ЕУ кажа кој ја љуби, дури сме на стража

14.12.2012 10:02
ЕУ кажа кој ја љуби, дури сме на стража

Нашите политички претставници, досега со наши, а и со европски пари, беа поопуштени од граѓаните. Некои од нив дури ни се смееја под мустаќи, за тоа колку ние верувавме, се надевавме и сонувавме за ЕУ. Она што сега го предлагам е ние да се опуштиме, а тие да се стегнат.

Се сеќавате ли на една од најжешките изјави од ДУИ, од времето кога со секој збор стремеше да докаже дека ѝ е местото во владата. Тогаш, мислам дека беше сегашниот директор на поштата, Рафиз Алити, тој што рече дека Албанците ќе влезат во ЕУ и НАТО, без оглед на другите. Е, па денес, сите можат да здивнат. По вчерашното мислење од ЕУ за Македонија, јасно е дека тука сме сите: Македонци, Албанци и сите други. Единствени кои успешно се веќе во ЕУ се само нашите апликанти за азил во некоја европска држава.

Има многу зборови во тоа европско опрашување, од тешење, до неразговетни зборови, кои тешко се преведуваат и уште потешко се разбираат, но прогресот е во обратен правец. Од еден услов станаа три, од „вашата држава“ сме унапредени во „Скопје“, ХЛАД ќе ни ги вжешти главите уште долго време и од една држава со која си имавме проблем, сега станаа многу. Не е само Бугарија, туку и таа, во официјалното соопштение, рече дека се приклучува на државите (множина), кои сметаат дека не треба да ги почнеме преговорите.

Сигурно, во толку зборови и неразговетности има многу простор секој да се обиде да потенцира само нешто и да се обиде со разни спинови да ја дефокусира истата вина од себеси. Тоа веќе се прави наголемо и ќе продолжи, секако.

Сите што мислевме дека ЕУ се соживеа со улогата на Итар Пејо и дека ќе нѐ спопадне некоја случајна добивка, се разочаравме. Ни чавка не ни се посра на глава, камоли гулаб. Сега следува да разбереме дека ова било и е некоја претстава од Молиер, ама за нас самите, и ако решиме да се насмееме, тоа ќе биде ептен кисела насмевка. Сепак, и во ЕУ од бајките, за да добиеш на лото, требало да си го платиш ливчето.

Но, животот продолжува. ЕУ, каде и да е, ние тука сме. Секако, во Европа. Тоа не се менува со никакво шетање на нашите политички претставници, со наши пари, по сите други континенти. И поради тоа што е очигледно од ненаредените реченици, дека и јас самиот треба да кажам зборови, за себеси да се смирам од ваков крах на европски сон, ќе си дозволам да споделам некои зборови и со читателите. Еден предлог и еден виц.

Предлогот се состои во тоа ние сега да станеме вистински Европејци и да бараме одговорност. Мислам дека тоа што досега го правевме, граѓаните да бидат поодговорни за евроинтеграциите, повеќе да се надеват и повеќе да сонуваат за овој процес, отколку тие на кои ова им беше работа, беше погрешно. Нашите политички претставници, досега со наши, а и со европски пари, беа поопуштени од граѓаните. Некои од нив дури ни се смееја под мустаќи, иако, немаат мустаќи, зашто за мустаќи и брада треба лице и образ, ни се смееја за тоа колку ние верувавме, се надевавме и сонувавме за ЕУ.

Она што сега го предлагам е ние да се опуштиме, а тие да се стегнат. Во европска и во секоја нормална политика има една основна институција за одговорноста: оставка. Никој никаде, па ни ние тука, не ги избира политичарите за да ни кажат кои проблеми се нерешливи. Тие се за да ги решат истите. Ако сакат да се опуштат, ете, нека си дојдат дома, тука со нас граѓаните, па сами да следат што е решливо, а што не е. Местото за следење на процесите е дома, а владата е место за тие што имаат знаење, храброст и кои ќе придонесат во процесите.

Вицот е за оние што најдиректно од своите гласачи бараа легитимитет токму за ЕУ и НАТО интеграциите: ДУИ. Нив отсега гласачите можат само да ги прашаат како истренираниот папагал од вицот. Имено, си бил еден многу паметен папагал. Сопственикот го продал на еден новопечен парајлија, со пофалба дека овој папагал ги разбира командите. Го испробале пред продажба и папагалот навистина слушал кога ќе му се наредело, ја подигал левата нога. Ја спуштал. Потоа ја дигал десната нога, на трета наредба. Новопечениот го однел дома и веднаш сакал да ја покаже вештината на папагалот. Крени десна нога. Бидна. Без наредба за спуштање, веднаш ја дал и следната наредба: Крени лева нога! И папагалот, кој не бил до толку истрениран, но веројатно од блесок на емотивна интелигенција, како во виц, прашал: Е добро бе, јас на онаквото ли да стојам?

Слика: Karien Deroo