Треба да ѝ се даде отпор на лагата

31.12.2012 15:31
Треба да ѝ се даде отпор на лагата

Кои би можеле да бидат причините место во демократија да се стремиме кон тоталитаристичко општество во кое мнозинството грубо владее со малцинството? (Такви примери имавме последниве денови, но и претходно се случувале ситуации на надгласување)

Деновиве читав интересна анализа за германското списание „Сигнал“ од 1944 година. Ова списание излегува во времето кога Германија е на завршната точка на својот политички тоталитаризам. Во него нема ништо „тоталитарно“. Само пропагирање на вредности. Реклами за парфеми, чорапи, мачки на насловните страници. Во еден број од списанието има дури и пофален текст за Ганди. Поентата е дека во ова семејно, нацистичко списание нема ништо што би го одвратило дури и денешниот читател - пацифист. Има само одвраќање од идеологијата, а пумпање на вредностите: негување на традицијата и домот, повеќе деца, нега, убавина, итн. Накратко: пропаганда и упатства како да се биде човек. Станува збор, значи, едвај за пропагирање на малограѓанските вредности. Малограѓанските вредности самите по себе не се тоталитарни. Сепак, тие се јаслите (или можеби веќе колеџот) за одгледувањето на апстрактната машинерија што потоа го прави возможен тоталитаризмот.

Обратно од уверувањата, тоталитаризмот не е тотална мобилизација и политизација, туку сосема обратно, тотална деполитизација и застрашувачка пропаганда на нормалноста! Тоа што се случува во Македонија во моментот е само довршување на еден проект започнат постепено, пред шест години, како битка за вредностите: за трето дете и против абортус, завладејување со медиумите, силење на семејните патријархални вредности, приближување до црквата, инсталирање на поданичкиот менталитет, итн. Кога по некое време Владата со тупаници ја брка опозицијата од Парламентот, луѓето инстинктивно тоа го доживуваат како нормално. Дури и кога чувствуваат дека не е сосема законско. Било постапно, значи нормално е, зар не? Тоталитаризмот, со други зборови, е возможен само таму кадешто се прекинати сите разговори за политичкото. Овој прекин е во срцето на владеењето на последново ВМРО ДПНМЕ од првите нивни денови пред шест години. Истото суспендирање на политичкото деновиве се одвиваше пред нашите очи во македонскиот Парламент.

Дали патриотизмот може да се поистовети со национализам, кој евидентно е во пораст речиси низ цела Европа?

За мене вербата во нацијата не само што не е пацифистичка утеха, туку многу пострашно. Национализмот е веројатно најтрауматската работа на која еден човек е осуден. Ова го знаеме од Кјеркегор: најтешко е да го сакаш својот сосед. Па уште и ако треба да се идентификуваш со него... Па уште и ако треба да го воздигнуваш... Во национализмот има вградена перверзија – инхерентна, впрочем, за секое припаѓање. Колку е еден човек пожесток во јавната манифестација на љубовта кон својата нација, толку во таа љубов треба само повеќе да го прочитаме очајното посакување за бегството токму од неа! Затоа го имаме парадоксот на најголемите патриоти кои редовно се пензионираат во семејни куќи на Мајами. Психоаналитичкото име за овој тип националистички жестења е секако траумата. Но, за нас без тие куќи по светот и за нас што остануваме дома, политичкото име за овој „патриотизам“ е – корупцијата. За мене: подобро е да ја сакаш својата нација така што само минимално ја поднесуваш, одошто да ја лажеш и да ја крадеш.

Колку ни тежи идентитетскиот пакет на патот кон европското друштво, не приближува или не оддалечува?

Прашање е што всушност го претставува нашиот идентитетски пакет во моментов. Нашиот државен пакет во моментов вклучува толку многу различни работи, од раната антика до доцниот футуризам, што сè повеќе наликуваме на еден доцен опис на Фројд за хистеријата. Кога Фројд патува за Америка во 1909 година тој го опишува психоаналитичкото распаѓање на идентитетот преку метафората на шопингот. И вели дека дисоцијацијата на личноста личи на човек што тргнал во шопинг па се враќа дома со бројни кутии и кеси. Не може да го држи целото купче со двете раце и со десетте прсти, па најнапред паѓа еден предмет од неговата прегратка, тој застанува да го собере, но друг предмет веќе истовремено паѓа од неговите раце и така натаму. Нашиот идентитетен пакет во моментов нè оддалечува од европското семејство, ако заради ништо друго, тогаш заради хистеријата. Човек не мора да биде психијатар за да ја види нашата автентична национална хистерија. Нам сега најдобро би ни дошол еден долг, долг одмор, ако заради ништо друго, тогаш заради национално и идентификациско смирување.

Трагањето низ корените, првично насловено антиквизација, сега нè одведе во неокласицизам, барок и рококо финализирани во проектот „Скопје 2014“. Колку таквите промени ќе придонесат вистински да се осознаеме?

Нема да придонесат и тие веќе подолго време не придонесуваат. Вистинското осознавање е лажен филозофски проблем. Никој никогаш нема да успее себеси вистински да се осознае. Тоа е прастара филозофска дилема исто толку и филозофска вистина. За жал, во нашето историско време ја видовме таа филозофска пукнатина успешно преработена и употребена од тековната Влада, со конкретна прагматична цел: завладејување со сите ресурси во државава (од материјални и финансиски, до човечки и стилски), како и целосно покорување на што годе подразбираме под инстанцата : здрав разум. Скопје 2014 се инсталираше како корупциски проект на една шизофрена влада и тој не е ништо друго освен споменик на еден себичен владетел. На тој проект веќе му го дадовме епитетот хистерија, како што проектот заслужува, но нам допрва ни претстои реинсталација на некаква нормалност, истата таа нормалност што претходно беше целосно капитулирана и укината од Владата.

Една од најупотребуваните синтагми во годината што измина е слобода на говорот, на медиумите, како коректив во демократското општество. Каде завршува слободата на медиумите а каде започнува пропагандата?

Во понеделникот, по настаните во македонскиот Парламент, кога опозицијата беше отстранета од Парламентот, а владејачката партија го изгласа буџетот за 2013 година, во четири часот попладне пуштив телевизија за да сфатам што се случувало. Вестите на Сител телевизијата тој ден беа застрашувачка, монструозна манифестација за силата на Бернајс пропагандата во медиумите во денешна Република Македонија. Сè повеќе мислам дека идните граѓански отпори не треба веќе да бидат насочени само кон уривањето на корумпираната власт, туку многу поважно – кон уривањето на медиумските инфраструктури што го потпомагаат и го овозможуваат непреченото владеење на власта. Нашата битка, битката за враќањето на нормалноста во Република Македонија ќе мора да започне пред сè како битка против медиумската манипулација во Република Македонија, како прашање за ревоспоставувањето на правото на достоинствен живот на она што граѓаните го чувствуваат како нивната нормалност, наспрема пропагандите.

До каде може да нè одведе екстремната поделба на општеството по сите основи – политички, етнички, верски?

Вашите читатели треба да знаат дека нашава кореспонденција ја водиме само еден ден по настаните во македонскиот Парламент од 24 декември 2012. И сè во оваа размена е обоено од тие настани, барем за мене. На Вашето конкретно прашање: може и треба да нè доведе единствено до – отпор! Луѓето од мојата фела веќе немаат избор да глумат интелектуалци. Ниту кој било друг да се држи до своето јато. Неутралноста никогаш не била добар избор. Никогаш, а особено сега. Мислам дека најстрашната работа што сега би можела да ни се случи е превидување на тој колапс помеѓу тоа што го гледам со свои очи во реалноста и тоа што диктираните медиуми ми велат дека треба да го видам преку медиумите. Во тој застрашувачки јаз на реалноста би рекла дека е еден битен чинител на постоењето – да дадеш отпор против лагата.

Колку синтагмата човекови права има реална компонента во денешното глобално општество, или само станува збор за идеалистичка визија?

За мене тоа не е идеализам. Толеранцијата кон секундантот, кон детето, кон цветот, кон плочникот, кон каменот – тоа не се само поетски метафори. Човековите права во таа хиерархија на вредностите се инхерентно антропоморфни. Не ја исклучувам можноста дека целото човештво, во својата најавтентична и најхумана верзија, е само тоа - неважен хуманизам. И тоа е во ред. Додека не ја знаеме вишата промисла, „човековите права“ овде и сега се вредноста за која човек вреди да се бори. Еден единствен човечки живот во таа номенклатура е вреден за борба. Денес постојат валидни филозофски системи што го бранат правото на животните над правото на луѓето. Или правото на растенијата над правото на луѓето. Или правото на минералите над правото на луѓето. За мене тоа има смисла. Ние луѓето не сме единствените што полагаме право на постоењето на оваа планета. Ова за што досега зборувавме во интервјуво се само правата на луѓето меѓусебно да се борат за секој еден член еднакво како и за секој еден друг. Но, тоа не значи дека човечките права се и единствените права на оваа планета. Ние сме толку доцна дојдени на оваа планета, што можеби нашите права во таа хиерархија лесно би требало да бидат вторични или само последователни.

Имајќи ги предвид личните искуства, дали можеби лустрацискиот процес се претвори во механизам за политичка одмазда?

Од првиот момент кога во декември 2005 година јавно зборував за конфронтацијата со комунистичкото минато до ден денес, непрекинато зборувам за нужноста oд транспарентност на сите комунистички досиеја на принципот на Викиликс и на агендата на Асанж. За мене тие принципи се водечки. Достапност на сите досиеја од комунистичкото минато до сите други луѓе на принципот „сите за сите“, ставање на сите досиеја на интернет, без рестрикција, без медијација на политичките структури и на лустрациските тела, и најважно - без исклучок. Тие комисии за лустрација, впрочем, претпоставувам, се крајно здодевни. Самите изгорени од достоинството на својата задача. Веќе напола од нивната задача беше јасно дека никој нема сериозно да им ја сфати задачата на „чистачи“. За мене прочистувањето со минатото беше лична нужност. Сегашниот статус на лустрацијата е како кога човек би си гризнал месо од сопствената подлактица, додека истовремено пее македонска народна песна, но низ заби. Во тој чин признајте има извесна меланхолија, секако и натрупана тага, не е смешно, но веќе не е ниту особено тажно, дури ни за тој што самиот се гризе. Затоа што сето наликува на симулакрум. Денешната лустрација се сведе на реално шоу во кое сите перформираат напад или одбрана, крварат помалку, но потоа ги облекуваат пиџамите и легнуваат во 11 часот навечер пред камерите да се угасат. Не е дека не ги боли, но никој не умира, и никој не оди во затвор, значи, сè е во ред. Што па јас тогаш сè уште имам да ја влечкам мојата семејна траума по весниците?

Дали во современото општество постои механизам кој може да ја „измери“ вистината? Поточно, чија вистина повеќе „тежи“?

Нема. Нема вистина што тежи повеќе од другата, ако нема бекап во медиумите. Тоа не значи дека вистината самата по себеси не постои. Таа постои, јас сум универзалист во таа смисла: постои една вистина и таа се случила. Но, за да стане видлива потребни ѝ се медиумите за сингуларноста на вистината да излезе на виделина. Медиумите се баш токму толку застрашувачки важни. Како никогаш порано во човечката историја.

Според Вашите согледувања, во кој правец се движи човештвото ако се земат предвид глобализациските процеси, рецесијата во пазарните односи и дехуманизацијата на човековиот дух?

А која сум пак јас да зборувам во името на целата глобализација? Ако глобализацијата е унификација на целото човештво заради хуманизација на универзумот, создавање ред во хаосот, тогаш никој од нас не е повикан да зборува во особена смисла.

Сакам да ви пренесам едно сведоштво од почетокот на векот: „Ме прашувате како тоа Франц се плаши од љубовта, а не се плаши од животот? Мислам дека не е така. Тој го гледа животот сосема различно од другите луѓе - парите, берзата, девизната централа, машината за пишување – за него тоа се сосема мистични работи, загатки кон кои има поинаков однос од сите нас. За него канцеларијата е нешто крајно тајно, восхитувачко, како што е локомотивата за малото дете. Наједноставните работи на светот не ги разбира. Дали некогаш со него сте биле во пошта? Дали сте виделе како смислува телеграма и како бара шалтер кој најмногу му одговара, и како потоа патува од еден до друг шалтер, а кога ќе го најде „вистинскиот“ шалтер, како тогаш плаќа и ги зема ситните пари назад, па пресметува што му вратиле, сфаќа дека добил една круна повеќе, па ја враќа кај госпоѓицата на шалтерот? Потоа тивко заминува, ги пресметува парите повторно долу, на последното скалило, и одеднаш сфаќа дека круната што ја вратил всушност била неговата. Стоите наспроти него не знаејќи што да направите, а тој се преместува од нога на нога и размислува што да направи следно. Да се врати е тешко – горе има маса луѓе. ’Остави го тоа’ му велам, а тој ме гледа преплашено. Како може тоа да го пушти? Не му е нему до таа круна, сепак не е во ред. Има една круна помалку. Како да ја остави?“ Ова е исповед на Милена Јесенска за Франц Кафка. Мислам дека ова ја објаснува глобализацијата многу подобро одошто кој било од нас денес веќе би можел да ја објасни.

Сликите се преземени од retronaut.com

Преземено од „Граѓански“, 29 декември 2012 година. 

ОкоБоли главаВицФото