттиот), во неговиот историски контекст. Тоа не беше, ниту во триесеттите можеше да биде, како што се тврди сега, војна против крајната десница и и комунизмот.

Тоа беше војна против Франко, против фашистичките сили со кои тој беше во сојуз, иако Франко не беше фашист. За разлика од Втората светска војна, во Шпанија победи профашистичката страна. Но, во голема мерка благодарение на интелектуалците, уметниците и писателите, кои во толкав број се мобилизираа на страната на републиката, историјата во овој случај не ја напишаа победниците. Создавајќи светско сеќавање за Шпанската граѓанска војна, перото и камерата, потегнати во име на поразените, се покажаа посилни од мечот и цензурата на оние што победија.

(Крај)

Кон првиот дел

Извор: http://pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото