Шимпанзото одгледувано како човек

29.12.2012 09:21
Шимпанзото одгледувано како човек

Во контроверзниот лингвистички експеримент од седумдесеттите години на минатиот век, новороденото шимпанзо наречено Ним Чимпски (пародија на името на славниот Ноам Чомски) е одвоено од мајката и одгледувано исклучиво меѓу луѓе. Во чисто научна смисла, експериментот не дал лоши резултати, но завршил трагично за главниот учесник.

Целта на експериментот била да се утврди дали јазичната способност е вродена, односно дали мајмуните можат да научат да комуницираат со човечкиот знаковен јазик.

Ним добро го совладал знаковниот јазик со кој се служат глувонемите и овозможил драгоцени увиди во психологијата и способноста на човековите најблиски роднини. Но, и покрај фактот што Стефани Ла Фарг во својот семеен дом во Њујорк го одгледувала исто како и своите седум деца, а како бебе неколку месеци дури и самата го доела, сепак тој не станал налик на човек.

Кога започнал полово да созрева, Ним станал љубоморен на сопругот на Стефани и правел хаос во куќата, така што морал да биде преселен на Универзитетот Колумбија.

Во меѓувреме, живеел во духот на седумдесеттите: уживал во брзото возење, пиел пиво, повремено пушел марихуана и станал медиумска ѕвезда, појавувајќи се дури и на насловната страница на Њујорк Тајмс.

На универзитетот го очекувал многу помирен живот, посветен на науката. Под водство на студентката по психологија Лаура-Ан Петито совладал повеќе од стотина нови јазични знаци, но со понатамошното растење го менувал и карактерот.

Иако сè уште весел и приврзан со блиските луѓе, станувал поагресивен. Нападнал неколку луѓе кои го обучувале, а самата Лаура ја гризнал толку силно што морале да и’ стават 37 конци.

Херберт С. Терас, професор по психологија на Универзитетот Колумбија кој цело време раководел со експериментот, во тој момент одлучил да го врати на Институтот за проучување примати во Оклахома, од каде што го земал како бебе.

Прв пат соочен со припадниците на сопствениот вид, Ним бил збунет и уплашен и имал големи проблеми да се приспособи. Полека се навикнал со помош на негувателот Боб Ингерсол, неговиот омилен тренер и другар за играње, но работите повторно тргнале на лошо.

Институтот останал без пари, а Ним бил сместен во една институција во Њујорк, каде што е држен во тесен кафез и подложен на експерименти. Благодарение на неговата медиумска популарност, се формирало движење кое барало да биде пуштен на слобода, па завршил на ранчот Black Beauty во Тексас, засолниште за напуштени и злоупотребувани животни.

Без пријатели меѓу шимпанзата и луѓето, тука живеел изолиран и осаменички живот, со повремени изблици на бес и агресивност. Умира на 10 март 2000 година на 26-годишна возраст, далеку под очекуваниот животен век за едно шимпанзо (кој изнесува и до 60). За тоа сигурно придонеле честите стресови, но неговиот тренер и другар Боб Ингерсол смета дека умрел поради скршеното срце и тагата предизвикана од разделбата со луѓето кои ги сакал.

Извор: http://www.nybooks.com

Слични содржини

Наука / Технологија / Живот
Психологија / Наука / Живот

ОкоБоли главаВицФото