Мал новогодишен саем на книги по трети пат во ГЕМ

24.12.2012 12:39
Книги на саемот во ГЕМ

Во тек е саемот на книги во клубот ГЕМ. Ви претставуваме дел од книгите од повеќе издавачи што може да ги најдете на саемот. Од издавачите учествуваат: Темплум, Или Или, Магор, Блесок, Сигма Прес, Слово, Табахон, Бегемот и Готен.

Работното време на Саемот е од 10 до 21.30 часот. 

ТЕМПЛУМ

„Дипломец“ - Чарлс Веб

Книгата „Дипломец“ на Чарлс Веб е еден исклучителен роман кој во 1967 година беше засенет од неговата филмска адаптиција во режија на Мајк Николс и главна улога на Дастин Хофман. Издаден во 1963 година, во екот на хипи ерата во Америка, четири години пред излегувањето на филмот, овој роман претставува совршен рез на американското општество и портрет за отуѓувањето на младите и нивното разочарување од една ера. Богата со луциден, прецизен и ироничен дијалог, со кој феноменално се доловени акциите и ликовите во нивната болна изолираност, книгата ја следи приказната на Бенџамин Бердок кој веднаш по успешното дипломирање сосема случајно се впушта во афера со жената на најдобриот пријател на неговиот татко, госпоѓата Робинсон. Кулминацијата на приказната, која суптилно се навестува уште од самиот почеток, го достигнува својот врв во мигот кога на сцената се појавува Елејн, ќерката на Робинсонови која го руши балансот на приказната, вртоглаво носеќи го наративот во разрешница.


„Раскази од другиот џеб“ - Карел Чапек

За расказите од книгата „Раскази од другиот џеб“ самиот Чапек вели: „Првиот мој интерес за детективски приказни произлегува од проблемот како се познава и се открива стварноста. Овие раскази се стимулирани од литературен мотив, од проблемот на колонијалниот јазик, разговорниот јазик во сите негови нијанси“. Во нив тој ја достигнува кулминацијата на раскажувачката техника. Од широкото пространство на разговорниот јазик тој го собирал својот раскажувачки материјал, без естетски скрупули ги искористил жанровските елементи на авантуристичкиот роман и детективските приказни, не плашејќи се да го привлече секојдневниот читателски интерес и да му пружи можност за литературно забавување.

Заедно со збирката „Раскази од едниот џеб“, Чапек напишал 48 раскази кои ја деконструираат приказната полна со мистерија преку прекршувањето на многу литерарни правила. Неговиот уникатен пристап кон загадочноста на правдата и вистината е полн со обичности и необичности, со хумор и хуманизам.

„Америка“ - Франц Кафка

„Америка“ е првиот недовршен роман на Франц Кафка, објавен постхумно во 1927 година. Романот ги опишува чудните талкања во САД на седумнаесетгодишниот иселеник од Европа, Карл Росман, присилен да замине во Њујорк по скандалот предизвикан од љубовната врска со една слугинка. Насловот „Америка“ го дал неговиот пријател Макс Брод, кој го составил и објавил ракописот. „Америка“ е поотворено духовита и малку пореалистична книга на Кафка, но во неа се опфатени истите мотиви поврзани со насилниот и недофатлив систем што човекот постојано го поставува во апсурдни ситуации, додека тој мора да ја брани својата невиност пред далечните и таинствени фигури на авторитетот.

ТАБАХОН

„Оптимизам“ - Лајонел Тајгер

Значајно, пионерско дело, кое се однесува на најуниверзалната човечка карактеристика: потребата да се верува дека има излез, дури и во најтешките животни ситуации. Дали склоноста кон оптимизам е генетски вродена, или културно конструирана? Комбинирајќи ги сознанијата од областа на психологијата, генетиката и антропологијата, Лајонел Тајгер е оптимист - дека додека има луѓе, ќе има и надеж.

„Тие имаат збор за тоа: ненаметлив лексикон на непреводливи зборови и фрази“ - Хауард Реинголд

Хауард Реинголд во оваа книга копа во светската лингвистичка ризница, за од неа да ги извади најскапоцените парчиња. Од хавајското хо’опонопоно, јапонското саби, до германското цајтгајст – непреводливите зборови од различните култури можат да го збогатат вашиот лексички фонд, но истовремено и да ве инспирираат да „позајмите“ нешто од концептите кои овие зборови ги подразбираат.
Книгата содржи и поговор со примери на непреводливи зборови од македонскиот.

„Чекајќи ја Македонија: идентитет во свет кој се менува“ - Илка Тисен

Илка Тисен, професор по социјална антропологија на Vancouver Island University, започнала со своите истражувања во Македонија кон крајот на 80-те години на ХХ век. Оваа книга е всушност нејзина докторска дисертација, одбранета на престижната Лондонска школа за економија.

Авторката низ силна авторефлексивност и богата етнографија, го следи животот на неколку млади жени инжењери, а преку нив и промените во општествениот систем, образованието и политиката. Најмногу од се’, таа се занимава со промените на идентитетите, како на индивидуално, така и на колективно ниво.

БЛЕСОК

„Патагонија“ - Душан Митана

[…] Ако продолжиме со подетално толкување на делото Патагонија од Душан Митана, можеме да соопштиме и дека Патагонија е земјата каде што раскажувачот најрадо патувал кога бил многу млад. Секако, тоа е сонуваната земја за која тој дознал од разговорите со својот татко. Претставата за непознатата земја, во секој случај, кореспондира со претставата на младиот човек за возрасната доба – а таа е небаре „непозната“ земја и понекогаш се чини дека е полна и со бесмисленост, лаги и парадокси.

„Под притисок“ - Фарук Шехиќ

Кај Шехиќ нема непотребни толкувања, лажни морализирања, какви било обиди на неупатените од високо да им се појаснат некои работи, а политичка коректност нема ни меѓу редови... Едноставно, нему тоа не му треба. Тој за војната знае сè зашто ја искусил на сопствената кожа. Нема во оваа книга сезнаен, божествен поглед одозгора; Шехиќ буквално ја опишува војната од перспективата на нишан на калашников. Затоа, оваа книга е брутална, натуралистичка, чесна и бескомпромисна. Неговите ликови гинат и убиваат, пљачкосуваат трупови, куќи, се опиваат, предизвикуваат тепачки, парадираат пред огледало во униформа симната од мртов војник, што е сцена достојна на антологиската филмска сцена од „Таксист“ на Скорсезе (тоа е сцената кога ветеранот пред огледало вади пиштол и го изговара легендарното Are you talking to me?!). Понатаму, дрогата и алкохолот кружат во големи количества, и тие се тука, парадоксално, како последна одбрана на здравиот разум. Но, што е уште поважно, Шехиќ со тој парадокс не зборува толку за ликовите, колку за времето во кое тие живеат. Алкохолот и дрогите се тука како средство за бегство во подобра, паралелна стварност, за бегство во илузија на животот.
Според книжевната постапка, Шехиќ им е најблизок на Бабел и Хемингвеј. Како во Бабеловата „Црвена коњица“, и кај Шехиќ бруталностите и натурализмот како на филмска лента се менуваат со фини лирски опсервации, што има разорен ефект врз читателот.

Јосип Млакиќ

„Белиот кловн“ - Дамир Милош

Книгата „Белиот кловн“ од Дамир Милош, често наречена хрватскиот „Малиот принц“ ја има илустрирано Ловро Артуковиќ. Илустрациите се црно-бели зашто момчето од овој роман не разликува бои, а во решавањето на тој проблем му помага еден старец кого го сретнува во шума. Како и секоја добра книга за деца, и оваа е воедно книга и за возрасни. Тоа е приказна за еден подлабок далтонизам, далтонизам на секојдневието, за конформизмот на мислењето, површноста на нашите реакции. За кловнот, кој е успешен само кога е тажен и предизвикува чудење; зашто, да се зачудат луѓето стана неспоредливо потешко отколку да се предизвика нивната смеа.

Слаѓана Буковац

ИЛИ-ИЛИ

„Единаесет жени“ – Снежана Младеновска Анѓелков
Секогаш кога на македонската книжевна сцена се претставува жена-автор, веднаш се потенцира фактот на „женското писмо“. Иако во текстот на Младеновска Анѓелков машките ликови се маргиналци од најголем степен, во него нема да најдете речиси ниту трага од онаа традиционално „женска“ литература преполнета со излишна реторика и внатрешни сензации. Освен тоа што раскажувањето е речиси камерманично, без претераност во психологизацијата, истовремено е и толку дрско, „машко“: јазикот е доведен до сурово, колоквијално ниво, сликите се потресни и вознемирувачки, случките се крајно вџашувачки, стилот е храбар и бескомпромисен.

Авторката не се обидува ништо да премолчи, не ги ампутира или прикрива болните и/ли трауматични места. Сосема спротивно. Таа гази одлучно и сигурно по стапките кои водат кон детството на „двете жени“, раскривајќи ни склоп од ликови кои веројатно се носители и олицетворение на сличните мани и доблести како и во секое скопско маало, а истовремено тоа го прави со нерв за локална боја, без отфрлање на тегобноста, раскриено и толку читливо, сталожено иако крајно вознемирувачки, при што гради потресно привлечен ракопис. Со него, „Или-или“ во нагорна линија ја продолжуваат својата издавачка одредба да ги публикуваат новите „женски писма“ во Македонија, иако овој храбар „женско-неженски“ текст им бега умешно на ваквите квалификации.

„Алчност“ - Елфриде Јелинек

Во романот „Алчност“, како што забележа критичарот Улрих Вајнцирл („Ди велт“), злобниот поглед на Јелинек и во овој роман не загубил од својата острина. Тој повторно се занимава со клишеа, тривијалности и патриотска заслепеност. Сета одвратност, претпазливо набљудувана под лупата е само парабола: за поразот и за пропаста на денешницата во целост, и особено за пропаста на денешна Австрија...

„Гордиевата врвка“ - Бернхард Шлинк

„Гордиевата врвка“ на Шлинк е 63. наслов во едициијата „ПРОаЗА“ и шести превод на овој германски автор во „Или-Или“. Преводот е на Ива Фиданчева. „Гордиевата врвка“, кој е напишан пред популарниот „Читачот“ и кој ја доби угледната книжевна награда „Глаусер“, укажува на наклонетоста на Шлинк кон политички теми, детективски заплети и психологија на ликовите, сето тоа раскажано со неговиот препознатлив раскажувачки стил и прекрасен јазик.

БЕГЕМОТ

„Монахот“ - Метју Грегори Луис

Монахот е дело коешто се смета за најдрастичен и најтрансгресивен готски роман. Исто така, тоа е прво дело коешто претставува монах како злосторник. Во таа смисла, Монахот послужил како модел за голем број идни дела, како на пример Богородичната црква во Париз од Виктор Иго.

Според тематиката на пактови со ѓаволот, силувања, развратности, руинирани замоци и слики на шпанската инквизиција, романот всушност е мерка и компендиум на готскиот стил. Амброзио, како човек кој е блудник и којшто им подлегнува на сопствените пориви, како и човек којшто се предава на сексуални престапи зад ѕидовите на манастирите, е богато портретиран злосторник, како и персонификација на големата доза на недоверба кон католичката црква, со неговите упорни практики поврзани со сакраментите на покајанието, со политичкиот и религискиот авторитаризам, како и со блудниот стил на живот. И покрај големиот број критики, Моханот е едно од најпопуларните дела на романтизмот.

„Таинствениот пламен на кралицата Лоана“ - Умберто Еко

Во романот Таинствениот пламен на кралицата Лоана, иако е илустриран во боја, владее магла. Јамбо се буди од клиничка смрт, но не може да се сети на своето име и презиме. Со самиот копнеж да дознае кој бил и какво било неговото детство, Јамбо трага по сопствената историја и така романот страница по страница станува кино, театар, стрип, графит, балада... Сред наизменичните навеви на магла и разведрувања, како некоја благонаклонета Апокалипса, помеѓу триесет и третиот спев на Дантеовиот Рај и Бинг Крозби, дон Боско и скалилата на Ванда Озирис, Јамбо очекува секој миг да му се прикаже крајната и посакуваната глетка. Меѓутоа...

„Киднапиран“ - Роберт Луис Стивенсон

Киднапиран е класична авантуристичка приказна, подеднакво возбудлива денес, како и кога била за прв пат издадена.Кога тргнува во потрага по својот последен жив роднина, чичкото Ебенизер, младиот Дејвид Балфур воопшто нема претстава за опасностите и интригите кои оваа средба ќе ги предизвика. Наскоро сфаќа дека чичко му е стар скржавец и лажго, но пред да ги открие неговите ѓаволски планови, Дејвид е измамен да се качи на бродот Ковенант, како род на пат кон Каролина... Совладувајќи ги опасностите на морето и неизвесноста од лошата судбина која го снаоѓа откако е исфрлен после бродоломот, вклучувајќи ги и обвинувањата за убиство, на крај Дејвид победнички си го бара своето вистинско наследство

МАГОР

„Хотел Загорје“ - Ивана Симиќ Бождориќ

Пишувајќи за луѓето без да премолчува, за доброто и за злото без да ги именува, авторката на Хотел Загорје создава исклучително драматична приказна која нуди галерија ликови и реално ја исцртува Хрватска во деведесеттите години на дваесеттиот век. Во летото 1991-та година едно деветгодишно девојче заминува од Вуковар, оставајќи ги родителите во градот во кој започнува војна. Хотел Загорје е приказна за нејзиното растење во текот на седумте години прогонство. Притоа, не станува збор за мрачна приказна. Напротив, хероината на Ивана Симиќ Бодрожиќ има исклучителна смисла за хумор. Таа пораснува на сосема нетипичен начин: пишувањето писма до политичари и посетувањата на министерствата се преплетуваат со детските нежности и суровости, со првите излегувања, вљубувања... како и со судбините на оние семејства со кои се вкрстува судбината на нејзиното прогонето семејство. Главната хероина се менува и расте, како и целото општество околу неа и иако тоа растење е болно, во него има и смеа и разиграност и – љубов.

„Подрумите на Ватикан“ - Андре Жид

Дејството на овој роман е сместено кон крајот на 19-тиот век, во Париз и Рим. Група лажговци ги користи озборувањата дека Папата е киднапиран и заменет со измамник, за да извлечат пари од наивните верници. Следува вистински поход за спас на понтифот, кој привлекува плејада од ликови, различни и спротивставени едни на други, а нивната комбинација доведува до низа необични настани. Преводот на Елисавета Поповска на ова дело во 2010 година ја доби наградата „Божидар Настев“ за најдобар превод од француски јазик.

„Алиса во светот на огледалото“ - Луис Карол

Овој роман е продолжение на славниот роман Алиса во земјата на чудата. Главната хероина, Алиса, овој пат поминува низ огледалото од својот дом и влегува во фантастичен свет во кој основен принцип на функционирање на нештата е обратноста. Романот се темели врз концептот на шахот. Ликовите во романот претставуваат шаховски фигури или пешаци кои се движат по една огромна шаховска табла, чии полиња се поделени од редови живи огради и поточиња...

Дел од останатите книги кои може да ни најдете на саемот во клубот ГЕМ може да погледнете овде.

ОкоБоли главаВицФото