Аутопсија на еден сон (1)

26.12.2012 13:55
Аутопсија на еден сон (1)

Македонија е земја на остварени соништа! Неверојатно e да гледате како се остваруваат соништата (daydreaming) на еден народ и тоа пред ваши очи. А пред вашите ширум отворени очи, полека, како зрак од прожекторот во зачадена киносала, се појавува и се обликува на излитеното платно од нашата стварност, една величествена визија преку која со големи букви пишува: МАКЕДОНИЈА!

Кога „преубавите слики“ од политичко-пропагандната програма на Владата на Република Македонија би биле од некој повоен комунистички филмски журнал, веројатно црната дамка што се шири преку ваквата слика кога прожекторот се прегрева, би ве натерала да ги отворите очите и да се разбудите од „историскиот сон“, а пожарот во киносалата би ве принудил безглаво да истрчате надвор, каде грдата и застрашувачка стварност не се капе во мистична небесна светлина или во боите на виножитото и нема огномет што ќе го скрие пределот од напуштени фабрички хали и бетонски станбени блокови, празни продавници и мрачни излози по пустите улици полни со смет. Денес нема црна дамка што може да се прошири и да ја голтне лажната слика на нашата стварност, оператерот нема да заспие зад кинопрожекторот и целулоидната лента нема да пламне поради прегреаност – лажната слика на стварноста веќе не се прожектира во задушливи киносали, денес таа се материјализира на градските плоштади, на улиците и на градежните парцели ширум нашата „земја од соништата“.

Комунистите ветуваа остварување на националниот сон и држава на благосостојба, но ветениот „рај на земјата“ почна и заврши како пропаганден филмски журнал, парада со слет и јавно претставување на успесите на „работниот народ“, народ на „луѓе со среќни лица“ кои радосни и горди по улиците носат макети на фабрики, на универзитети и на научни институти, на нуклеарни централи и на „Атомот нашиот пријател“, на брани и на мостови, на станбени блокови и на облакодери, на скулптури и портрети на народни херои и значајни историски ликови од нашето славно минато, на авиони и на вселенски бродови... Овие градби од гипс и обоен картон, овие чудесни визии на иднината и фантазии за идните неверојатни достигнувања на овој народ, набргу се урнаа, се растопија на дождот и се распаднаа како евтини кулиси од една промашена историска театарска претстава.

Денес одново некој сака да ги оствари нашите соништа. И ги остварува! Сега одново градат фабрики, индустриски зони и научни комплекси, факултети и универзитети... Само овојпат не се работи за макети од гипс и од картон, туку за макети од бетон и од железо.

Наместо фабрики добивме празни хали и пред нив паноа со имиња на брендови; наместо индустриски зони добивме пусти полиња; наместо спортски стадиони добивме заградени ливади; наместо научни институти и универзитети добивме прибежишта за неспособни и слабоумни; наместо функционални јавни установи добивме накитени фасади; наместо култура добивме турбо-фолк и порно, наместо уметност добивме претенциозен кич, вулгарна гротеска и евтина забава за простаци... Наместо ветената стварност, добивме разнобојна разгледница со поздрави од Владата на Република Македонија. Вистинската слика на оваа земја, зад весело обоениот привид и богато украсените кулиси, овој народ не може да ја види зашто сите денес учествуваат во оваа улична парада, маршираат восхитени, мавтаат со знаменца, им ракоплескаат на своите водачи кои го осветлија нашиот историски мрак со спектакуларен огномет... А зад кулисите, зад оваа лажна слика на стварноста, вистината е толку застрашувачка што никој и не сака веќе да ја види.

Грандиозната сценографска, макетарска, фасадерска, молерска и пиротехничка дејност е само дел од историскиот потфат на преуредување на стварноста – како театарска сцена. Наместо стварност имаме театар во кој учествуваат сите, како во корејски колективен слет со цвеќиња и шарени ленти од хартија, првомајска парада на Црвениот плоштад со развиорени знамиња или нирнбершка национална смотра со распламтени факели. Фашизмот е театар. Клучна метафора е метафората за животот како театар, како да се глуми одредена улога, како да се носи некој историски костум или униформа, како да се маскирате за да бидете некој друг кој не е толку мизерен како вас, како да бидете некој, а не сте никој... Така добивме тотален театар чија сцена е целата земја. Наместо држава сега имаме „куќа на илузиите“.

Луѓе гинеле за да се оствари сонот за некоја подобра Македонија, ја пролевале крвта за оваа земја, страдале, виселе голи на ченгели во зандани, биле мачени, биле прогонувани, биле осудувани, гинеле… и, ете, денес, нивните јуначки портрети излеани во бронза стојат по улиците, парковите и плоштадите на нашава татковина. И ете, сето тоа е добро зашто некој, конечно, се сетил и на овие наши „темелници на националниот идентитет“, на овие наши „носачи на националниот факел низ историските бури“, да им одаде должна почит. И уште повеќе, се сетиле и да подигнат споменици на сите оние јунаци и на нивните јуначки коњи, се сетиле на мртвите властодршци и на нивните заборавените воини и нивната слава, на оклопниците со сребрени штитови и на копјаниците пред кои се повлекуваа и слонови, на комитите и на војводите со пушки во рацете, на гемиџиите и на партизаните, а се сетиле богами и на сите светители и маченици, свети заштитници и подвижници, пустиножители и просветители, а не ги заборавиле и сите оние самопрегорни дејци и културни работници кои ја граделе и ја надградувале македонската култура и го ширеле по светот македонскиот збор, а се сетиле и на оние што тоа го правеле со песна и со свирка, се сетиле на пејачите на забавни и на народни песни (песната нè одржала низ вековите, нели), па и нив ги излеале во бронза и ги изделкале во мермер. И ете, излегле сега тие од темнината на минатото и од длабочините на нашата историја како од отворен гроб, а ги предводи Воинот на коњ, и се чудат што ги снашло: на еден куси му се панталоните; на друг предолги рацете, а премала главата; некој се смалил како кепец; некому носот му е предолг; некој куца на едната нога; некому костумот му е скинат; некој се искривил во половината; некому чизмата му е поголема од главата, некому нозете му висат од коњот што го јава... Како жртви на расипан времеплов кој ги осакатил, ги искасапил и им ги измешал деловите од телата или како несреќен производ на генетски инжинеринг, експеримент што го замислил некој луд научник од холивудските Б филмови, стојат овие наши јунаци, како на театарска сцена, во своите претесни историски костуми, збунети…

Овие костимирани ликови вкочанети во театрални пози на плоштадот познати од холивудските историски спектакли со филмска музичка заднина од „Ѕвездени војни“, „Бен Хур“ или „Однесено од виорот“, овие лошо насликани јунаци од палп списанија и од стрипови, овие безлични ликови што тажно стојат како самоубијци по мостовите и на покривите од зградите, овие пластични кукли што наликуваат на гротескни sex dolls (love dolls или историски blow up dolls), треба да ја претставуваат нашата историја и традиција.

Да се остварат соништата на еден народ е грандиозен потфат. Но, што значат остварени соништа? Дали тоа значи богата и моќна држава, напредна држава, држава на законот, држава којашто ќе обезбеди владеење на правото и на правдата? Држава што ќе биде неосвоива тврдина на слободата? Дали остварените соништа на еден народ значат остварување на држава на сеопшта благосостојба - велферстејт (welfare state )!? Но, ние не сонуваме (каков сон би бил тоа?) за напредок (просперитет), за нови индустриски погони, поголемо производство и за поголем извоз на нашите производи, за зголемување на националниот доход, за успешни претприемачки потфати, за нови достигања и дострели на нашата наука, за повисоко рамниште на нашата култура и за врвни уметнички дела; конечно, ние не сонуваме за некаков здодевен „подобар живот“. Вековен сон на овој наш „народ на болот“, на оваа наша „тивка нација“, и по сите премрежја, страдања и прометејски маки на својот тежок, трновит, каллив, полн со дупки, историски пат, сега тоа можеме јасно да го видиме, е нешто сосем друго: ние, всушност, отсекогаш сме сонувале да бидеме јунаци со голи мечови во рацете качени на бели коњи подигнати на задните нозе во профил наспроти небото, бронзени гиганти чии глави ги надвисуваат покривите на околните градби, крунисани кралеви на престоли, млади богови со позлатени тела од насловни страни на геј неделници, пеачи на забавни мелодии или турбо-фолк ѕвезди...

Овие фантазии, оваа историска маскарада и национална травестија, ова перверзно уживање во сопствената лажна слика, ова „целосно предавање на забранетите задоволства“, ова сладострасно валкање во калта на кичот, ова китење со лажен накит, риење по ѓубрето на културата (треш), незаситно гнетење на турбо и поп културна „брза храна“, прејадување од културните отпадоци на западната цивилизација до повраќање, грофтање од задоволство и ова јавно уживање во сопствената нискост „со сетила препуштени на дивеење“, не е ниту патриотски чин, ниту има врска со македонските национални интереси, а уште помалку има врска со македонската историја и култура. Треба да сте малограѓанин со културна традиција на Вилерови гоблени, на цвеќиња од пластика, на миљеа од тантела, на неотпакуван најлон на каучите и простак со културни навики на вршење нужда на отворен весник за да не се валка порцеланската школка во новиот WC, на секнење на нос на улица за да се зачува негибнато испегланото шамивче и носење бели чорапи како видлив доказ на личната хигиена, за да можете да се лажете себеси и другите дека овој претенциозен кич и перверзен псевдоисториски мизансцен има некаква врска со нашата историја, култура и уметност или со нашата традиција. Сосем спротивно. Ако сакате да видите како изгледа нација без сопствен историски темел, ако сакате да видите што значи да се нема традиција, култура, уметност... тогаш повелете денес во оваа „земја од соништата“.

Ние имаме доволно и историја и култура и уметност и традиција и нам не ни треба овој кич, ниту лажливиот сјај на позлатата со која се „разубавува“ нашето минато. Да се „разубавува“ сопствената историја е исто така перверзно како да се шминка мртовец. Колку повеќе го шминкате мртовецот, толку тој повеќе се претвора во предмет за потсмев и го губи сопственото достоинство. Нашата историја е денес нашминкан мртовец кого го шетаме и го покажуваме наоколу, а нашата стварност сега е уредена како претенциозен провинциски театар или „јавна куќа“ во која курвите ги остваруваат фантазиите на богатите клиенти.

И уште еден учител на бесчестие кој себеси лажно се претставува како филозоф; еден панаѓурски измамник кој продава „чудотворна водичка“ што треба да му ги отвори залепените очи на народот; еден „чичероне“ кој историја научил од „Политикин Забавник“; неколку полуписмени професори дрчни за пари; една луда баба; еден „гладен уметник“ заведен од „дискретниот шарм на буржозијата“; неколку „спонзоруши“ што јавно се курваат; неколку платени владини агитатори; неколку самопрогласени „интелектуалци“ кои не биле во состојба да го носат товарот на сопствената интелектуална тежина и морална величина, па се урнисале во калта на нашиов провинциски живот, како интелектуално, така и морално; неколку пештерски луѓе со ограничена способност за говорење кои себе се нарекуваат новинари; неколку добро ухранети телевизиски свињи кои јавно си го јадат изметот и кои, давајќи сопствен пример, се обидуваат да ги турнат и останатите жители на оваа земја во калта на ова „сладострасното уживање во гнасотијата“, ете, сите тие, денес, јавно го убедуваат својот намачен народ дека има историско право на ова болно изживување.

Македонците, несомнено, имаат право на свои соништа. Но, дали е ова сонот на македонскиот народ? Дали денес некој навистина сонува за загубени империи, дали некој го сонува сонот на Александар, дали некој сонува за расплетените коси на Роксана и за Букефал кој подигнат на задните нозе му пркоси на слонот на Пор; за златото на Персија и за скапоцените камења на Индија; за тигрите што ја влечат колата на Дионис украсена со виолетови и розови цвеќиња; за славата на македонските копјаници и коњаници што ветрот ја носи по далечните степи до крајот на светот; за круната на Самуил и за византиски василевси околу чии престоли рикаат механичките лавови; за голи девици и витези во сјајни оклопи; за набивање на кол и комити со ками меѓу забите; за револуционери со бомби во рацете кои се разнесуваат во крвава екстаза на себежртвување... Чии се овие историски „влажни соништа“? Можно ли е да е ова нашиот вековен сон?

