Ќе се гради и мост Уво

23.12.2012 11:09
Ќе се гради и мост Уво

Додека се во тек завршните работи на мостот Око, градоначалникот на Скопје Трале Коцев најави дека наскоро на просторот помеѓу Камениот мост и Око ќе започне изградбата на мостот Уво, а инвеститор ќе биде Министерството за внатрешни работи.

Станува збор за мост на кој наместо скулптури, како на Мостот на уметностите, ќе стојат припадници на МВР на посебни пунктови за снимање, каде што граѓаните ќе можат доброволно да ги откриваат своите тајни.

„Иницијативата дојде од МВР, затоа што нашите оперативци се премногу зафатени за да можат да ги прислушкуваат сите. Вака работата ќе им биде олеснета, и на нив и на граѓаните. Ако некој се сомнева дека е прислушкуван и следен, слободно може да дојде на мостот Уво и да ги отстрани сомнежните, т.е. да биде сигурен дека е прислушкуван“, изјави министерката за внатрешни работи Ушка Жандармерска Слухова.

Градоначалникот на Скопје објасни дека идејата веднаш била прифатена, затоа што и онака има премногу празен простор во центарот на градот.

„Париз ја има Сена, Скопје го има Вардар. Париз го има мостот Мирабо, ние ќе го имаме мостот Уво. Сè се тоа заеднички работи“, објасни Трале Коцев, додавајќи дека на мостот ќе има часовник кој на секој час ќе пушта кратка снимка со најинтересните извадоци од прислушкуваните разговори.

За поуспешно функционирање на мостот, МВР уште сега ја започна кампањата „Претворени сме во уво“, со која ги поттикнува граѓаните почесто да свраќаат на пунктовите со прислушкувачи. Исто така, во градинките е во тек кампањата „Прислушкувач за секое дете“.

Градоначалникот на општина Центар и сопственик на големиот ланец маркети Тирекс, како еден вид новогодишен подарок, донираше сто диктафони и исто толку пакетчиња со стапчиња за чистење уши, за оперативците на МВР кои ќе работат на мостот Уво, како и за оние кои работат на прислушкување.

Деновиве се очекува да пристигне и специјалната отскочна даска, донација од Северна Кореја, која исто така ќе биде поставена на новиот мост. Со даската треба да им се помогне на чувствителните граѓани на кои можеби при исповедта ќе им се испушти нешто што немале намера да го кажат, па ќе посакаат да скокнат во Вардар.

Се очекува новиот мост на Скопје да му донесе помеѓу триста и четиристотини илјади туристи дневно. Иако сè уште не е изграден, веќе се најавени неколку организирани тури од страна на припадниците на министерствата за внатрешни работи на Казахстан, Туркменистан и Зимбабве.