Злосторства

31.12.2012 16:35
Злосторства

I

Усекованието (на главите) ќе се изврши на главниот плоштад, пред очите на собраниот народ.

Постои потреба да се казнат злосторниците од сопствените редови, и со тоа да се докаже дека во земјата владее законие. Извршителите, сепак, место своите злосторници подметнале пленици од непријателските редови. Додека заменетите глави паѓаат во кошот, од секирата на џелатот, заслужните злосторници се веќе засолнети. Пред толпата е изведена совршена илузионистичка точка.

Но другата страна ја насетува измамата.

Да се скрие секоја трага, веднаш се запалува клада. Обезглавените тела се сечат со сатар и заедно со главите се запалуваат; коските и нагореното месо се ставаат во кесиња за ѓубре, а потоа затрупуваат во некоја дупка.

Беше тоа незаборавен ден, со воздишка рече војникот.

II

Ако навистина е извршена замена, смета меѓународната комисија за надsор, целата јавна демонстрација на правда била всушност – јавен подбив, благословен масакр.

Комисијата бара ексхумација на остатоците од запалените трупови заради детална истрага.

III

Играта наречена самозалажување почнува во моментот кога се прифаќа експертизата. „Тоа е само формалност.” Се замислува, на почетокот, дека членовите на комисијата ќе фрлат само бегол поглед врз црвосаните вреќи, а потоа ќе ги удрат своите потписи и печати врз документите.

Но, во куќата каде што се чека денот на ексхумацијата владее молк. Војникот и неговиот цивилен командант – раката и главата на целата операцијата – особено се вознемирени, иако не зборуваат ништо, ни на (пред) другите, ни меѓусебно.

Времето, меѓутоа, си врви. До ексхумацијата ги делат прво денови, а потоа само саати.

Утрото спроти судбоносното попладне одредено за спроведување на „формалноста”, цивилот шета по собата, пред каминот, и најпосле се решава гласно да му го искаже своето сомнение на војникот.

Го наоѓа во големото претсобје на заедничкото засолниште. Овој седи со вретено в рака и преде, како Херакле кај Омфала. Но, преденото непрестајно му се замрсува. Очигледно, нервозен е, и сосема отсутен.

Пријателот го замолува за разговор.

IV

Тие излегуваат од куќата и шетаат по патчето кое врвулка меѓу зеленилото. Дворот е голем, налик на парк (има и рибник). На отворено многу полесно се дише. И мислата е послободна.

Караси в прудах, вели цивилот.

Војникот го гледа прашално, со набрани веѓи и метален сјај во очите.

Доктор Чехонте, објаснува цивилот. Крижовник.

А, се огласува и војникот. Само кога не е Гогољ. Мртви души.

Цивилот во продолжение, без да покаже со израз дека ја почнува главната тема, вели дека е тој сигурен оти комисијата нема да изврши само „формален” преглед на труповите. Да биде прецизен, тоа ќе биде вистинско, мршојадно секцирање. Откако ќе се изврши ексхумацијата, експертите ќе се нафрлат врз мршите како кучиња, ќе ги однесат во своите ебани лаборатории до последна мрвка и онде ќе ги прегледаат со ѓаволски јаки микроскопи. Ништо не ќе може да се скрие.

Војникот клама со глава во знак на одобрување. Да, да, токму истото го мисли и тој, така ќе биде, и самиот е сигурен дека целата работа ќе тече токму така. А има ли лек?

Постои само едно решение, вели цивилот. Војникот веднаш да ги ископа вреќите и да ги уништи сите земни остатоци до крај, сосе пепелта која ќе ја фрли во реката и помеша со нејзината кал. Тогаш ќе остане само сомнението, ништо друго. И врз база на ништото војникот може да одговара, се разбира, но тоа е сепак нешто сосема друго. Сосема!

Да, да, одобрува војникот, свесен дека цивилот е прав, но и дека сета вина ја префрлува врз него.

V

Иако ништо не зборува, во себе е решен да не го послуша мудриот пријател, и да ја прифати судбината со сите можни последици.

Слики: Julius Hofmann

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото