Десет фотографии кои го потресоа светот

02.01.2013 14:46
Десет фотографии кои го потресоа светот

Кога на крајот на годината што изминува и почетокот на новата повеќето медиуми ги пренесуваат најважните светски настани од секоја сфера на животот, најзначајните видеа, фотографии и сл., незаобиколна станица е и магазинот Тајм. Во продолжение, пренесуваме избор на Тајм од десет фотографии од различни делови од светот, кои делуваат навистина потресно, а се поврзани со некои од најважните настани во 2012.

Бернат Арманге, Газа, 18 ноември 2012

Никогаш не претставувало задоволство да се покрива конфликт, но откако пред една година станав татко, стана уште потешко. Овој ден беше особено комплицирано; единаесет членови од семејството Далу беа убиени кога израелски проектил го погоди домот на семејството во Газа, и поминав поголем дел од денот фотографирајќи ги телата кои ги извлекуваа од урнатините. Оваа фотографија ја направив на крајот на денот. Во мртовечницата имаше многу луѓе и беше гласно. Зад мене, неколку новинари снимаа и ги фотографираа четирите деца од семејството Далу. Пред мене, група луѓе едноставно влета во собата и се соочи со суровата реалност на смртта на саканите. Сè се случуваше многу брзо, но се сеќавам како видов солза што паѓа врз опуштена дланка и шепот „збогум“. Секогаш мислев дека војната го извлекува најдоброто и најлошото од луѓето. За мене, ова беше тажен и нежен миг на љубов.

 

Стивен Вилкс, Seaside Heights, Њујорк, ноември 2012

Сум покривал катастрофи во други делови од земјата, но Сенди го погоди мојот роден град, то беше ураган од историско значење. Како човек почнува да го сфаќа размерот на оваа бура? Единствен начин за мене беше да ја фотографирам деструктивната моќ на Сенди одозгора. Во недела, откако Сенди направи пустош, изнајмив хеликоптер и летав над некои од најстрашно погодените области - тоа беше сè за кое што слушнав, но сепак беше тешко да поверувам во она што го гледам. Штом се најдовме над брегот, степенот на уништување брзо дојде во фокусот. Уништената земја, целосната штета беа како некаков џиновски чекан да направил кругови по целиот брег. Особено бев фокусиран на Казино Пјер и на ролер-костерот Jet Star, каде што е направена оваа фотографија. Како што летав низ таа област, океанот сануваше тивок и мирен; немаше бранови, водата изгледаше како да сме на Карибите, а не на Атлантикот. Тој контраст во себе содржеше надреално искуство, а јас се сетив на култната фотографија во филмот „Планетата на мајмуните“. Чарлс Хестон, како јава на коњ на пустиот брег, и одеднаш гледа како Статуата на слободата излегува од водата. На чуден начин, оваа фотографија претставува паралелен универзум, можеби предупредување од постапокалиптичната Земја.

 

Родриго Абд, Идлиб, Сирија, 8 март 2012.

Солзите на Ахмед, кој го оплакува неговиот мртов татко, убиен од снајпер на сириската армија, во парк претворен во гробишта во градот Идлиб, кој беше под опсада на владините сили од март. Плачот на детето се меша со оној на сириските бунтовници, постарите, неговите школски другари и заедницата уништена од речиси двегодишниот конфликт, кој започна во рамки на Арапската пролет и се претвори во сурова граѓанска војна. Ова е прилично директна слика - слика која се обидува да му пристапи на овој вооружен конфликт на многу човечко и едноставно ниво, среде проблематичниот конфликт кој е од големо геополитичко значење и интерес во светот.

 

Горан Томашевиќ, Азаз, Сирија, 15 август 2012

Следев група борци со Гаит Абдул-Ахад, голем ирански новинар. Луѓето зазедоа позиција во една семејна дневна соба. Еден од бунтовниците седеше на стол и јадеше чоколадо, командантот гледаше низ прозорецот да го набљудува теренот додека еден од бунтовниците пукаше низ отворот. Ми рекоа дека собата била поранешна позиција на сириската армија и дека убиле тројца војници кога ја заземале зградата истиот ден. Можев да видам траги од крв. Во куќата немаше никој друг освен бунтовниците и јас.

 

Мартин Шолер, Des Moines, Ајова, пролет 2012

Го фотографирав овој портрет на Габи Даглас во Des Moines, Ајова, каде што таа живее со семејство - домаќин, за да тренира со локалниот тренер Лианг Чоу. Иако има само 16 години, го напуштила своето семејство за да го оствари сонот: да се натпреварува на Олимпијадата во Лондон. И покрај растечкиот притисок и исцрпувачките тренинзи, таа беше неверојатно опуштена. Ја сакам оваа фотографија затоа што се обидува да улови детали од начинот на кој атлетите од овој калибар ја вклучуваат строгата дисциплина во нивната дневна рутина.

 

Париш Руиз де Веласко, Тексас, 3 април 2012

Беше како секој друг пролетен ден во Северен Тексас - жежок, влажен и времето се подготвуваше за класична среднозападна бура. За неколку часа, тринаесет торнада стигнаа областа Dallas-Fort Worht. Мојата авантура започна 15 милји јужно од местото каде што е направена фотографијата. Го вклучив блицот и застанав да направам фотографии од страшните облаци што го замрачуваа небото. За неколку секунди, небото исплука неверојатна вртелешка. Немав чист поглед и сметав дека половина торнадо не е доволно. Ги следев возилата на итната помош, одев по споредни патчиња и пред воопшто да забележам, се најдов директно на патот на торнадотот. До крајот на денот, направив повеќе од 250 фотографии.

 

Доминик Нахр, Хеглиг, Судан, 17 април 2012

Беше април и брзав кон север кон малата гранична војна помеѓу Судан и Јужен Судан, за која поголемиот дел од светот не знаеше дека постои. Купишта тела наредени на земјениот пат. Само неколкумина новинари и фотографи пристигнаа овде. Сум правел насловни фотографии од повеќе војни, но ова беше поинаку. Секое чкрапање беше важно; уште еднаш, Суданците умираа. Уште еднаш, малкумина знаеја. Морав да го докуменитрам тоа. Стопирав и ме превезоа јужносуданските војници кои го преземаа малиот нафтен град Хеглиг од суданската армија. На патот кон фронтот, каде што противничките војници беа оставени да скапуваат, како посмртна навреда, видов уништена дел од нафтовод. Но, војниците немаа многу трпение со мене; немаше запирање. Подоцна попладнето, додека чекаа противнапад, командантот нареди да се вратиме на југ. Овој пат, го убедив возачот да застане; и тие, исто така, сакаа да го видат суровиот, обичен механизам на војната. Скокнав, внимателно се приближував до цевките за нафта. Тогаш видов тело на мртов војник, паднато во лепливата црна течност. Облаците го покрија грубото суданскосонце, и ја направив оваа фотографија. Конфликтот беше тука, пред мене.

 

РЈ Сангости, Денвер, Колорадо, 27 јули 2012

Јас, како и поголемиот дел од мојата заедница, сè уште се обидував да сфатам зошто пиштолџија би влегов во преполното кино Аурора и би пукал во случајна мета. Дванаесет луѓе беа убиени и 58 ранети. Ми беше тешко да замислам злосторство од толкав размер во кино сала - место каде што и самиот понекогаш одам за да избегам од животот за момент. Еден од луѓето што го загубија животот таа вечер беше Џонатан Бланк, 5-годишен ветеран од американската морнарица, кој зад себе остави жена и две деца. На оваа фотографија, Шантел Бланк, жената на Џонатан, стои на Меѓународниот аеродром во Денвер пред да се качи на истиот авион со телото на сопругот. Авионот оди кон нивниот дом во Рено, Невада, каде што треба да се одржи воена погребна церемонија. За миг, на небото се појави виножито. Во моментот на тага, блесок од невиност и младост се појави кај Шантел, и покрај процесот на воена традиција и личниот хаос во кој беше заглавена.

 

Кели Шел, Виндан, 18 август 2012

Понекогаш е тешко да се сетите дека личностите на подиумот [политичарите] - се вистински луѓе. Бевме на неколку настани од кампањите тој ден. Овде, претседателот Обама чекаше да биде најавен на сцената во Виндам. Како претседател, поминувате многу време чекајќи да ве претстават на луѓето, па тоа е најдоброто време за фотографите да бидат околу нив. Зборуваше со персоналот и тајната служба и изгледаше опуштено. Не се сеќавам за што се смееше - кога фотографирам, не слушам, само гледам за момент.

 

Франсоа Мори, Париз, Франција, 20 март 2012

Ми кажаа дека во Кина уметниците не ги коментираат често нивните дела, за да можат гледачите да направат своја интерпретација. Во оваа задача со Associated Press, мојата цел беше да покажам дека Ли Веи лета над Париз. Но, без да ми биде достапен кран или околни згради од каде што ќе можам да фотографирам, решив да направам едноставна фотографија од долу, со небото во позадина. Она што го фатив е концептот на Ли Веи на пркосење на гравитацијата. Па, можам да кажам, „ако гледаме на едноставен начин, понекогаш не правиме фотографии, туку ги примаме“.

Извор: time.com

Слични содржини

Фотографија / Живот
Јавни простори / Фотографија
Јавни простори / Фотографија / Живот
Фотографија
Фотографија / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото