Јолдески со своето „Езеро“, Шопов со „Меше на годината“

25.12.2012 14:01
Јолдески со своето Езеро, Шопов со Меше на годината

На 25 декември (вторник) во клубот ГЕМ во 20:00 часот ќе се одржи средба со младите писатели Ненад Јолдески и Иван Шопов, кои ќе разговараат за нивните последни книги „Секој со своето езеро“ и „Меше на годината“

Ненад го прашува Иван, Иван го прашува Ненад.

Одломки од книгите читаат: двајцата.

Со свои прашања може да се вклучи и публиката.


Ненад Јолдески – „Секој со своето езеро“


Расказите на Јолдески се колебаат околу сопствениот идентитет и тематски осцилираат околу загрозените урбани пејсажи на нашите градови, околу тагата, стареењето, љубовта... Околу едно немирно мастилаво езеро. Расказите во книгава вчудоневидуваат и речиси сите редовно уште на самиот почеток ја кршат реалната и стабилна основа врз која стапнува читателот. Авторот брзо и возбудливо го ниша читателот во својата наративна лулашка. Поетиката на книгава ја напушта навидум наивната и засмејувачка атмосфера на дебитанското дело на Јолдески, но ги чува искреноста и автентичноста и н
è носи кон едни поинакви магливи брегови, каде што секој има свое езеро...

 

Иван Шопов – „Меше на Годината“

Жанровски, Меше на годината” е флуидна, хибридна книга составена од триесетина песни во проза и повеќе куси прозни парчиња што само условно може да се наречат гатанки. Иако нумерирани, прозните секвенци функционираат како сосема независни структури, што допушта флексибилност во нивното восприемање. Текстот во голема мера се темели врз спојот на диспаратни и навидум неспоиви слики, ефектот на изненадување/ шокирање и употребата на иронија и хумор. И поднасловот „поема со масни наслаги” е изведен во духот на ироничната, но и хумористичната насока на значењата антиципирани во текстот. На стилски и поетички план авторот се надоврзува на надреализмот, па оттаму и концептот на игра како негов доминантен творечки принцип. На апсурдноста и бизарноста на светот, Иван Шопов во повеќе наврати одговара со бизарност, притоа провоцирајќи го вкусот на читателот, но истовремено нудејќи му задоволство и возбуда во вртоглавата игра на зборови и слики.

ОкоБоли главаВицФото