Татко му ја читал својата биографија на детето за да заспие

25.12.2012 15:52
Татко му ја читал својата биографија на детето за да заспие

Скопје, 25 декември 2012 година

Таткото не ја крие својата среќа затоа што конечно открил совршен начин да го заинтересира и да го заспие својот тригодишен немирен син. Неговите пријатели секојдневно му велат дека овој метод се покажал како успешен и кај нивните деца.

-Подготвувајќи се за еден разговор за работа, ја прочитав својата работна биографија на глас. Забележав дека синот следеше сè што ќе кажев, ја следеше секоја реченица. Кога вечерта го прашав која бајка сака да му ја прочитам пред спиење, тој ми рече дека ја сака онаа нова приказна за супер јунакот кој патувал секаде и знае да прави сè, објаснува таткото.

Тој не крие дека на почетокот бил збунет од барањето на своето дете и одлучил да му ја исполни желбата, затоа што сакал да види што ќе се случи. Тој додава дека секоја вечер неговиот син е сè повеќе заинтересиран за приказната и дека за разлика од бајките кои му стануваат досадни по неколку читања, неговата биографија ја слуша со внимание.

-Тој најмногу сака кога му го читам делот во кој се запишани моите вештини за невербална комуникација, презентирање и застапување, иако тој не ги знае вистинските значења на овие зборови. Секогаш бара да му го повторам пасусот за тоа како на овој јунак му требаат само неколку недели, од обичен работник да стане директор и тоа на сите работни места на кои работел, открива таткото.

Таткото додава дека неговиот син веќе не сака да ги слушне класичните приказни за деца како „Пепелашка“ и „Црвенкапа“, а не го интересираат ниту „Авантурите на челичниот човек“. Тој сè уште не му открил на својот син дека токму неговиот татко е херојот од биографијата, но верува дека ќе му го соопшти тоа за една или две години, затоа што е убеден дека неговиот син ќе го прифати фактот дека неговиот татко секоја година глуми Дедо Мраз на градскиот плоштад.

Адаптирано од: http://www.njuz.net