Книги од Темплум и други издавачи на саемот во ГЕМ

21.12.2012 15:25
Книги од Темплум и други издавачи што може да ги најдете на саемот во ГЕМ

На првиот саемски ден, ви претставуваме дел од книгите од повеќе издавачи што може да ги најдете на саемот во клубот ГЕМ.

Работното време на Саемот е од 10 до 21.30 часот (освен во недела кога Саемот ќе почне да работи во 15 часот).

Од издавачите учествуваат: Темплум, Или Или, Магор, Блесок, Сигма Прес, Слово, Табахон, Евро Балкан Прес, Бегемот и Готен.


ТЕМПЛУМ

„Vita activa“ - Виктор Иванчиќ

„Vita activa“ настана како луциден одговор на насилството на државата над поединецот. Меѓутоа, целта на тој одговор не е одмаздата. Целиот роман се состои од обиди да се разберат мотивите и механизмите - практични и психлошки - на дејствувањето на доушникот. Така, во тој обид да се разбере она што е морално неприфатливо, средишното место во приказната за „подвизите и авантурите на еден доушник“ го добива фрагментот за доктор Т. На прв поглед, тој фрагмент отскокнува од целината на романот. Но, тој е напишан за да отскокнува. Со своето повластено место во романот тој го олеснува читањето и разбирањето на комплексната приказна за доушникот.

„Толкувачот“ - Идлир Азизи

„Толкувачот“ е роман за тоа како еден симултан преведувач е најмен од еден англиски спортски новинар, кој истражува за што навиваат Албанците среде дневно-политичкит превирања. Романот поттикнува обид да се разбере секојдневието не само од гледна точка на преведувачот, кој се труди да му протолкува на странецот што се случува во неговата земја, туку ги засега сите што се почувствувале како странци уште пред да излезат од дома, па се обидуваат некако да го протолкуваат патот низ навивачката бркотница наречена транзиција. Среде толпата се појавуав и отпуштениот професор кој се обидува да го провоцира површниот светоглед на толкувачот. Толкувачот, пак, често препознава искривоколчени призвуци од исказите на професорот што провејуваат низ приказните на бројните ликови интервјуирани од новинарот. Оваа приказна од Албанија морничаво лесно се вклопува и во тукашниот контекст, така што на мигови потсетува на искривено циркуско огледало кое не е баш исправно, па понекогаш одразите делуваат поверодостојно отколку смешно.

„Босанците го трчаат почесниот круг“ - Иванчица Ѓериќ

Во основата на романот лежи приказната за војната, иако е раскажана посредно, како збир од приказни кои главната хероина и нараторка ги слушнала од своите сограѓани од босанската паланка. Тромук е своевидна босанска Јокнапатафа во која се раѓаат митски ликови, поголеми од животот, но кои како да се онеспособени за живот. Слично на Едип, ликовите Даниел, Ален, Мирко и Стефан се врзани за земјата од која бегаат, но никако не успеваат лошиот дух да го истераат од себе. Неуспешниот обид на главната хероина да ја исправи непоправливата грешка и нејзиното настојување да го разбере животот на својот брат се двата главни раскажувачки текови кои се преплетуваат во романот. На крајот, разврската не е можна. Секој обид за бегство од хтонскиот/тромучкиот свет во ванкуверскиот свет на големи секвои и океанска светлина се завршува со суштински пораз. Лагата и смртта не можат да се сокријат, без разлика колку обиди за тоа се направени. Цената која мора да ја платиме за вкусувањето на забранетото овошје со себе не ја носи само библиската симболика. Таа е стварна, како и Тромук во нас.

„Теорија на необразованието“ - Конрад Пол Лисман

Теорија на необразованието е актуелна, полемична и сјајно артикулирана критика на поимот „општествено знаење“. Низ девет поглавја овој есеј за европската политика на образованието и културата ги анализира медиумските појави од типот на „Милионер“ и нему сличните квизови на квазизнаењето, ги разгледува серијата неуспешни реформи во образовниот систем и размислува околу новосоздадената манија за рангирање на образовните институции. Разгледани се и бескрајните и бесплодни јавни и приватни дебати за падот на знаењето од основното и средното училиште.

„Европејците на изумирање“ - Карл-Маркус Гаус

Во времето кога низ Европа се засилува антимиграциското движење и кога водечките европски политичари прогласуваат смрт на мултикултурализмот, австрискиот есеист и писател Карл-Маркус Гаус во книгата „Европејците во изумирање“ ја истражува богатата и разновидна историја на заборавените европски малцинства.
Во одличниот спој од патеписна проза, културна историја, живи сведоштва и филозофски рефлексии, Гаус нè потсетува на сараевските Сефарди, кочевските Германци, италијанските Арбреши, Ароманците и Лужичките Срби, повторно оживувајќи ги нивните спомени, но и предупредувајќи на нужноста на сеќавањето и одржувањето на разновидноста.

Оваа книга не претставува само патеписно раскажување за европските малцинства кои често им се непознати и на самите Европејци, туку таа токму денес станува патоказ и опомена да се зачува мултиетничката и мултикултуралната сложеност на старата Европа, но и на онаа Европа која допрва се создава.

„Медитеранска мисла“ - Франко Касано

„Медитеранската мисла“ ја содржи идејата дека Југот не треба само да учи од Северот, од таканаречените „развиени земји“, туку дека и другите можат да учат од него. Значи, неговата судбина не е да исчезне за да стане Север. Треба да се зачува гласот на Југот, критиката што му ја упатува на нашиот ограничен начин на живот, условен од централната позиција што Северот и Западот ја заземаат во светот. Сметам дека Југот треба да ја зачува способноста да имитира, но исто така треба да се избори да заземе критички став кон еден свет кој своите суштински параметри ги изградил врз опсесијата на профитот и на брзината. Ние мислиме дека земјите во светот се поделени на развиени земји и земји во развој и дека вториве треба да станат како првите, што е невозможно во општи рамки, затоа што секоја земја има своја историја преку која го толкува развојот и врз таа основа ги гради своите потреби и својот глас. Погрешно е да се зборува со гласот на другите. Треба да се зборува со сопствениот глас. Пред сè на Југот треба да му се вратат некои особини што му припаѓаат. Јас во основа и‘ давам голема важност на бавноста. Не е вистина дека светот станува посовршен со брзината. Постојат неколку димензии на искуството кои можат да се остварат само низ бавноста. Такви се љубовта и спознанието. Мислата дека сè може да се збие, да се направи да биде побрзо е илузија која раѓа патологии. Југот би можел да ни помогне да ги видиме патологиите што се раѓаат од еден модел во кој развојот и разумот излегле надвор од мерката, станале разуздани, без никаква можност да се владее со нив.

ТАБАХОН

„Хајек vs. Маркс - Ерик Ааронс

Ерик Аaронс (1919) е економско-политички теоретичар, но и еден од клучните активисти на Комунистичката партија на Австралија. Во оваа книга тој ги соочува биографиите и интелектуалните достигнувања на двата стожери на модерната политичка економија - Карл Маркс и Фридрих Хајек, а паралелно со анализата на нивните антрополошки и економски позиции, се обидува нив да ги примени врз секојдневните проблеми на кои наидува нашето глобализирачко општество.

„Категории“ - Аристотел

Дел од Аристотеловиот „Органон“, овој текст прв пат се објавува во критичко издание на македонски, со паралелен текст на старогрчки јазик. Преводот е на Јеродјакон Виктор Теодоростудит, кој на места нуди нови преведувачки решенија за филозофската терминологија на Аристотел, базирани врз словенски јазички корени.


„Валден“ - Хенри Дејвид Торо

Отидов во шумата затоа што сакав да живеам со промисла, да се соочам само со суштинските факти на животот, а не кога ќе дојдам до тоа да умрам, да откријам дека не сум живеел, вели авторот на оваа култна книга, која иако е напишана во 19. век, е неверојатно точна дијагноза на проблемите на нашиот, 21. век. Дали е можно човек да се ослободи од прекумерните луксузи, живеејќи едноставен и скромен живот? Ова е прекрасен филозофски и практичен водич за начините на кои може да се оствари оваа цел.


БЛЕСОК

„Ни беше толку убаво“ - Сибила Петлевски

Во вториот дел од трилогијата „Табу“, Сибила Петлевски од сосем друг агол и на сосема поинаков начин проговорува за амблематскиот лик на fin de siècle, Виктор Тауск. Пишуван како биографски роман и семејна сага, романот „Ни беше толку убаво!“ раскажува за психоаналитичарот чиј живот е всушност психограм на дваесеттиот век.

Вешто и непрестајно балансирајќи помеѓу стварните факти и фикцијата и играјќи си со нив, Сибила Петлевски низ Таусковиот живот ги провлекува темите кои тоа доба ги отворило, а кои се и ден-денес неизбежни – од прашањата на нацијата и верата, преку сексуалноста и смртта, па сè до слободите од сите видови.

Во животот на Виктор Тауск, но и на неговите блиски, особено на сестра му Елка, постојано се преплетуваат еротиката и политиката, љубовта и смртта, одговорноста кон другиот и трајниот копнеж по секаков вид слобода. „Ни беше толку убаво!“ е апологија на потрагата по среќа и потребата по неа постојано да трагаме, а Виктор Тауск е една од оние стварни историски личности кои имале храброст во таа потрага да се внесат.

„За смешното: Теориите на хуморот низ призмата на расказот“ - Румена Бужаровска

Од што се состои смешното? Што е тоа хумор? Оваа студија се обидува да одгатне барем дел од оваа човечка мистерија низ преглед на теориите на хуморот и нивната примена врз современиот американски и македонски расказ (Селинџер, О’Конор, Вонегат, Бартелми, Михајловски, Андоновски, Лафазановски, Османли...)


„Спиј пред вечерта“ - Магдалена Бол

Спиј пред вечерта сигурно е повеќе од роман. Тоа е искрен коментар за семејните и општествени елементи кои го кинат нежното ткиво на невиноста од животите на младите. Мериен пред читателите е вистинска приказна за осаменоста, а нејзиното преживување зависи од воспоставувањето човечки врски. Сепак, нејзиниот неуспех да најде таква врска во преполниот град бидејќи луѓето несигурно и грозничаво трагаат по кариера, слава и пари, е трагедија над која вреди да се замислиме. Дали таа ќе излезе од овие бурни води или не е друго прашање; потребата да ја разбереме, да ја побараме во нашите домови и животи, и да ѝ помогнеме да излезе од своите маки е клучно за нашето сопствено преживување како луѓе на оваа планета.

ГОТЕН

„Лајка формат“ - Даша Дрндиќ

Во овој роман Даша Дрндиќ врши своевидна анализа на провинцискиот град, го опишува менталитетот на затворената урбана средина во која особено чувствително се издвојуваат ликовите на новодојдените, имигрантите, доселените. Според описот станува јасно дека се работи за Риека, градот во кој Даша Дрндиќ живее, иако таа во романот не го споменува со актуелниот назив, ами со стари, историски имиња. Така, во нејзината проза тој станува колку реален толку и виртуелен, еден тмурен град на влажни и дождливи зими, во кои луѓето како и сивото време се однесуваат оттуѓено и сиво. Во една лирска егзалтација, авторката го опишува градот кој бавно и мачно умира, во кој нема многу паркови, а нема ниту зоолошка градина ниту аквариум и покрај тоа што е приморски град. Ова е проза која се состои од различни фрагментирани парчиња, од историски записи, од толкувања и истражувања на минатото и на луѓето, до есеистички пасажи за уметнички правци, слики, за општествени феномени и случувања.

Со извонредна раскажувачка способност, Даша Дрндиќ создава болна атмосфера, особено силна емотивна приказна во која е забележливо изобилство на автобиографски елементи. Жестината и грубоста на одредени сцени се испреплетуваат со притаена женска поетичност.

„Вест од несвест“ - Бранко Прља

Книгата „Вест од несвест“ издадена за издавачката куќа Готен е производ на повеќегодишна работа и збир на повеќе изданија кои претходно авторот ги објавувал во форма на весник. Во 2005 година авторот ја објавува збирката измислени вести во форма на весник, со наслов „Вести од земјата на чудата“. Сатирата и хуморот се главна жанровска определба на ова дело, а играта помеѓу фактот и фикцијата е домимантна идеја, со што жанровската определба би можела да се нарече факција. Делото е во духот на познатиот американски сатиричен весник Онион, но не застанува таму и да се дефинира само на тој начин би било неправедно. Делото продолжува во духот на деконструкција на вистината и на личните биографии, со лажни вести и градење на едно поврзано и кохерентно дело преку новинарскиот и рекламно-маркетиншкиот израз, како критика на комерцијализацијата на општеството и поттикнување на критичката свест кај населението. Оваа серија на измислени вести во форма на весник авторот ја продолжува со изданијата „Парите се отепувачка“ од 2006 година и „Вести од подрумот на баба ми“ од 2007 година, за да ги заокружи со четврто издание (наречено „Вести од Кина“) и воедно збирка на сите претходни изданија во форма на книга и со наслов „Вест од несвест“.

„Собата“ - Андреас Мајер

Андреас Мајер, роден 1967 година е еден од најважните млади автори во современата германска литература. Тој иако млад е автор на многу дела: „Клаусен“ (2002); „Заведување. Прозата на Томас Бернхард“(2004); „Кирилов“ (2005); „Булау. Обид на природата“ (2006); „Сансоси“(2009); „Вујко Ј. Локална историја“ (2010), за кои има добиено бројни книжевни награди. За манускриптот на овој роман „Собата“ Андреас Мајер ја доби наградата „Роберт Герхардт“ за 2009 год. Романот може да се смета за портрет, сеќавање за една личност, но и почеток на голема семејна сага. Тоа е рефлексија на времето и на една цивилизација од крајот на дваесетиот век. Ова е роман за дигнитетот на еден човек и како тој дигнитет да се зачува. Со брилијантна иронија Мајер го опишува безгрижното забегување на Вујко Џ од реалниот свет, неговиот недостаток за чувство во времетово кое живее. Еден типичен ден во неговиот живот се движи од ентузијазмот да се посвети на освојување на планините, иако е врзан за инвалидска количка, до неговата пасионираност кон тенковите од Втората светска војна, и особено со акцент на љубовта кон франкфуртските проститутки. Вујко Џ станува препознатлив како човек кај кого не постои концептот за вина и кој дури и во најсомнителните ситуации не чувствува никаква грижа на совеста.

ИЛИ-ИЛИ

„Резервен живот“ - Лидија Димковска

„Резервен живот“ е приказна за две сијамски близначки родени со споени глави, Злата и Сребра, и за нивната потрага по смислата на животот обележан од физичката мана во семејната и општествената средина на осаменост, другост и (не)прифатеност. Личната драма чие испишување се протега во периодот од 1984 до 2012 година од Скопје до Лондон и назад, е отсликана на фонот на времето ние кое протекува животот на нараторката Злата опфаќајќи ги и оние настани кои се дел не само од индивидуалната, туку и од колективната меморија и историја.

„Златен оков“ - Џанг Ајлинг

Според многумина, „Златен оков“ е најдобрата кинеска новела во 20 век и, секако, таа е еден од ретките преводи од кинески на македонски јазик. Провокацијата за превод на Ајлинг потекна од фактот дека таа, како што вели нашата ценета преведувачка Сара Цветановска, ги прекалува искуствата од својата рана младост, прустовски се сеќава и пресеќава, создава уметност од сеќавањата, и преку секогаш новиот книжевен израз. Таа ги преобличува сеќавањата на нејзиниот татко, кој иако високошколуван и повластен, завршува како опиумски зависник, се преженува и во една пригода, заради пркос кон помајката, ја држи Ајлинг затворена во нејзината соба со месеци, истоштувајќи ја речиси до смрт. Токму ваквите искуства од „Златен оков“ прават мало ремек-дело, а книжевноста на Ајлинг ја споредуваат со онаа на Вирџинија Вулф, Џорџ Елиот, Франц Кафка, Фланери О`Конор.

„Нешто да ти кажам“ - Ханиф Курејши

„Нешто да ти кажам“ е роман што раскажува за Џамал, психотерапевт што има педесетина години и кој минува низ непријатна разделба со својата сопруга. Романот е преполн со дигресии што се занимаваат со современата политика, но нуди и зајадлива анализа на антиинтелектуализмот на модерната култура. Ова е роман што со елегантна сериозност ги опишува стравот од стареење, снеможеноста на уживањето, опстанокот на љубовта, копнежот да се сфати и да се биде сфатен - сета меланхолична фасцинација на средната доба.


МАГОР

„Историјата на луѓето кои умреа од страв“ - Ермис Лафазановски

Дејството се случува во седумдесеттите години во Скопје и е поврзано со секојдневниот живот на неколкумина странци, кои се привремено сместени во една распадната барака на периферија на градот. Тие се, главно, емигранти и политички бегалци, кои чекаат да биде решен нивниот статус и да го продолжат својот пат.

Романот изобилува со интересни ликови чии меѓусебни односи градат една колку веројатна, толку и неверојатна слика за духот на времето, во кое ликовите ги доживуваат најголемите премрежиња, но и ситни радости. Антропологијата на стравот, манипулативните стратегии што го користат стравот како секојдневно оружје за затапување на сетилата за објективност е една од клучните теми што преовладуваат во овој роман.

„Зад аголот“ - Томислав Османли

Романот носи приказна во која се меша современоста и историјата, фантастиката и реалноста, длабејќи го наративот за парадоксалниот геометризам на изненадата што демне зад првиот свиок... „Зад аголот“ е монтажно, мултимедијално, филмски, на места и стриповски, ирониски, но и емпатиски, крајно возбудливо раскажан роман за играта на судбинското и за случајното; за љубовта и за предавството, за војната и за изневерата, за залудноста на занесните алтруистички проекти и за надвладувањето на егоизмот низ текот на вкупната човекова историја...

„Човечулец“ - Александар Прокопиев

 

Обраќајќи му се на човечулецот во секој од нас, Прокопиев не се иззема ни себеси, па своето патување низ светот на бајките го завршува како главен лик во една автобајка, која почнува со цитат на Пикасо, дека чудесното е насекаде. Подеднакво чудесно е како, отворајќи ја својата интима, своите спомени од детството или од студентските години во Белград, својата љубов кон билките, книгите и рокенролот, Прокопиев успева да отвори и многу горливи проблеми на нашата денешница, како чувството на егзил во сопствената земја или алчниот црв на масовната потрошувачка, а сепак успева паралелно да го одржува во фокус и својот вроден оптимизам и верба во иднината. Својата волшебна формула за спас самиот тој ја наоѓа во сопственото творештво, во страста кон патувањата и дружбата со блиските на себе, расфрлани насекаде низ светот, но сите со една заедничка нишка „сите тие веруваат, или речиси веруваат, дека бајките и денес се можни“.

БЕГЕМОТ

„Пошта“ - Чарлс Буковски

„Пошта“ (1971) е еден од низата автобиографски романи на Чарлс Буковски во кој е претставена суровата реалност на борбата за економски опстанок во една бирократска институција. Постојано во немилост помеѓу убиствените барања на службата и сопствените, „алкохоличарски“ склоности, Хенри Кинаски е истуркан во позиција на општествен маргиналец. Преку вулгарноста, сарказмот, црниот хумор и меланхолијата, Буковски во свој стил ја опишува својата неподнослива дванаесетгодишна служба во една калифорниска пошта, како и голем број сцени од сопствениот живот каде што неизбежни се жените, алкохолот и бројните бесмислици.

„Продавниците со боја на цимет/Санаториумот во знакот на клепсидрата“ - Бруно Шулц

„Продавниците со боја на цимет“ и „Санаториумот во знакот на Клепсидрата", се збирки раскази коишто ги раскажуваат семејните случки на трговско семејство од едно мало гратче, каде што не е тешко да се забележи сличноста со Дрохобич, родниот град на писателот. Авторот на тие случки им додава митолошки вредности, што е карактеристичен Шулцов начин на изразување – честопати визионерски, ониричен и поетски. Па, така, тоа е „митологизирана реалност, преработена од фантазијата, артистички деформирана и збогатена огромен број однесувања или алузии до многубројни литературни дела, до возвишените митови, до другите поегзотични подрачја на реалноста“.

„Скици нацртани со јаглен“ - Хенрик Сјенкјевич

Скици нацртани со јаглен е избор од четири новели, коишто се сметаат за едни од најдобрите на Хенрик Сјенкјевич. Иако останале во сенка на неговиот огромен опус од историски романи, коишто на Сјенкјевич му донеле голема писателска слава, сепак неговите новели и раскази претставуваат многу важен елемент од неговото творештво.
Мајсторството во непредвидливоста на настаните е една од главните карактеристики на овие раскази. Така, тие од комични стануваат трагични, ликовите од херои стануваат губитници... Сликовитата претстава на разликата во општествените сталежи и секојдневните судбини на луѓето од руралните средини, се нишката којашто провејува во поголемиот дел од неговите раскази и новели. Прекрасно украсената наративност, деталноста во раскажувањето и повремената директна комуникација со читателот, се карактеристиките со коишто Хенрик Сјенкјевич го освојува и најкритички настроениот читател.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото