Момчето со најубавите желби

17.12.2012 11:40
Момчето со најубавите желби

Стојам на ред во еден супермаркет што се наоѓа во близина на комплексот факултети од различни профили. Не е долг. Ручек време. Студено е. Неколку полни кошнички пред мене и едно момче без кошничка до мене. Скромно облечено, но сепак пристојно, за едно градско дете кое дошло од провинција. Во раката држи кесичка. Во кесичката парче кифла, или геврек, убаво завиткан. На лентата две чоколатциња „најлепше жеље“. Касиерката им го регистрира баркодот. Ја подава сметката, која момчето грижливо ја гледа. Ги зема чоколатцата и заминува. Сосема случајно или пак не, нешто ме натера да погледнам кон неговото лице. Лице на младо момче - полно грижи. Очите го издадоа неговиот страв – страв што отвори прашање кај мене, како набљудувач. Страв од тоа да не потрошил повеќе од буџетот, страв од „луксузните“ продукти околу него што не ќе може да ги купи, страв од сознанието дека можеби нема да може финансиски да ги издржи студиите за кои сонува, страв од неизвесноста на неговата иднина!? Ми падна жал за неговата состојба и едно чудо слики ми минуваа низ глава, за тоа како изгледа животот на ова дете, студент, кога двете чоколатца, веројатно замислени како десерт по неговиот ѓеврек-ручек, за него очигледно претставуваа луксуз.

Дојдов на ред да платам, но мислата за момчето ми остана прикована. Почувствував тежина во стомакот кога ги редев моите продукти пред касиерката што не беа ништо посебно, туку прехранбени артикли од домашното мени. Тоа што за мене е нормално, за тоа дете беше невозможно.

Излегував од супермаркетот и погледот и мислите ми беа насочени отспротива, кон уништениот храм на уметноста, што некогаш беше авангарда. Таму пред многу години и јас самата го постилав срцето пред публиката, кога лепчето и чоколатцата беа за подобро утре, а и за карта повеќе. Тргнав кон автомобилот, а пред мене, на ќоше на една клупа, повторно го гледам момчето. Грижливо ја отвора кесата, стуткано на ќошето (небаре ќошињата држат повеќе топлина) го вади парчето леб и почнува да јаде. Тоа беше неговиот ручек. Во неговиот скут беа легнати двете чоколатца „најлепше жеље“. И ноемвриското сонце се проби конечно низ облаците учествувавајќи во гозбата на младиот човек.

Не можев повеќе да издржам. Со солзи во очите истрчав кон автомобилот. Не од жал, туку од бес и немоќ. Бев лута на себе затоа што ништо не можам да сменам. Бев лута на сите квази политичарски креатури што ја водат оваа држава без да имаат нималку свест и ни трунка чувство што им се случува на младите луѓе. Бев лута на родителите на овие деца што ги туркаат во лажните приказни и политички кампањи на владата. Бев бесна затоа што ја видов иднината на ова дете, на кое завршениот факултет не само што нема да му ја подобри иднината, туку ќе му ги одземе и „најубавите желби“ кои во моментот на неговиот ручек му минуваат низ главата.

И самата работам со млади луѓе на кои катадневно им го оставам занаетот и знаењето како аманет. Ги следам поединечно нивните маки и нивните прекршувања, нивните соништа и нивните разочарувања. Ги гледам како полека гаснат како свеќи колку повеќе се наближуваат нивните апсолвентски денови и „...разбирам од каде ми идела оваа гроза по коскиве“. Пред десетина години моите предавања на актерите започнуваа со важните правила за негувањето на духот и на неговиот дом-телото. Ги учев студентите дека треба да инвестираат во нивниот изглед и нивното знаење. Ги учев да не се откажуваат од сонот, како што Васлав Нижински не се откажувал од својот и чиј што скок и ден денес е синоним за тоа дека невозможното станува возможно. Сè додека еднаш еден од нив не ми пријде и ми рече: „Ноли, на твоите часови е како во убав сон, но кога ќе излеземе надвор – нè чека кошмар...“ Не знаев дека голем дел од нив едвај преживуваат и дека имаат по две работи за да си ги платат сметките. Не знаев дека си требал да бидеш во шема со гарнитурата за да можат и тие да те стават во шемата, во која и тие самите се некоја под-шема. Не знаев дека од нив никој не барал скокови, туку напротив, се барале коленичења. Не ни помислував дека врвни актери излезени од нашите клупи, не дај боже, станале марионетки во рацете на најголеми непознавачи на културата и уметноста?! Јас не ги учев на тоа!!!

Кошмарот што го живеат младите луѓе во Македонија, како тоа дете со најубавите желби, е одговор на горливото прашање што го мачи премиерот во однос на наталитетот и на заминувањето на младите умови и цели фамилии во туѓина. Јас, пред сè како мајка, доколку не можам да им обезбедам минимална иднина на своите деца – нема да ги раѓам! Јас како мајка ИМАМ ПРАВО да сакам моето дете да има пристоен, здрав, достоинствен живот кој и самата го немам, а не можам ниту нему да му го понудам дури ни со мојата професорска плата! Не знам како вие, како татко на нацијата, сакате зголемен наталитет и која иднина вие можете да ни ја пружите нам, на македонските граѓани и на нашите деца?!

Но, владетелската математика врз сè помалуброен народ оди во ваш прилог, зашто помалку народ – полесно се купува, притоа знаејќи дека „за лајца урда“ го имате. Кое ли школо завршија нашиве млади властољупци и какви ли мајки нив ги родиле?! Со какви вредности биле задоени од моментот на раѓање?! Колку одговорност и колку љубов истекла од нивните мајчини млека?! Какви ли тези бранеле во своите докторати?! Што би можеле ние, како нивен народ, од нив да научиме и примениме, освен омраза, цинизам, лажење, одмазда, закана, кражба?!

Денес на моите предавања на актерите можат да се слушнат следниве реченици: Вие сте авангардата на Македонија, Вие сте мисионери на културата и уметноста, Вие сте свеста на народот. Вие немате и не смеете да имате цена. Вие работите со умот и со срцето – без калкулација. Вие не сте слуги на министрите и политичарите, туку обратно! Вие морате да бидете сè во едно: математичари, физичари, хемичари, работници, политичари, земјоделци, магионичари - ако сте решиле да бидете актери. Вие сте светлината во мракот. Вашата задача и Вашата одговорност е иста како и онаа на пилотите и лекарите. Се работи за живот. Не на патниците, не на пациентите – туку на цел народ. Јас тоа ги учам моите студенти. Друго не знам.

Детето со најубавите желби на скутот, стуткано на ќошето на клупата можеби ќе се избори за своето место под сонцето. Многу од таквите деца и успеале, па сега ги кажуваат приказните од минатите времиња, за тоа како стигнале до своите станици. За денешните станици, изгубени илузии и ентузијазам ќе слушаме во некои идни времиња. За сега, вриеме од лоши актери што глумат големи патувања вo лош филм.

И денес има деца што успеваат, деца кои не се откажуваат од своите соништа . Но, тие деца најчесто стануваат државјани на други земји каде што постои систем на вредности што ги препознава, вреднува и употребува нивните соништа и труд. За жал, најголем дел од нив остануваат само со најубавите желби и соништа што се топат пред нашиот катадневен кошмар.

Фотографии: Johan Willner

ОкоБоли главаВицФото