Кога народот сака држава

26.12.2012 09:47
Кога народот сака држава

Како Цирил Рибичич („Гласачите не се слуги на функционерите“ Дело, 14.12.2012) и јас се придружив на иницијативата на Новомештански чувар за воведување „народна недоверба“, која би овозможила пред истекот на мандатот да се отповикаат народните претставници и претставниците кои ја изиграле довербата на народот. Со народната недоверба би можеле да се отстранат ексцесите со кои се посрамоти сегашната политичка власт. Можноста за отповикување би можела, исто така, да одврати многу потенцијални извршители од намерата да се впуштат во некое нечесно дело. Народата НЕдоверба би била, значи, корисна хигиенска мерка. Меѓутоа, сама по себе не би можела да ги отстрани подлабоките причини за појавите поради кои народот сега демонстрира по улиците и на плоштадите. Народната иницијатива би ги отстранила ексцесите, но не и причините кои доведоа до тоа политичката власт и политичката класа да бидат одвоени од народот. Би се намалила неодоливоста на корупцијата, но не и нејзините главни причини.

Чистата политичка еднаквост во односите на големите општествени нееднаквости е само привид. На тоа обрнува внимание и младиот Маркс, анализирајќи ги достигнувањата на Француската револуција. Во тие околности политичката сфера, областа на илузорната еднаквост на граѓаните и граѓанките, е нужно одвоена од остатокот на општеството во кое владее вистинска нееднаквост. Според тоа, за овие посебни и одвоени од општеството политички активности, нужно се формира посебен слој специјалисти - професионални политичари. За опасноста која произлегува од професионализација на политиката, Макс Вебер предупредува уште после Првата светска војна. Оваа професионална група одвоена од народот своите односи со изборната база ги регулира со маркетиншки пристап, а не со политичко застапување. И, како што утврди Јирген Хабермас, оваа карактеристика преовладуваше во САД уште во дваесеттите години на XX век, а ние во тоа можевме конечно да се увериме за време на последните претседателски избори. Во таква ситуација е речиси неминовно политичките професионалци да бидат подложни на корупција. Значи, корупцијата произлегува од системот, а не од евентуалниот недостиг на морал кај политичарките и политичарите. Со извесна доза на зајадливост би можеле дури и да го превртиме заклучокот: ако некој од политичарките и политичарите одолева на корупцијата, клиентелизмот, непотизмот итн. веројатно оваа цврстина произлегува од неговата морална непоколебливост, а не од логиката на системот.

Тоа значи дека ситуацијата не може да се поправи со тоа што ќе ги замениме сегашните политичари и политичарки и на нивните места ќе поставиме поморални луѓе. Треба да се промени системот кој ја раѓа корупцијата. А тоа значи дека треба да се воспостават услови за демократија која ќе биде достојна на својот назив.

Корупцијата може да се укине само со укинување на околностите кои што ја овозможуваат. Имено, корупцијата, клиентелизмот, непотизмот итн. не се само морални проблеми, туку во прв ред се политички проблеми. Просто, ја оневозможуваат демократијата. Сè додека корупцијата е можна, тие кои имаат економска моќ ќе ги подмитуваат оние кои имаат политичка моќ - а политичките моќници ќе можат да ги уценуваат стопанските могули. Системската корупција на политичката класа во марксистичкиот речник се нарекува владеење на политичката класа. Професионалните политичари ги застапуваат оние кои имаат економска моќ. Значи, државата е во служба на класата која владее во стопанството.

Корупцијата ја овозможуваат два услови. Првиот е поединците или групите да можат да стигнат до изворот за богатење: значи, средствата за производство со кои ги искористуваат работниците и работничките и ги присвојуваат резултатите од нивниот труд. Вториот услов за корупција е искористувањето на работниците и работничките да биде легално. Значи, услов за илегална копрупција е легалното искористување.

Според тоа, корупцијата произлегува од подлабоките неправди, од искористувањето на работничките и работниците. Корупцијата може да се отстрани ако државата застане на патот на искористувањето на работничката класа. А тоа значи дека државата мора да ги застапува луѓето кои работат, а не оние кои ги искористуваат. Што понатаму значи дека корупцијата може да се укине само ако се укине одвојувањето на државата од луѓето што работат. Значи, ако се укине професионализацијата на политичарите и политичарките кои ја присвоија државата.

Тоа значи дека условот за укинување на корупцијата е ист како и условот за укинување на одвоеноста на професионалните политичари од народот. Ќе исчезне и едното и другото ако државата му се врати на народот.

Народот на улиците и плоштадите бара држава. Државата ќе биде народна ако го оневозможи искористувањето: ако му овозможи на народот сам да располага со резултатите од својот труд. Народот на улиците бара укинување на капитализмот и капиталистичката држава.

Извор: Novomeški čuvar, 18.12.2012.

 

ОкоБоли главаВицФото