Како и да е, како историски апогеј на нашето опстојување низ вековите ние го добивме „Скопје 2014“. А тоа е само дел од грандиозниот потфат на обнова на минатата слава и величина на овој народ и неговата „Македонсловенскоевроазиска Империја“. Огромни финансиски средства и човечки ресурси се ангажирани за да се изгради оваа надреална „сценографија за еден сон“.

Но, кој тоа сонува? Во чиј сон ние навистина сме заталкале? Чиј сон се остварува во стварноста? Тоа не е сонот на учените и умни граѓани на оваа држава кои нострифицирале дипломи од Принстон, Харвард или Кембриџ, а, со сигурност, не е сонот на „работниот народ“ или сонот на трудбениците. Уште помалку е ова сон на стотините илјади невработени, на стотините илјади осиромашени селани и на стотините илјади бездомници во градовите кои „копаат по контејнерите“ за да се прехранат, зашто последно нешто што tie би сонувале се златокрили амори, антички нимфи од мрамор и апотеози на воини кои јаваат кон небото прошарано со розови облаци.

Дали е ова сонот на нашите јуначни предци? Сонот на „хероите кои ги жртвувале своите животи на олтарот на татковината“? Зарем „Скопје 2014“ (имајќи ги предвид одамна застарените урбанистички проекти на престолнините од соседството и времето кога вакви споменици и градби биле подигани) не е надоврзување и продолжување на архитектонските и урбанистичките идеи од крајот на 19 век и на некоја лажна и површна претстава за овој период од нашата историја и зарем не е слабоумно да се гради престолнина каква би можеле да очекувате доколку востанието од 1903 било успешно и Македонија станала самостојна држава (на територијата на денешна РМ) со своја престолнина. Проектот би се викал „Скопје 1914“ и, дури и тогаш да бил изведен, би бил скромен провинциски архитектонски потфат од неколку неокласични и псевдоисториски градби во центарот на една измачена, вџашена од ужас, осиромашена од војни и опустошена земја, но поради претпоставената национална еуфорија би имал некакво историско оправдување. Но, да направите реконструкција на еден неостварен сон, реконструкција која со вистинскиот сон има врска колку што холивудските историски спактакли имаат врска со историските периоди кои ги реконструираат, со 110 години задоцнување (sic!) и да тврдите дека го остварувате столетниот сон на мачениците кои загинале за Македонија – тоа е перверзно.

Историјата не е холивудски спектакл. Македонските револуционери и борци кои гинеле за оваа земја не се филмски артисти и не гинеле театрално качени во костуми на коњи и нивната крв не е црвена боја што прска по целото филмско платно на општо одобрување од публиката што ракоплеска. Без јасна претстава за сопствената историја, без самопочит и чувство за достоинство, без дури и најмала претстава за тоа дека се исмеваат стварни луѓе кои пролевале стварна, а не сценска крв, без и најмала почит кон сопствената традиција која и не ја познаваат или за која имаат некаква збркана и површна претстава, а знаењето за сопствената историјата го стекнале на кафеанска маса или од телевизиската образовна програма и учебникот за седмо одделение по историја, владеачката партиска номенклатура влета со таква неверојатна леснотија во ревалоризација и рекуперација на минатото и во редизајнирање и рекреирање на сегашноста, што такво нешто само неодговорен безумник може да смисли и да направи. Само безумник може да биде наполно несвесен за соспствената безумност, за сопствените ограничувања, за сопствената неукост и заостанатост, и со таква леснотија да го наметне сопствениот лош вкус, сопствената ретардирана претстава за стварноста и сопствените инфантилни фантазии на една цела нација без ниту малку одговорност и без дури и да помисли дека можеби прави ужасна грешка, дека можеби сето ова е производ на неговото безумие и дека такво лудило ќе ја турне целата нација во пропаст. Заборавете дека мотивот е само грабеж. Да се ограби сопствениот народ е веројатно можно и на друг поедноставен и помалку бизарен начин. Ова е лудило! Лудило кое сите ги обзема, закана пред која стоиме стаписани, која не можеме да поверуваме дека е тука и за која не успеваме да пронајдеме соодветен разумен одговор.

кон вториот дел

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Став / Култура
Никола Гелевски
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото