Македонски писател напиша песна што не почнува со „О,“

18.12.2012 11:43
Македонски писател напиша песна што не почнува со „О,“

Бардот на македонската поезија, Ретромир Авангардов, предизвика скандал на читањето „Ах, љубов“ одржано во Природонаучниот музеј во Скопје, пред поставката за диносауруси, читајќи изменета верзија на една од неговите најславни песни.

На изненадување на сите четворица присутни во публиката, Авангардов започнал да ја чита култната „Љубов на сред село, онде кај чешмата, кај што те ма’ав со јаболко“, но наместо да го прочита првиот стих како што е напишан во оригиналот „О, љубов моја“, тој ја изоставил евокацијата „О“ и ја започнал песната со „Љубов моја“.

Еден од присутните во публиката се онесвестил од шок, друг замавнал кон Авангардов со бастунот, трет почнал да си ја кубе косата врескајќи „предавство“, а четвртиот веднаш се упатил кон најблискиот манастир да се замонаши.

Деканот на Филолошкиот факултет соопшти дека професорите експресно ги исфрлиле неговите 75 дела од програмата, а ДСМ (Друштво на скрибомани на Македонија) експресно го исклучи Авангардов од своите редови.

„Еднаш утврдената конвенција не смее да се менува. Отстранувањето на универзално поетичното О на почетокот од стихот е литературохулие, срамно дејание и напад врз лепословието. О, замрачение!“, изјави професорот Андон Поп Венков за Пара вести.

Ретромир Авангардов се правдаше дека грешката е случајна и до повеќе медиуми испрати допис со содржина „О, се извинувам“. За сега, нема најави дека извинувањето ќе биде прифатено од ДСМ и дека во програмите на Филолошкиот факултет ќе бидат вратени неговите дела.