Протест: заминување од ДПМ

28.12.2012 10:06
Протест: заминување од ДПМ

До Друштвото на писателите
на Македонија, Скопје


Драги колеги,

Би сакал, вака јавно, да ви ја соопштам мојата одлука дека го напуштам Друштвото на писателите на Македонија во кое бев член повеќе од четириесет години. Се решив на овој чекор во знак на протест што ДПМ не се огласува со ниту еден збор како поддршка на своите колеги новинари (најголемиот број од нас писателите според работната кариера сме всушност новинари) кои, спротивно не само на Уставот и законите во земјата, туку и на сите меѓународно прифатени норми кога е во прашање слободата и независноста на новинарството, со употреба на физичка сила беа исфрлени од Парламентот на Република Македонија, додека си ја извршуваа својата професионална работа.

Јас со овој чекор, вака сам, му ја изразувам мојата поддршка на Здружението на новинарите на Македонија и на македонските новинари воопшто, на оној број професионалци и слободољубиви луѓе кои бараат и имаат право да добијат одговор за насилството извршено врз нив и врз слободата на информирањето. Овој мој чекор не е повеќе отколку еден обид да дадам знак дека сум меѓу оние кои одбиваат да се согласат со задушувањето на слободата воопшто и посебно на слободата на говорот. Тоа е главната битка што ја води и Меѓународниот ПЕН, во која во една мера, како долгогишен претседател на Македонскиот ПЕН и како сегашен почесен претседател, сум учествувал и учествувам. Далеку од тоа да се послужам со онаа подзастарена и патетична крилатица дека писателите се совест на народот. Никој нема право да биде совест на народот ниту совест на било кој друг, секој си ја имаа својата сопствена совест.

Што ќе беше деновиве ако не беше новинарството, ако не беа известувачите, камерманите? Како ќе знаевме дека пред Парламентот едни наспроти други се Македонците? Самите Македонци едни спроти други, доведени тука како божем некакви паравоени одреди кои треба да се пресметаат меѓу себе „во името на народот“.

Како ќе знаевме дека еден број уметници, артисти, со партиска клетва, но не со клетва и во наше име и за наше добро кои не сме партијци, тргнаа по улиците на Скопје, носејќи го пред себе транспарентот на кој со големи букви пишуваше „Уметност“, збор кој додека тие го влечкаа, ронеше солзи од тага. А тие неколкумина се добри артисти и дотолку изневерата е поголема и моралниот момент пожесток. Затоа, во еден умен и нежен текст, артистката Синоличка Трпкова, на Бранко Ѓорчев, му пишува: „Сакам да знам, јас како твој колега од комшиските клупи на ФДУ, каков е тој став, што ти го имаш?... Земја во кој актерите се слуги на владеачките структури – нема иднина“.

Историјата, пак, веќе уште од пред неколку дена, им го сврти грбот на овие луѓе, инаку актери.

И, сега, еве и јас, како Синоличка, ќе речам: Земја во која писателите би биле слуги на владејачките структури – нема иднина. Адорно го има речено она: После Аушвиц, не треба да се пишува поезија! Се разбира, тој не беше во право. Треба да се пишува и уште повеќе отколку досега. Сакам да верувам дека кога го кажал она дека по Аушвиц не треба веќе да се пишува поезија, сакал всушност силно да посочи до каде може да стигне човековата бестијалност, особено поттикнувана од крволочни идеологии.

Дали ДПМ е должно да им изрази своја поддршка на новинарите? Се разбира дека не е. Секој постапува онака како што мисли дека треба да постапи. Но, пак, постапките се оние кои во најголема мера ни помагаат да се запознаеме и да се познаваме едни со други.

Димитар Башевски

Слика: Ото Дикс