Реакција на ЈАДРО по повод насилството на власта

25.12.2012 14:06
Реакција на ЈАДРО по повод насилството на власта

ЈАДРО – асоцијација на независниот културен сектор, застанува на браникот на демократските принципи и слободата на реагирање, критичко мислење и дејствување во Република Македонија. Изминативе години сведочиме на сè постеснет простор за слободно дејствување во секој сегмент во општеството. Насилието во политичкиот и социо-културниот простор кулминираше со насилието во собранискиот дом.

Членовите на ЈАДРО, со сите свои заложби, со својата мисија и целите ќе застанат во одбрана на секој обид на уривање на демократскиот социо-културен простор. Некој мора да покаже дека во оваа земја постојат граѓани кои доброволно, без ниту една партиска боја, решиле да создаваат слободно и да придонесуваат за својата земја без диригентскиот пендрек на власта.

Изминативе денови се соочивме со врвот на насилничкото одземање на граѓанското право за реакција, различно мислење и учествување во одлуките кои не ја засегаат само власта туку сите граѓани на Република Македонија. Би сакале да ја потсетиме власта дека ова е демократска земја и дека каков било знак на тоталитарно и диктаторско однесување нема да се толерира.

Она што се случуваше деновиве е во целосна спротивност со принципите на граѓаните здружени во ЈАДРО, кои како своја мисија ја имаат заложбата преку преку критички и конструктивен дијалог да се укаже на ретроградните културни политики, со воведување прогресивни, инклузивни и демократски јавни политики и практики во сферата на културата и во општеството, пошироко.

Доаѓа време да се запрашаме дали во теоријата и во практиката постои позиција која дава шанса да не се западне во канџите на темниот посед на малкумина кои владеат. Сакаме ново засновање на слободата во Република Македонија. Нема да дозволиме манипулација со културните и политичките парадигми која се прави сите овие години и која стана инструмент на насилие. Во општетсвото на спектаклот во кое се практикува најлесно моќта, а чии заложници сме, инсистираме искуствата на слободата да бидат забележани, запаметени и земени сериозно предвид.

Во вистински превртениот свет, лагата станува миг на вистина. Не сакаме да живееме веќе во таквата замена на тези. И остро ќе се бориме со помош на оние стратегии на отпорот кои најобро ги познаваме (нови културни практики, политики и самоорганизирани акции) против сите облици на лажна демократија, празни флоскули и ветувања зад кои се затскрива диктатура.

Слика: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото