Долг - вертикални сојузи - хоризонтални конфликти - реформизам

28.12.2012 14:44
Долг-Вертикални сојузи, хоризонтални конфликти-реформизам-извадоци од книгата „Работа“

Зошто мораме да работиме повеќе отколку порано и покрај големиот технолошки напредок? Зошто старото работничко движење е немоќно да спречи нов напад на работниците? Може ли капитализмот да преживува кризи уште еден век? Како да се извадиме од овој хаос? Сето ова и уште многу се теми на книгата „Работа“ на северноамериканскиот анархистички колектив CrimethInc.

Долг
„Замената за платата беше долгот, пари кои човекот можеше да ги потроши, но кои мораа да се вратат, буквално обврзувајќи ги сиромашните бунтовници да бидат вечен продолжеток на капитализмот. Долгот е совршена стока, а иднината стана нов пазар; роден е пазарот на финансиите, најавувајќи ја ерата на постмодернизмот“.

-Анонимен автор, Вовед во апокалипсата

Кредитот има неколку суштински улоги во капитализмот. Тој им нуди начин на оние кои имаат пари од него да профитираат, едноставно позајмувајќи и наплатувајќи камати. Тој го шири пазарот, овозможувајќи им на капиталистите да продолжат со продажбата дури и кога ќе се испразнат џебовите на потрошувачите. Тој нуди шанса за економска мобилност, овозможувајќи им на луѓето можност да ја вкусат среќата како претприемачи или инвеститори, насочувајќи ги сопствените амбиции за подобар живот кон економијата, наместо кон нејзиното оспорување.

Конечно, тој им овозможува на работниците со ниски приходи да го вкусат животниот стил на богатите, купувајќи куќи, автомобили и факултетски дипломи. Така луѓето се гледаат себеси како средна класа дури и тогаш кога ќе бидат ограбени со кредитните картички од страна на банките и компаниите. Потрошувачкиот кредит понуди решение за економскиот метеж во почетокот на 20 век. Без кредитите, масовната потрошувачка ѝ овозможуваше на капиталистичката класа од работниците да одземе толку пари колку што им плаќала. Кредитот им овозможува на капиталистите да ја колонизираат иднината подеднакво како и сегашноста, акумулирајќи долгорочни обврски подеднакво како и директниот профит.

За производството непрекинато да тече, работниците мораат да ги потиснат желбите и да ги загушат спонтаните нагони, за да ја максимизираат продажбата, мораат да купуваат импулсивно и да бараат моментално задоволување. Оттука, за да го оптимизираат профитот, капиталистите мораат да му наметнат на општеството некаков вид на пореметување на повеќекратна личност. Отстапување на улогите од двете страни. Од потрошувачка страна, ова им овозможува на работниците да уживаат во луксузот преку своите можности. На работното место, долгот ги тера да се дисциплинираат, наместо да посакуваат бегство од ропството, тие сакаат да платат за она што веќе го „поседуваат“.

Ова не е можно секогаш. Во текот на изминатата деценија, вкупниот долг на домаќинствата во САД стана значително поголем од годишните приходи на домаќинствата. Многу сиромашни, загрозени и невработени имаат малку надеж дека некогаш ќе постигнат долгорочна финансиска стабилност. Во „компаниските градови“ од минатото, работниците ги купуваа неопходните алати и стоки на кредит, за притоа да бидат бесконечно долго заробени, работејќи за да ги отплатат долговите. Денес, оваа приказна многу ги лути луѓето, но што ако истата измама, наместо класата, ја направат поединечните корпорации? Студентските кредити многу поефикасно ги фаќаат во замка младите работници, отколку што тоа го прават малите бизниси. Исто така, единствената разлика помеѓу долгот и старомодното договорно ропство се состои во тоа, долгот да ѝ се отплатува на економијата, наместо на некоја индивидуа или институција. Кога долгот го гледаме како еден вид на обврска, тоа почнува да звучи сомнително познато.

Некои уште од раѓањето имаат малку и единствено можат да го добијат тоа што им треба доколку се обврзат на некаква служба, други пак, уште на почетокот имаат многу и се доволно великодушни да им позајмуваат малку на оние што се во неволја, во замена за обврска. Ова е новото руво на должноста што сиромашните им ја должат на богатите уште од феудалното доба, но на начин на кој тоа излгеда доброволно. Многу богатства буквално се состојат од долговите на сиромашните. Долгот е совршена стока, со камата која ја зголемува вредноста пред инфлацијата, оттука тој е толку примамлив за банките и инвеститорите. Но, ако сиромашните стануваат посиромашни, тоа може да се покаже како многу ризична инвестиција. За долгот да може да ја одржи својата вредност, не смее да постои шанса за општествена промена, иднината мора вечно да биде замрзната верзија на сегашноста.

Агенциите за наплата на долговите им ја наметнуваат оваа сегашност на должниците, додека полицијата формира линии за одбрана од иднината, сетете се само на специјалните единици „СВАТ“ (SWAT), кои ги исфрлуваат луѓето од нивните домови, кога тие се запленети. Сепак, нема доволно специјални единици за да се испразни секоја запленета куќа. Кога доволен број на должници ќе почнат да се борат за себе, земајќи и бранејќи го она што им треба, за инает на своите кредитори, замрзнатата иднина ќе почне да распукува и да затапува. Не треба да се срамиме од банкротот во банкротиран систем.

Вертикални сојузи, хоризонтални конфликти

Во секоја слаба точка на процесот на угнетување, некои од угнетените се поткупуваат со посебни привилегии во замена за верност. Угнетените ги угнетуваат своите страдалници, а угнетувачите секогаш се угнетени од некој друг, тоа е природата на хиерархијата. Кај најсиромашните нации, класата на соучесниците заработува, продавајќи ги евтино своите сонародници, во најсиромашните домаќинства, мажите го перпетуираат меѓукласниот сојуз на патријархатот. Во меѓувреме, конфликтот помеѓу оние со слична економска положба добива илјадници облици, конкуренција за работни места или унапредувања, пресметки помеѓу бандите, етнички конфликти, војни помеѓу сиромашните нации за ресурсите кои не се ограбени од страна на оние кои се помоќни. Овие несогласувања го одвраќаат вниманието од насилството кое ѝ е својствено на експлоатацијата. Ова може да создаде впечаток дека човечките суштества се насилни според природата-премногу за да се обединат против своите угнетувачи, а премалку за да воспостават кооперативен, наместо конкурентски начин на живот. Сепак, економските нееднаквости се тие кои стојат зад поголемиот број непријателства, колку и да се чини дека тие се нов производ на „човечката природа“. Вертикалните сојузи и хоризонталните конфликти не се само корисни за капитализмот, тие се неговата суштина.

Овој систем функционира само затоа што луѓето се натпреваруваат против другите кои се слични на нив, истовремено достигнувајќи ги привилегиите на оние со поголема моќ. Капитализмот ги наследи претходните системи за одржување нерамнотежа, затоа што поефикасно ги промовира хоризонталните конфликти и вертикалната послушност. Во општество кое се карактеризира со нееднаквост, колку што личноста е помобилна таа е помалку мотивирана да пронајде заеднички интерес со оние кои се еднакви на неа, таа е повеќе мотивирана да се натпреварува со нив. Вертикалните сојузи навидум можат да добијат простодушни форми, како што се навивачите на спортските тимови и различните религиозни групи. Кој не би посакал мир на земјата и добра волја меѓу луѓето? Па сепак, овие облици на заедништво ги прикриваат нееднаквостите кои не дозволуваат оваа желба да стане вистина. Слично на тоа, културните наративи, како што е заложувањето за „семејните вредности“, создаваат меѓукласни сојузи помеѓу општествено-конзервативните сиромашни луѓе и богатите политичари, кои секогаш сакаат да го насочат гневот кон нешто друго.

Дури и сојузите кои се засновани на опозициските или маргинализираните идентитети можат да послужат за задушување на класниот конфликт, како што покажа асимилирачкото крило на движењето за правата на хомосексуалците.

Кога експлоатираните и исклучените нема да стапат во класна војна со богатите, тогаш вообичаено е тие да тргнат едни на други. Историјата на ловот на вештерките, погромот, расизмот, сексизмот и етничкото чистење не можат да се одвојат од историјата на капитализмот. Тие често беа придвижувани од потполно исти економски притисоци и фрустрации кои инаку би создале револуционерни движења, злото на позајмувањето на парите е проектирано на Евреите, како што корејските бизниси во црнечките четврти се сметаат за одговорни за сите неправди на капитализмот.

Во книгата „Патријархатот и акумулацијата на светско ниво“, Марија Мајс го цитира германскиот чиновник Бејлиф Гајс, кој го поттикнува својот господар да го започне ловот на вештерките: „Кога вашето господство би сакало да направи клада, нам би ни било драго да обезбедиме дрва за потпалок и да ги поднесеме сите трошоци, а вашето господство би заработило толку пари, со кои убаво ќе може да се реновираат и мостот и црквата. Ќе стекнете толку за во иднина да можете на вашата послуга да ѝ дадете подобра плата, затоа што ќе може да се конфискуваат цели куќи, особено оние поимотните“. Трагично, за слугите е посигурно дека нивните господари ќе сакаат да ги ограбуваат другите луѓе со надеж дека еден дел од пленот ќе биде и за нив, отколку да се завртат против своите господари.

Ова е можеби суштински парадокс кој го блокира патот на антикапиталистичкиот отпор. Ако тоа што го сакаш е поголемо богатство, тогаш е полесно тоа да се изнуди од оние кои се посиромашни од тебе, отколку да се тргне кон оние кои поседуваат најголем дел од тоа богатство. Но, доколку не сакаш да го репродуцираш капиталистичкото однесување во помали рамки, тогаш мораш да тргнеш на оние над тебе, како Давид против Голијат.

Реформизам

Работничките движења од почетокот на 20 век се смирени со работничките реформи и бирократските синдикати, оние што издржуваа во повиците на револуција беа означени во антикомунистичкиот лов на вештерки. Движењата на отпорот против диктатурата на Пиноче во Чиле помогнаа тој да се симне од власта, но по преминот во демократијата, бунтовниците кои продолжија да се борат против наметнатата економска политика, немилосрдно ја потиснаа нивните некогашни другари дисиденти. Откако еден огранок на американското движење за правата на животните премина кон промовирање на конзумерското веганство, друг беше нападнат со цела низа на репресивни мерки, вклучувајќи го и законот против „тероризмот“ на активистите за правата на животните. Секогаш кога луѓето ќе постават голем предизвик на некој аспект од капиталистичкиот систем, ќе се одигра некоја од верзиите на истото сценарио.

Бранителите на стаус кво-то пацифизираат некои од своите противници, а притоа не ги бираат средствата за пресметка со оние кои не согласуваат на компромис. Така опозицијата се дели на два дела, заведување и насилство, а владеачкиот поредок се реконструира така што ќе вклучи и дел од поранешните дисиденти, додека останатите се потиснуваат. Соочени со ваков избор, оние поразумните брзаат да се договорат за да не ризикуваат да бидат репресирани. Иронично, оваа опција се смета за разумна само затоа што многу луѓе се одлучуваат за неа. Кога критичната маса еднаш ќе се реши да издејствува примирје, сите останати, освен оние кои се најнескротливи, набрзина се придружуваат, како глувци што го напуштаат бродот кој тоне.

Оние кои не го сакаат тоа инсистираат на обид за пресметка со експлоатацијата и угнетувањето, наместо помирување со нив, тие се криминализираат со помош на новите закони, валканите кампањи и немилосрдните напади. Па сепак, отстапките кои често ги добиваат реформистите им ги должат на оние кои не се согласиле на компромис. Либералите и реакционерите сметаат дека конфронтирачкиот отпор го делегитимизира несогласувањето, но тој всушност ја принудува државата да ги легитимизира реформистите.

Движењето за граѓанските права на црнците никогаш немаше да го постигне тоа што го постигна без присуството на заканата, преку борците како што се Малком Х и подоцна Црните пантери. Поддржувачите на реформата постигнуваат промени и добиваат признанија, додека нивните поранешни другари гинат и ги затвораат, всушност овие промени и признанија им се одобруваат под услов да молчат додека бунтовниците се угнетуваат и бришат од историјата. Ова им дава погрешен впечаток на наредните генерации за тоа како се случуваат општествените промени, сугерирајќи дека тие се постигнуваат само со испраќање молби до моќниците преку признаените институционални канали.

Преку овој процес, остатоците од старите движења на отпорот се испреплетуваат со владеачкиот социјален поредок, а тоа навистина може многу да ги искомпликува работите. На пример, Африканскиот национален конгрес (ANC), некогаш еден од најнепоколебливите противници на апартхејдот во Јужна Африка, сега владее со земјата, управувајќи со економските нееднаквости споредливи со расната сегрегација на која некогаш ѝ се противеше. Многумина кои првобитно се групираа околу знамето на Африканскиот национален конгрес заради неговата револуционерна политика, сега го поддржуваат, иако тој се оддалечи од неа, а заедниците кои остануваат во конфликт со јужноафриканската влада, стануваат завојувани страни со своите поранешни сојузници. На тој начин, пацификацијата може да биде иницирана од страна на групите од кои тоа не се очекува или може да се стекне со суптилни облици.

Не е секогаш лесно да се процени дали оние кои тврдат дека му се спротивставуваат, всушност го бранат статус кво-то. Во САД, еден од главните фактори во неутрализацијата на потенцијалните движења на отпорот е финансирањето. Оние кои се решени да ги менуваат работите мораат да црпат средства однекаде. Затоа што речиси сè е во приватна сопственост, тоа значи конкуренција на пазарот, барање донации или моментално грабање на ресурси. Тешко е да се изведе последната опција, а не е тешко да се увиди како првите две можат да ги обликуваат интересите на групите. Значи, се работи за тоа дека богатите се во можност да извршат неизедначено влијание на движењата за општествени промени со селективно финансирање. Структурите низ кои парите се распоредуваат се стари повеќе од еден век и потекнуваат од времето кога магнатите како Рокфелер и Карнеги основаа фондации.

Нивната цел беше да ги пензионираат сиромашните и непослушните додека го обликуваа светот според сопствените интереси, филантропијата има долга историја како симптоматско лечење на системските заболувања. До денешен ден, донациите кои се добиваат од данокот им нудат начин на богатите да ја избегнат Внатрешната служба за приходи, за да можат своите пари да ги употребат во „хуманитарни“ цели, како што се уметничките програми и десничарските експертски групи од кои првенствено има корист нивната класа. Поголемиот дел од паричните средства доаѓа до отворено реакционерни организации, оспособувајќи ги за работа во тандем со владините агенции, корпоративните медиумски куќи и други институции, на одржување на статус кво-то и привидот дека тој е последица на слободниот избор. И покрај тоа, дел од парите одат и кај групите кои се претставуваат како заговарачи за општествени промени, иако тоа со себе донесува и класна програма на нивните финансиери.

Реформите кои ги посакуваше клубот „Сиера“ немаше суштински да го променат односот на нашето општество кон животната средина, за разлика од реформите кои ги посакуваше Хуманото друштво за промена на положбата на животните во односот на луѓето.

Овие реформи главно имаат за цел да ја отстранат грижата на совеста на либералите од средната класа, за која прашањето за социјална одговорност е потрошувачка опција која е еднаква со сите останати. Истото важи и за антивоените коалции кои им се спротивставуваат на поединечните војни, не правејќи ништо по прашањето за првобитните причини за војни и окупации. Лидерите на протестите кои ги постројуваат своите протестни маршови се најдобар показател дека организаторите и понатаму од срце веруваат во контролата од врвот па надолу. Така, поголемиот дел од невладините организации служи само за да управува со општеството, со помош на поинакви средства, поголемиот дел од непрофитните организации само го подобрува системот кој се темели на профит и експлоатација.

Сепак, другите се трудат да постигнат вистинска промена, но суптилно се пренасочуваат додека трагаат по парични средства. Оние кои зависат од туѓото дарување тежнеат да се насочат на она што ќе ги импресионира доброчинителите, дури и ако тоа го прават несвесно. Наместо да ги негуваат grassroots врските, тие градат мрежи во професионалните класи на организатори и филантропи, наместо да градат автономни општествени движења, тие се концентрираат на градење на легитимитет во очите на потенцијалните покровители. Процесот на природна селекција ги елиминира организациите кои се зависни од паричните прилози и кои не се согласуваат да бидат сопствени полицајци.

Сето ова ја потврдува идејата дека никој не е подготвен за радикални решенија, иако оние кои го спонзорираат непрофитниот сектор не го претставуваат поширокото население. Активистите од добро финансираните групи ги гледаат наводните револуционери со потсмев, дури и со збунетост. Зошто не можат да се приберат? Како можат да очекуваат дека ќе постигнат нешто ако барем малку не се придржуваат до правилата? Тие се толку непрактични! Зарем не знаат дека некои организации буквално ги подаруваат парите, само ако знаат како да се однесуваат? Некои од овие активисти можеби мислат дека ги надмудриле своите финансиери, великодушно пренасочувајќи ги подарените пари во субверзивни цели.

Можеби го прават и тоа, но не е секогаш најјасно кој кого измамува. Таквите активисти често се подеднакво неискусни колку што се страствени, додека оние кои пишуваат пријави за донации се обучени професионалци кои со генерации се насочувани кон институционалното паметење, би било погрешно да се претпостави дека тие не знаат што прават. И најрадикалните групи можат да имаат цел во рамките на економијата, на пример, обезбедување на бесплатна работа. На волонтерите им се доделуваат улоги кои одговараат на најлошите последици на капитализмот, како што се бездомништвото или нафтените дамки и на тој начин го стабилизираат системот. Овие улоги можат ефикасно да ги изолираат радикалите, правејќи другите да ги гледаат како жртви, а не како потенцијални другари.

Поместувањето со барање за социјална промена, која се однесува на овозможувањето социјални услуги значи дека целиот живот може да се потроши за лекување на симптомите, а никогаш да не се направи придвижување кон лекувањето на причинителите. Ова можеби нема да го направи светот подобро место, но има совршена смисла како начин за обезбедување на сигурно вработување. Капиталистичките кризи зачнуваат нови пазари и нови деловни модели, но затоа се појавуваат нездрави симбиотички врски, на пример, климатските промени буквално создаваат нови работни места и можност за заработка преку еколошките невладини организации.

Дури и меѓу оние кои се обврзуваат на доживотна борба, побогатите реформистички организации, на крајот, повторно ги собираат сите оние (само не најнепослушните), а на овој начин тие се еден вид сигурносни мрежи против луѓето кои својот полн потенцијал го насочуваат против капиталистичкиот систем. Прогресивните невладини организации им нудат работа на најефикасните организатори (а, на кој радикал не му треба работа?). Сепак, активистката која се обидува да направи меѓународна кариера спасувајќи го светот, своите лични заложби мора да ги ограничи на слободното време како хоби.

Трошејќи го поголемиот дел од своето слободно време и енергија на платената работа, таа на крајот се стекнува со впечаток дека нејзината платена работа е поефикасна. Приказната за поттикнувањето на „лидерството“ често подразбира одвојување на ефикасните организатори од своите соборци, учејќи ги како да ги остварат реалистичните цели, т.е како да ја прифатат логиката на капиталистичката реалност. Кога еднаш ќе се видите себеси како лидер, ќе почнете да ја гледате елитата на другите групи како нивен легитимен претставник, за здружението на сопствениците на куќи во црнечките четврти се смета дека тоа ја застапува целата црнечка заедница, истакнатиот гласноговорник почнува да го претставува општественото движење. Мрежите на лидерите можат да поврзат големи коалиции, на таков начин на кој само елитите ја концентрираат моќта, тоа е акумулација на политичкиот капитал.

Како што новите лидери стануваат „ополномоштени“, тие своето искуство во стекнување на влијанието несвесно го усвојуваат како модел за тоа како треба да изгледа напредокот за сите, општествена мобилност, а не укинување на структурните нееднаквости. Но, пирамидата на политичкиот активизам не е поинаква од која било друга пирамида, на врвот нема доволно место за сите. На тој начин, хиерархиите против кои се бориме, се појавуваат во рамките на нашиот отпор, нив често ги наметнуваат луѓе кои најелоквентно зборуваат за отпорот и кои се чинат како да се најквалификувани да зборуваат за тоа. Понекогаш таквите лидери ја користат реториката на отпорот, угнетувањето и привилегиите, за да ја предупредат критиката и да ги осуетат вистинските движења на отпорот.

Сè што може да го загрози капитализмот можеби претставува закана и за нивните лидерски улоги. Имајќи го ова во предвид, не е доволно да се постави прашањето дали некоја организација или кампања дистрибуира моќ низ пирамидата, дури и ова може да биде начин пирамидата да се стабилизира. Прашањето кое треба да се постави е, дали таа придонесува за рушење на структурите кои ја создаваат пирамидата. Реформизмот може да биде чекор напред кон ова, но исто така може да биде начин тоа да се спречи.

Извадоци од книгата „Работа“

Извор: http://kontra-punkt.info/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото