Отворено писмо до Бранко Ѓорчев

24.12.2012 13:04
Отворено писмо до Бранко Ѓорчев

Драг Бранко,

Во приказната на Јордан Плевнеш извајана во сонот на Владо Цветановски, „Среќата – нова идеја во Европа“, ти беше мојот сопруг. Скриени под чаршафот, во една од сцените на секоја претстава, заедно, со шепот, ги делевме тајните на нашите актерски срца. Ти и јас бевме таткото и мајката на Европа во таа претстава. Имавме голема одговорност пред публиката за претстава која во себе носеше огромна цивилизациска тежина видена преку нашиот македонски творечки дух. Ја одигравме заедно и на сцената во Париз во „Ромен Ролан“. Тоа беше времето кога твоите безмилосни непријатели беа на власт и кои немаа пари да го исплатат ниту мојот крваво заработен хонорар на време. Тешко се справувавме со монолозите од кои бликаа симболи што ние како актери моравме реално и вистинито да им ги кажеме на публиката. Целиот процес на работа, таа 1997, сè уште го паметам, како вчера да беше. Бев гневна на себе оти не можев сè да проголтам од таа богата театарска трпеза, но на крајот бидна фантастична премиера.Тогаш конечно го разбрав и на своја кожа тоа што мојот професор Љубиша Георгиевски ни го кажуваше – дека нашата одговорност е иста како онаа на пилотот и лекарот! Дека театарот бара жртви, многу поголеми од кој било партиски систем, но и дека театaрот може да го менува системот (човекот). Тогаш бев и негов асистент на Факултетот за драмски уметности. Негови цитати и методи користам и денес, понекогаш и заборавам да кажам дека се негови – зашто се како мои, како дел од мене. Тој ми го остави аманетот за актерската одговорност. Неговите часови беа часови на Театарот-сон и мојата кариера ја почнав токму во неговата претстава „Ју-антитеза“.

Твојот татко, ненадминат актер, Ацо Ѓорчев, и Љубиша Георгиевски беа пријатели на мојата мајка, Цветанка Трпкова. Ги почитуваше и обожуваше само на нејзе својствен начин. Сите тројца како уметници од иста бранша со различни специјалности сигурно биле често неразбрани, неприфатени и понижувани. Не само поради нивната партиска (не)определеност, туку пред сè поради нивната оригиналност, интелект, талент и лудост. Тие беа силни индивидуалци кои оставија печат врз сите нас. Тоа е цената што секој вистински уметник ја плаќал, ја плаќа и ќе ја плаќа. Не за своето семејство, туку за својот народ. За разлика од тебе, никогаш не сум била член на која било партија и од ниедна партија не сум барала да ме заштити. Ниедна партија ниту знаела, ниту можела да ги исполни моите уметнички соништа. Ниедна партија не можела да ги артикулира моите уметнички ставови. Но, исто така, до сега ниедна партија не можела да ја купи мојата мисла, да го освои моето срце или да го штити моето семјество. Никогаш не било до нив, туку до мене! До нас! Сите мои внатрешни превирања и немилости во кои сум била фрлана од сите досегашни партии – сум ги артикулирала самата - на сцена, или во „Студентски збор“, тогаш, или на ТВ или во други печатен медиуми. Отворено, јасно и гласно!

Уметникот треба да има став. Уметникот-интелектуалец е должен да го каже тој став. Твојата уметничка сила и моќ и твојот талент се многу повисоки и подуховни од кои било партиски интереси. Би било многу чесно и машки од твоја страна кога јасно и гласно ќе го артикулираш тој став. Онака како што му доликува на еден актер како тебе, достоинствено и без навреда и омраза, па дури и да се работи за твојата длабока верба во партијата и нејзините идеали. А ти, како актер, доколку имаш таков идеал - треба да го придобиеш народот кон себе. Твојот глас не само што во моментов фрли сенка врз твоето семејство, туку фрли сенка на срам и сомнеж врз целиот народ. Не знам колку твојот татко би се гордеел со тебе, кога би бил жив? Не знам ни дали таткото на Мери се гордее со неа? Но знам сигурно дека постапката на Мери ни во сон нема да ја помати големината и светлината на делото на нејзиниот татко, кој во секој политички систем имаше можност да го артикулира својот став, пред сè како режисер и интелектуалец, а потем и како политичар! Дали тоа некого загрозувало или не, дали тоа некому се допаѓало или не – тоа е друго. Љубиша Георгиевски го кажа својот став. Мери Георгиевска застана цврсто зад својот став – пример кајшто крвта не бива вода! Дали ТИ можеш да го кажеш својот став? Храброста да се говори од свое име е ненадмината, па макар и се косела со сите останати ставови! Сакам да знам, јас како твој колега од комшиските клупи на ФДУ, каков е тој став, што ти го имаш?! Кои се твоите критериуми, како директор на Драмскиот театар, за тоа како се станува актер во таа куќа?! Како се добива режија и како се бира драмски текст?! Сакам да знам врз каква основа се поставени тие критериуми? Семејни? Партиски? Или високо уметнички? Сакам да го знам сето тоа за да можеме заедно да седнеме и да изградиме ЗАЕДНИЧКА УМЕТНИЧКА СТРАТЕГИЈА за иднината на младите уметници и за иднинината на Македонија, оти нели, уметниците се авангардата во општеството! За утре никој од нас повеќе да не ја изрече таа срамна реченица што си ја постирал кај Мери на ФБ, која те извалка тебе и твојата партија – а ја воздигна таа на која и’ беше упатена: „...не заборавај зошто те вработија...сигурно не е затоа што си најпаметна , најубава и најталентирана“.

Јас не познавам јазик на цинизам, јазик на уцена, јазик на дискриминирање, јазик на лага и јазик на омраза! Ако ми одговориш на овие „непознати јазици“ јас нема да те разберам. Но познавајќи те барем малку, не си ни ти толку добар актер, за да можеш овие јазици да ги престориш во свои – преку ноќ.

Уметникот не би смеел да се интересира за политика, сè додека политиката не почне да се „интересира“ за него! Сегашнава политика го купи животот на уметникот, ја испогани неговата душа, ја наполни неговата уста со кал, ја лоботомизира неговата волја, му даде отровен материјал за да сее отров меѓу народот. Сега е време за „Мизантроп“, сега е време за „Ричард трети“! Играв и во двете претстави кои во времето на „комуњарите“, твоите крвни непријатели, беа поставени (првата од Владе Милчин, втората од Рахим Бурхан). Темата и тогаш беше популарна и длабоко го засегаше тогашниот систем - но не и забранета!

Ова време е време на темнина на уметноста! И театарот и филмот лежат закопани под бетонската градина на плоштадот на Скопје. Индивидулаците крвнички и безмилосно јавно се черечат на парчиња, додека најстрашните од сите аргументи – аргументите на мислењето на мнозинството се нивните гробари.

Уметникот не треба да користи партиски пароли, уметникот не повикува на омраза! Должноста на уметникот е да ја повлече врз свои плеќи сета историја на еден народ – кон иднината, онака како што во најубавата сцена во нашата заедничка претстава ти симболично го влечеше товарот на страшната европска историја, говорејќи монолог од кој коските се смрзнуваа. Јас го познавам, сакам и почитувам тој Бранко!

Смрт за политиката – слобода за уметноста!

ПС. Земја во која актерите се слуги на владејачките структури – нема иднина. Сè додека нивниот актерски глас се одбива од ѕидините на оваа земја и не излегува надвор од неа – Македонија нема да постои. Сè додека тие си постилаат црвени черги по маалските кина и театри по кои победоносно чекорат, Македонија ја чека маалска судбина! Сè додека се тие слепи пред кичот, сиромаштијата, примитивизмот, варварството и духовната беда во сопствената земја – Македонија нема да види бел ден. Сите вие, „колеги“, ја знаете приказната за Кралот лав. Во моментов се наоѓаме на средина од дејствието кога вие, во улога на хиените, го растргнувате полуживиот преостанат плен. Крајот и малите деца го знаат!

Во Скопје, 23.12.12.
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото