После ЕУ, опуштеност

21.12.2012 09:56
После ЕУ, опуштеност

Има една исконска слобода во опуштеноста. Чинам дека луѓето се опуштаат токму поради тоа чувство на слобода, со кое се здобиваат при опуштање. Така, тоа е процес кој води кон она што луѓето исконски го сакаат и го барат - слободата. Но, и слободата треба да се одреди, така што ќе биде проследена со уште еден друг процес - стегнатост.

Има разни варијации на мистични теории, кои патешествието на човечкиот дух, но и на родот кој го носи тој дух, го објаснуваат токму со опуштеност и стегнатост. Така, велат, стегнатите за опуштеност и опуштените во стегантост не се на правиот пат кон слободата и дека таквите се заглавиле на тој пат. Токму поради заборавеноста во самите тие процеси, притоа заборавајќи на слободата. Тоа е така, од чувствата и поривите, па сѐ до економијата и политиката. Колку само луѓе се опуштаат до нестегнатост, или се стегаат без опуштеност, на пример во трошењето, притоа губејќи ја токму слободата на избор. Или, робувајќи на самите тие процеси. Или, доведувајќи се себеси во состојба на неслобода и робување.

Да се вратиме на земја и да се потрудиме преку ова да објасниме што ни се случува, или што може да ни се случи. Охрабрени од веројатноста дека ова важи и за луѓето, но и за цели заедници, народи и нации.

Поради фактот што кај нас сево ова е и испомешано и мешовито, треба во разни слоеви да ги следиме овие процеси и да ги идентификуваме истите. Раслојувањето во потполност би довело ова да изгледа како неразговетен трактат, но мислам дека е неопходно, барем да на термините заедница, народ и нација, да се додадат и фамилија, партија и држава. Така, фамилијата или партијата се опушта во стегнатоста до степен на заедница или народ и последователно на тоа, или му робува на процесот, или ја губи слободата на избор од немање одговор.

Мислам дека ова му се случи на ДПМНЕ, која во рок од само два дена изгуби еден нокт и цел град (Прилеп), одговор (Димовски од Милетиќ) и опуштеноста. Опуштеноста отиде со блокадата на донесувањето на буџетот. Преку блокадата излезе на виделина дека Ставревски знаел само да празни буџет, а не и да стегне или да врти, што е основна карактеристика и однос кон парите, дури и на едно прваче кон својот џепарлак.

Но, и опуштеноста и стегнатоста некои ја бараат, а некои таа ги наоѓа. Во ДУИ сама ги најде. Така, нив опуштеноста ги снајде токму кога насетија дека треба да се стегнат, па ете вака, последни и на рати, ги објавуваат и кандидатите за градоначалници. Тоа ги снајде од, за нив, комплексноста на заглавеноста на евро-интеграциите. Евро-интеграциите беа равенка само со една голема непозната за врхушката на ДУИ (прашањето со името). Сега, со Бугарија и со другите проблеми, веќе им стана равенка со многу непознати.

Згора на сè, тие во ова немаат никаков простор за затегнатост и од фактот што во заклучоците на ЕУ, освен Секретаријатот за европски прашања, се тангирани уште многу делови на ДУИ (правосудство, Комитет за односи меѓу заедниците), а посебно Охридскиот рамковен договор. Од 11 години од донесувањето на Рамковниот, цели девет години надлежниот Секретаријат е во рацете на ДУИ, а од тие девет години седум години е еден ист човек: Муса Џафери.

Дополнителен пех за ДУИ е дека со стегнатоста се спротивни со трендот на опуштеност кој почнува да преовладува кај нивниот таргет на гласачи: Албанците во Македонија.

Изреката „после мене, потоп“ Албанците тука веќе почнаа политички да ја преведуваат во „после ЕУ, опуштеност“. Тоа на виделина сè уште изгледа неразговетно и чудно, токму како собранискиот преведувач на албански, кој мака мачеше кога, одеднаш, требаше да преведе истовремено двајца пратеници. Што прво да преведе, што друго да прави, освен да се опушти, како што и направи. Така и Албанците, тука, со години, се стегнуваа да ја бранат државата Македонија од владата Македонија и притоа успешно се носеа и на фронтот на албанството за целиот регион. Сега, после иницијативата на АМАН, штрајкот на докторите и по залетот на здружената опозиција, тој товар на стегнатост опаѓа кај Албанците. А откако Албанците од Македонија доживеаја да го видат денот кога и еден Сали Бериша вистински се занимава со албанство, опуштеноста настапи и на другиот фронт.

Изгледа неправедно некој да се стегне, а некој да се опушти, но чинам дека, сепак, токму во тоа лежи изворот на надежта и на повторното враќање на патот на слободата на оваа поделена нација. Државата личи многу на однос и врска. Ако секаде и од двете страни настапи стегнатост, таа врска се кине. Што, впрочем, е исто случај кога сите се опуштат. И тогаш се разлабавува до степен на тоа дека тоа не е веќе тоа или, пак, влегуваат некои трети, кои ја кинат.

Извор: Фокус, 20.12.2012