Пет причини зошто словенечките протести не може да се случат во Македонија

29.12.2012 12:09
Пет причини зошто словенечките протести не може да се случат во Македонија

Во Македонија словенечките протести станаа дополнителен аргумент во арсеналот аргументација „Не за ЕУ“ и, меѓу другото, доказ дека во Европа полошо се живее. Суштината е промашена и јавноста изманипулирана.

Прво, протестите не се поттикнати од национална кауза против идејата за обединета Европа. Протестите се против сојузништвото со капиталот и против државата и ЕУ како агенти на безусловно наметнување на неолиберализмот. Второ, во Македонија никој не се крева на востание не зашто живеачката е поубава, туку поради неколку конкретни причини кои оневозможуваат мобилизација за коренита промена:

- Рекетирање на буџетарите.

Мавтајки со парче леб, власта ги држи на ланец издресирани во своја лична гарда. Буџетарите во Словенија се дел од барикадите против убивањето на социјалната држава, затоа што немаат чувство на понизност и долг кон ниту една политичка партија. Ниту еден политичар, дури ни помеѓу најпараноичните (Јанша), се нема осмелено да интервенира подолу од третиот ешалон. Партизираноста ја нема разјадено јавната администрација до најниските нивоа, како во случајот на Македонија.

- Непостоење на политички/општествен актер во мејнстрим дебатата кој го демаскира нехуманото лице на неолиберализмот.

Ако во Словенија нема разлика меѓу десните и левите политички партии во однос на економската политика, барем синдикатите (независно од обвинувањата дека се инструменти на одредени центри на моќ) со јасен левичарски јазик ги дефинираат своите барања и „црвени линии“ наспроти неолибералната политика. Знаејки дека изгубените права тешко се враќаат назад, синдикатите жестоко се борат за наследството од претходниот систем. Оттука во рамки на ОЦДЕ земјите, Словенија е на врвот по гарантирани социјални права (затоа и притисокот е огромен за нивно ’рационализирање’). Во Македонија, пак, синдикатите се сојузници на власта во демонтирањето на социјалната држава. Наместо застапници на работничките права, тие повеќе се загрижени да бидат конструктивни партнери на власта и бизнис заедницата.

- Агресивно спроведување на неолибералната политика како комплекс од претходниот систем.

За разлика од Словенците кои немаат комплекс да се кренат против капитализмот, за похуман систем кој нема да слугува на бизнис елитата, туку на јавниот интерес и обичниот човек, во Македонија секој обид за воспоставување таков дискурс се маргинализира и исмева како непримерна југоносталгија.

- Дискредитација на солидарноста и еднаквоста како вредности на претходниот систем.

Во Словенија за личност на годината беше избран човек кој подари стан на социјално загрoзено семејство. Единствен услов кој ги постави беше да остане анонимен и станот да биде доделен на семејство кое неопходно има потреба од стреа над глава. Да биде приказната потрогателна, се работи за човек кој не е богат, сериозно е болен и има невработена ќерка која преживува благодарение на парична помош од заводот за вработување. За споредба, за личност на годината во Македонија се бира помеѓу директори на фирми, претседател на пензионерската организација која „прерасна[ла] во почитуван партнер на власта и на бизнис заедницата“, спортисти, музичари и секако поп личности. Вредностите кои македонското општество смета дека треба да се промовираат се трка за пари, полтронство, национално единство отелотворено преку спортот и културата, и секако религиозноста која постои за, по спортските победи, повторно да ја здогледаме кучешка реалност која треба да не’ потсети на понизното вртење и на другиот образ.

- Паланечки дух.

Не само што квалитетот на дебата во Македонија е на најниско можно ниво туку и темите кои се предмет на медиумски интерес се честопати бесмислени. Површен поглед на содржината на информативната програма покажува речиси стопроцентен фокус на локални теми. Глобални расправи и случувања не се предмет на аналитички интерес. Исклучок е секако, спорот со името. Во македонскиот медиумски простор има 0 весници за меѓународна политика, 0 емисии кои третираат глобални прашања и минимална минутажа/покриеност на вести од светот. Затоа земјата е плодна почва за теории на заговор, кои имаат за цел да ги пренасочат политичките и социјални фрустрации.

И се’ додека причина за евроскептицизмот во Македонија е исклучиво прашањето за името, единствените масовни собирања ќе бидат славопејки на националното единство, потикнати од случајните спортски победи.

Слики: Joanna Concejo
Извор: putonthelight.blog.com