За секоја перика - гратис сендвич

15.12.2012 11:14
За секоја перика - гратис сендвич

Скопје, 15 декември 2012

Познатиот македонски ланец сендвичари Афро-бургер вчера ја започна својата најнова акција наречена „Перика“. Имено, секој купувач кој ќе состави перика од влакната што ги нашол во сендвичите, бесплатно ќе добие уште еден сендвич по негов избор.

„Влакно по влакно - перика“, гласи слоганот на сендвичарата, која им порачува на купувачите да ги чуваат и собираат влакната најдени во сендвичите, тостовите и пирошките.

Редовните муштерии на Афро-бургер со одушевување ја дочекаа новата акција, а вработените во сендвичарата очекуваат дека сега драстично ќе се намали бројот на поплаки од лути купувачи кои нашле влакно во нивното јадење.

„Оваа акција е вистински потег во вистинско време. Конечно ќе почнеме да ги наградуваме нашите прекрасни муштерии кои до сега покажаа огромна толерантност. А и вработените ќе се чувствуваат малку послободно и поопуштено“, изјави Косара Гадурска, сопственичка на Афро-бургер.

По повод новата акција се огласи и директорот на Агенцијата за спречување перење пари, Непран Немиенков, кој истакна дека акцијата ќе доведе до тоа граѓаните да составуваат перики од влакна кои не ги нашле во сендвичот, туку на друго место.

„Нема брз и ефикасен начин да се провери автентичноста на секоја перика. Тоа ќе доведе до масовна појава на перење коса“, загрижено изјави Немиенков.

Акцијата ја осудија и активистите за човекови права од здружението „Коса за сите“, истакнувајќи дека со последниот потег Афро-бургер ги дискриминира ќелавите.

Во меѓувреме, заштитното лице на новата акција/кампања на Афро-бургер, Симеон Иванов Канго, ја подготвува и рекламната песна за акцијата, која го носи насловот „Сендвич семакедонски, со влакно“.