Вампири

30.12.2012 07:47
Вампири

Што ти се вика ефикасна и експедитивна Влада. На Денот на идеите, добија генијална идеја, граѓаните да продаваат по литар крв за илјада евра, а потоа државата да ја препродава и сите, што би се рекло, да живееме среќно и весело, до последната капка - туѓа крв. И уште „О“ од „Остваруваме!“ не си рекол, а веќе идејата е преточена во практика. Најпрвин, како што доликува, примерот го даваат пратениците (до душа оние од опозицијата), а потоа и луѓето насобрани пред Собранието.

Ако некому му се чини дека првите резултати и не се нешто што треба да фасцинира, нека не се грижи - ова е само почетно пуштање крв. Вистинската работа допрва следи. Откога ќе се разработат сите механизми за собирање крв од народот и откога целата акција ќе трае 24/7. А има тука низа можности за унапредување на овој енормно исплатлив проект. На пример, еден солиден 95-процентен данок на крвта. Од илјада евра на државата да и’ дадеш 950. А ако немаш да дадеш Управата за јавни приходи ти праќа извршители, кои и до сега се веќе обучени да ви ја цицаат крвта, да го допие остатокот во соодветна противвредност.

Можете да замислите какви сè олеснувања на буџетот би можело да има ако се воведат и соодветни бонуси. На пример, ако донесеш три литри крв од некој капитален примерок на пензионер, добиваш 10-процентен бонус. Со еден удар се ослободуваш од трошење пари за висока пензија, го олабавуваш метежот во градскиот сообраќај, штедиш во здравствениот систем, а истовремено добиваш нов девизен прилив. Посебен бонус може да се добива и за крвта од опозицијата или за новинарската крв. Кој достави по шест литри крв од секој опозиционер, автоматски добива книшка на почесен член на Партијата. Кој, пак, има најмногу вакви трофеи, автоматски станува претседател на Собранието. Ем политичките одлуки ќе се носат без блокади, ем ќе нема потреба ниту од избори или некои други одвишни форми за арчење пари.

Од друга страна, новата крвна индустрија може да биде вистинска иницијална каписла за севкупното македонско стопанство. Потребните капацитети се евтини, а буквална севкупното работоспособно население кое е сега без работа, лесно може да се преквалификува во ловци на крв. Замислете ситуација кога во земјата ќе нема повеќе протести. Туку само анти-протести. Просто не можам да замислам каде ќе ни биде крајот.

Во природата и во легендите нема многу видови што се хранат пиејќи човечка крв. Најпознати се комарците и вампирите. Комарците предизвикуваат чешање, но и опасни заразни болести, а вампирите ги претвораат луѓето во живи мртовци. Со оглед на нивното долговечно опстојување меѓу нас, очигледно е дека човековата крв те прави отпорен на општествените услови и правила на животот каков што го познаваме. Во таа смисла, пиењето крв не е само економска, туку и социолошка категорија. Односно, вистинската, речиси утописка благосостојба може да се постигне само додека сите не станат пијачи на туѓа крв, а останатите зомбија, кои цело време ќе се чешаат. Значи, најефикасен систем за владеење со државата не е оној што го креираат луѓе, комарци или вампири, туку некоја комбинација меѓу нив. Особено меѓу вампирите и комарците.

А за да се постигне целата оваа благосотојба, мораше, се разбира, да биде усвоен буџетот. Низ оваа призма, добивам поинаква перспектива за анти-протестите на пензионерите, земјоделците, социјалците, актерите... Тие се бореле за туѓата крв. Затоа и спонтано направија фронт. Само со фронт можете да стигнете до туѓата крв.

Како и да е, сега кога буџетот е усвоен, претпоставувам дека се разбудиле релаксирани, среќни и задоволни. Не мора да се грижат за своите социјални надомести, па ниту за условите во кои работат. Мислам дека од вечерва секоја вечер ќе одам во театар, зашто откога е усвоен буџетот и вратено погазеното достоинство на театарските директори кој знае какви генијални изведби ќе ни бидат ставени на увид.

Дека беа во право со своите протести денес може мошне лесно да се види. Додека музичарите и актерите водеа политика, опозицијата пееше во Парламентот. А според секогаш добро информираниот „Сител“ исто така и глумеше. А, според „Сител“ ни пеењето, ни глумата не биле на нивото што може да го пружи еден Бранко! Ѓорчев, а не Црвенковски. Затоа и треба да се биде безмилосен кон опозицијата. Таа ги упропастува нашите духовни вредности. Таа ги предава нашите национални интереси. Таа сака да предизвика хаос, бидејќи само така може да ги победи вампиро-комарците.

Ова нема врска со ништо, ама, ете, ми текна. Има една карикатура на Иво Кушаниќ, на која се гледа фудбалски натпревар. Во едниот шеснаесетник има гроб, околу кого неколку фудбалери плачат со запалени свеќи. Судијата е на средина на теренот, со испружена рака и со грб кон гробот, а коментаторот коментира: „Противничкиот фудбалер се обиде да изнуди пенал, ама судијата не дозволи да биде излажан“.

Како и да е, едвај го чекам следниот ден на идеи, да видам до каква генијалност ќе статасаме тогаш.

Извор: Глобус
Слики: Joelle Circe

ОкоБоли главаВицФото