Уметници го уредуваат новиот број на „Плејбој“

22.12.2012 11:21
Уметници го уредуваат новиот број на „Плејбој“

Откако Хју Хефнер во 1953 година позјамил 1.000 долари од мајка му за да го покрене списанието, страниците на „Плејбој“ ги красеа Џејн Менсфилд и Мерлин Монро, а милиони мажи со нетрпение го исчекуваа секој нов број. За прв пат во историјата, во изданието за јануари/февруари 2013, „Плејбој“ ќе објави дела кои ќе го редефинираат актот како уметност.

Речиси 60 години суверен владетел во областа „голотија со вкус“, „дуплерицата“ на „Плејбој“ ќе биде исполнета со делата на водечките современи уметници како Трејси Емин и Синди Шерман. Од магазинот сметаат дека на овие слики женското тело ќе биде претставено како вистинско уметничко дело.

„Плејбој“ има долгогодишна историја на кокетирање со „сериозната“ уметност: на неговите страници се објавени кратки раскази од Владимир Набоков и Иан Флеминг, но страниците со фотографии на зајачиците често имаа контроверзен призвук и беа забранувани во Кина, Малезија и Иран.

Наместо да бидат „наградени“ со комплетна женска голотија од сите агли, читателите во новиот број ќе добијат увид во уметноста која ја преиспитува „етиката на однесување на луѓето и скриените политички структури во општеството“.

Седум уметници добија одврзани раце да ги изберат своите дела, без никакви предуслови.

Трејси Емин (49), некогашната контроверзна водечка членка на движењето Млади британски уметници, сега членка на Кралската академија и национално богатство на Британија, даде свој придонес со делото „Lonely Chair Drawing V“

Влијателната американска фотографка и режисерка Синди Шерман (58) во своите рани дела често се осврнуваше на „Плејбо“ј. Во фото серијалот Centerfold позираше облечена со благ израз на вознемиреност и помиреност на лицето.

Таа за јануарскиот број на списанието приложи две експлицитни дела без наслов настанати во 1992 година.

На едното е прикажано голо тело со вештачки делови на телото и со лицето на уметницата. На другото има пластична кукла потпрена назад со раширено меѓуножје во преден план.

Надреалистичкиот „дезертен“ пејзажист Вил Котон (47) вели дека неговото дело Cotton Candy Queen е совршено за во Плејбој.

„Моделот на оваа слика е мис Руби Валентајн, бурлескна танчарка од Њујорк. Таа лежи на облак од шеќерна пена со круна од слатки.“

Сликарот и фотограф Ричард Принс (63) ја приложи фотографијата инспирирана од поп-културата, Untitled Girlfriend 2012.

Во Плејбој може да се најде и фотографија со неонски натпис With Full Consent на американската уметница Џил Меџид (39).

Извор: B92

ОкоБоли главаВицФото