Уругвај ги легализираше геј браковите

14.12.2012 10:34
Уругвај ги легализираше геј браковите

Уругвајските пратеници од Долниот дом на парламентот во среда, по повеќечасовна дебата, го одобрија законот со кој се легализираат браковите помеѓу лица од ист пол. Законот ќе биде проследен до Сенатот на гласање.

Пратениците го усвоија законот со 81 глас за, од вкупно 87 присутни, а потоа во салата одекна аплауз од околу 200 активисти од галеријата.

Еден од авторите на законот, Хулио Банго, изјави дека „ова не е хомосексуален или закон за геј брак, туку мерка за изедначување на институцијата брак независно од полот на парот“.

Во Латинска Америка бракот помеѓу лица од ист пол е легализиран во Мексико Сити од 2009 и во Аргентина од 2010.

И покрај повеќевековното силно влијание на католичката црква, левичарската власт во Уругвај последните години направи многу за унапредување на правата на ЛГБТ лицата.

Уругвајскиот Сенат во 2009 година ја легализираше граѓанската заедница за хомосексуални парови, станувајќи прва земја во Латинска Америка во која стапил на сила таков закон.

Според тој закон, хомосексуалните и хетеросексуалните парови имаат право да формираат граѓанска заедница по пет години заеднички живот. Правата кои ќе ги остварат на тој начин се слични на правата обезбедени за венчаните парови, а се однесуваат на наследство, пензија и старателство над децата.

Извор: www.bbc.co.uk