Жени кои живеат како мажи на Балканот

24.12.2012 14:17
Жени кои живеат како мажи на Балканот

„Заколнати девици“ (бурнеши на Албански), се албански жени што одлучиле да го игнорираат нивниот женски идентитет и да живеат како мажи на Балканот. Фотографката Џил Питерс отпатувала во северна Албанија за да ги сретне овие жени и да ги фотографира. Како резултат, таа го создава проектот He/She/He што содржи серија фотографии и документарен филм. Според неа, одлуката да живеат како мажи е поврзана со родовите улоги во албанската култура повеќе отколку што е изјава за сексуалноста; овие жени го живеат нивиот живот како мажи.

Заколнатите девици постојат со векови. Според традицијата што датира од 15. век образложена во Канун, племенски правен кодекс, племенските кланови на Балканот вклучувале семејства без машко потомство. Кога поради крвна одмазда биле убивани сите мажи во семејството, единствениот начин да се сочува честа бил со тоа што жена ќе стане патријарх на кланот и ќе почне да се однесува како маж.

„Одлуката да се живее како заколната девица или бурнеша ја издигнувала жената до статус на маж со што ги добивала сите права и привилегии на машката популација“, пишува Питерс. „За да се манифестира транзицијата, жената ја сечела кусо нејзината коса, облекувала машка облека а понекогаш дури го менувала името...Најважно од сè е што земала завет на целибат за да остане невина до крајот на животот“.

И покрај фактот што заколнатите девици никогаш не се мажеле ниту имале деца, „ниедна од нив не се каела за тоа“, заклучува Питерс, од разговорите што ги имала со тие жени. „Тие се многу горди на нивите семејства, на нивните внуци и внуки“. И сè додека живеат чесен живот, тие се почитувани и третирани како важни членови на заедницата.

Во Албанија постои прогрес кога станува збор за правата на жените, но некои од помалите места уште не го прифатиле современиот начин на живот. Во некои села, на жените уште не им е дозволено да возат или да одат на работа и од нив се очекува да носат облека што е специфична за нивниот пол. Нивите семејства им ги одбираат сопрузите и културно предодредено е тие да се грижат за нивните мажи и деца. Многу години наназад, единствениот начин да се избега од ригидните структури на заедницата бил изборот да не се живее како жена.

Додека заколнатите девици биле општопозната појава што низ историјата се задржала во континуитет, во актуелното време, оваа популација драстично опаѓа. Само околу 30 бурнеши се останати по малите села, а помладите се сметаат за „помалку автентични“ сега откако стана полесно жената да биде независна.

Како и да е, оние што веќе се заветиле да бидат заколнати девици нема да се предомислат. „Дури и ако жена стане претседателка на Албанија, тие и понатаму ќе живеат како мажи“, вели Питерс.

Трејлерот за документарецот на Питерс може да го погледнете овде.

Извор: slate.com

Слични содржини

Општество / Активизам / Фотографија / Став
Општество / Фотографија
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Фотографија / Скопје 1963-2013 / Историја
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Фотографија / Култура
Општество / Живот

ОкоБоли главаВицФото