Сам против сите

02.01.2013 17:03
Сам против сите

Квентин Крисп е роден на 25 декември 1908 година во Сатон, Сари, а вистинското име му е Денис Прат. Иако додека растел му биле посветувани внимание и љубов, на двајцата браќа и сестрата гледал како на соперници. Целата љубов на родителите ја сакал само за себе, па уште од мал се трудел да биде во центарот на вниманието. Често танцувал и рецитирал, а бидејќи им се радувал на аплаузите, за дел од својата публика ги сметал и неговите гувернанти. Меѓутоа, еднаш добил прилика да глуми во театарската претстава „Сон на летната ноќ“, што се одржувала во училиштето на неговиот постар брат. За улогата на самовилата го облекле во зелено фустанче и му ставиле венец од рози на главата. Подоцна, нејасно се сеќавал дека еден од постарите глумци го држел на колено како „галениче“ и му нанесувал пудра на лицето. Но, тогаш локалните весници објавиле скандалозна вест: лондонскиот глумец, којшто им помагал на момчињата при режијата, е уапсен по претставата под обвинение дека заведувал едно момче!

Кога тргнал во приватно основно училиште, Крисп најмногу се дружел со девојчиња: му се допаѓало тоа што тие биле внимателни и нежни и што ја разбирале неговата бујна имагинација. Од друга страна, му пречело тоа што момчињата се тепаат и што не му дозволуваат да биде „главен“ во друштвото. Често плачел поради тоа што момчињата му се потсмевале и биле груби кон него, но наоѓал утеха во игрите по престојот во училиште. Кога се среќавал со другарките, заедно пребарувале по орманите и таваните на своите куќи и се облекувале во облеката на мајките и бабите, а потоа замислувале дворци, кочии, балови...Меѓутоа, малиот Крисп секогаш сакал да биде принцеза, а не принц!

Соочување со животот

По основното училиште, добил стипендија за во интернат, но дотогаш веќе научил да не ја покажува јавно својата ранливост. По пристигнувањето во новото опкружување, што му личело на „комбинација на затвор и црква“, присуствувал на камшикувањето на еден ученик, што го исплашило да преземе какви било чекори на љубовен план. Но, не можел да се бори против чувствата. Бидејќи се заљубувал во своите професори, почнал вредно да учи, за да ги засени со своето знаење. Кога другарите го нарекувале бубалица, или со други погрдни имиња, веќе не плачел, напротив! Заземал впечатливо надмен став, што оттогаш па до крајот на животот му служел како „оружје и штит“.

По средното училиште, се запишал на студии по новинарство на универзитетот во Лондон, но не дипломирал. Вниманието му било насочено кон вистинскиот живот: додека шетал по Пикадили и авенијата Шефтсбери, за прв пат видел трансвестити – мажи облечени како жени. Бидејќи открил дека се среќаваат во кафулето „Црна мачка“ во улицата Олд Комптон, им се придружил во разговорите со кафе. Дознал дека многумина од нив се занимаваат со „продавање љубов“, бидејќи ниеден работодавач не сакал да ги вработи. Бидејќи и самиот се чувствувал презрен и отфрлен, почнал да ја дели нивната судбина. Но, по шест месеци одлучил да се издигне од дното, да се бори за своите права и на целиот свет да му каже: „Јас сум слика и прилика на хомосексуалец и не се срамам од тоа“.

Без оглед на тоа што знаел дека луѓето ќе го обележат како „изопачен“, кога имал 23 години, почнал да излегува на улица нашминкан, со коса обоена црвено и со капут што го носел како плашт. Не сакал да предизвикува никого, туку сакал своите женски движења и глас да ги заокружи со изглед на убава, горда и префинета „жена орхидеја“. Меѓутоа, со оглед на однесувањето на околината, му се чинело дека „им објавил војна“! Освен зборовите „Го виде ТОА?“ и навредливите дофрлувања, доживеал да фрлаат на него со домати и камења, без причина да го удрат или крвнички да го изгазат. А токму тие години, кога си го променил името, најмногу чезнеел за љубов, нежност и внимание.

Леб и чоколадо

По напуштањењто на студиите по новинарство, мајка му го наговорила да запише студии по дизајн на уметничкото училиште во Хај Вајкомб. Се каел што не можел да стане балетан, но се помирил со фактот дека таа тема не смее да се спомне пред неговиот татко, којшто ги плаќал трошоците. Во текот на 1931 година, успеал трајно да се пресели во Лондон и да се осамостои. Во почетокот живеел со пријател, а кога се вработил си изнајмил стан. Иако неговата соба имала линолеум со боја на „месен нарезок“ и железен кревет, чувствувал неопислива радост што стекнал личен простор и слобода. По враќањето од работа (работел како технички цртач), пишувал песни, приказни и театарски парчиња или одел на часови по цртање и техничка илустрација на Политехничката академија. Се надевал дека ќе се прослави како писател, глумец или сликар, но сè тргнало на лошо...

Бидејќи останал без работа, преживувал од малата помош за невработени: се хранел слабо и нередовно, а еднаш дури и се онесвестил од глад. Не готвел, туку купувал леб, пола литар млеко и парче црна чоколада, што ја јадел лежејќи во кревет. За среќа, сопственичката на еден ресторан почнала да биде дарежлива кон него: од време на време му давала голема количина храна, со објаснување дека ѝ се допаѓа бидејќи има уметничка душа. Меѓутоа, Крисп на улиците бил опсипуван со погледи полни омраза, псовки, навреди, потсмев...Се случувало непознати личности да го следат на улица во толкав број, што полицијата морала да ги брка поради пречење во сообраќајот.

Кога навечер се враќал дома, одел по заобиколни патчиња, но силеџиите го наоѓале повеќе пати, па го фрлале на тротоар и го тепале. Два пати се онесвестил од тепањето, но никој на улица не застанал да му помогне. Запамтил само еден таксист што го пуштил во кола и така го спасил од сигурен линч. Бидејќи мајка му во меѓувреме му нашла нова работа, се појавил во печатницата со лице помодрено од ќотек. Работодавачот не го прашал како е, туку веднаш го опоменал поради тенките веѓи и лакираните нокти, и на крајот му врачил отказ. Тогаш тој одлучил дека ќе стане слободен уметник дизајнер, иако знаел дека со помалку мака ќе смислува реклами и корици за книги, отколку што ќе му биде мачно да договори аражмани, па така и излегло. Забележувал дека некои жени се плашат од него, што го поврзувал со написите во весниците што зборувале за потребата од „истребување на хомосексуалците“.

Тогашниот закон пропишувал седум години затвор за „недолично однесување“, а полицијата упаѓала на одредени забави, каде што како престапници ги апсела мажите облечени во фустани со перја и монистри. Меѓутоа, Крисп некако се провлекувал и бил истраен во одлуката како „дама“ да води нормален социјален живот: одел во театар, кај пријателките, на море...Понекогаш ги посетувал и клубовите за хомосексуалци, но забележувал дека таму не е посакуван гостин. Зошто? Дознал дека „браќата“ му замеруваат што го криши непишаното правило да носи женска облека само во четири ѕида, а не на јавно место. Кога им рекол дека се неблагодарни, бидејќи поднесува жртва во име на заедничката слобода, му забраниле да доаѓа во таквите клубови.

Нашминкан војник?

Воведувањето телефон во станот му било вистинско олеснување: сега можел да договара аражмани, а никој да не го гледа како светско чудо. Работел за издавачката куќа Бленфорд Прес, изработувал корици за книги и реклами, а напишал и една книга за уредување на излози. Бидејќи дал оглас за часови по степување, обучувал една ученичка, иако и нему му бил потребен учител. Инаку, телефонот често му ѕвонел и иако претпоставувал дека од другата страна ќе слушне простотии на непознати, се јавувал со зборовите: „Да, господе!“ Зборувал дека е спремен за денот на страшниот суд и дека не се плаши, бидејќи и на најлошиот непријател не би му посакал вечен живот.

Кога почнала Втората светска војна, се надевал дека ќе го регрутираат, затоа што се соочил со дотогаш најголемиот бран сиромаштија. Знаел дека во војска го чека сигурна храна, а вака морал да позајмува пари од пријателите и да тоне во долгови. Но, веднаш штом се појавил пред членовите на комисијата со црвена коса, лакирани нокти и тенки веѓи, предизвикал запрепастување! Бидејќи ги забележал дошепнувањата, отворено рекол дека е хомосексуалец, а потоа добил потврда дека „пати од сексуална перверзија“ со што бил ослободен од воените обврски.

Бидејќи не наоѓал работа, безнадежната ситуација го натерала за прв пат во животот да помисли на самоубиство! Спасот стигнал неочекувано: лондонскиот сликар Клифорд Хол го повикал да му позира за три портрети, со паричен надомест. Наскоро почнал да работи за филмската индустрија, каде што сликал рекламни плакати за документарни филмови и помагал во сценографијата. Меѓутоа, кога дознал дека во уметничките училишта бараат модели за позирање, не сакал да ја пропушти приликата. Бидејќи се докажал како редовен, често го викале на часови цели шест години.

Додека работел како модел, му се додворувале неколку девојки: едната му пишувала песни, другата го викала заедно да сликаат, третата му ја бакнала раката. Што друго можел да им каже, освен вистината?

Кога се запознал со еден модел, дознал дека личности слични како него се среќаваат во едно кафуле во улицата Шарлот. Зближени поради воените прилики, заедно седеле глумци, крадци, поети, проститутки, сметководители...

Кафулето го нарекувале „Дупка“ и понекогаш со денови не излегувале од таму. Поради великодушноста на сопственикот, добивале храна на вересија, а тука можеле да купат и роба од црната берза. Крисп станал редовен гостин: кога ќе забележел некој што му се допаѓа, изведувал целовечерен „водвиљски настап“. Иако најголем дел од друштвото пиеле, тој не конзумирал алкохол, објаснувајќи дека е „опиен од сопственото постоење“. Забавата траела сè додека полицијата по некое време не го затворила кафулето.

На Крисп му се чинело дека во воените години луѓето станале пољубезни: разговарале со него, му поклонувале облека и обувки. На пример, една жена му дала црни чизми со потпетици, за коишто сонувал со години. Без оглед на тоа што едвај успевал да ги облече и што при секој чекор трпел ужасни болки, не се жалел – обожувал мали стопала. За жал, наскоро на своја кожа почувствувал дека површната љубезност на сограѓаните трае само во текот на денот, а штом паѓал мрак, насилството продолжувало.

Најстариот тинејџер на светот

Во повоените години, продолжил да работи најразлични дизајнерски работи, но никогаш не се откажал од сонот да стане писател. Успеал да издаде книга со свои стихови, а Мервин Пик (којшто ја илустрирал „Алиса во Земјата на чудата“ од Луис Керол), ја илустрирал и книгата на Крисп. И прочуениот фотограф Енгас Мекбин, што ги направил фотографиите за првиот албум на Битлси, го повикал да му позира. Прекрасните десетина фотографии што ги добил на поклон, Крисп гордо ги чувал.

Штом собрал мала заштеда, одлучил една година да не работи и да се посвети на пишување роман. Меѓутоа, на крајот излегло дека не може да најде издавачка куќа што сака да му го откупи ракописот. Дури откако ја напишал духовитата автоиографија „Разголениот државен службеник“ (1968) го добил принзанието и прекарот „Оскар Вајлд на дваесеттиот век“. И кога бил уапсен поради „потткнување неморални активности“, тоа било сфатено како сличност со големиот писател. Наместо адвокат, на судењето ги повикал пријателите што сведочеле дека тој е поинаков од мнозинството, но е чесен човек. Инаку, главно ги криел своите љубовни врски, сè додека не почнал да живее со саканиот што го нарекувал „Трокрилен орман“. Поради него дури и почнал да ги работи „робовските“ куќни работи, што најмногу ги мразел, како што се готвење и чистење. Сепак, чувствувал дека тоа не е голема, вистинска љубов за којашто сонувал, туку повеќе е „спорт и рекреација“.

Кога наполнил 40 години, почнал да ја бои косата русо: сакал да изгледа помладо, но и што е можно повеќе да личи на неговите омилени глумици Грета Гарбо и Марлен Дитрих. Редовно одел во кино за што подобро да го запамти нивниот говор, од и однесување, а потоа и улогата на „божествена жена“ одиграна во вистинскиот живот. „Одајата на заборавот“ ја посетувал најмалку еднаш седмично (некогаш и три пати дневно), објаснувајќи дека и најлошиот филм е подобар од неговиот живот. Затоа што годините му донеле нови неволји: сега на улица го оставале на мир, но трпел злоставување во четирите ѕида. Младите „пријатели“ го насамарувале, му ги земале парите, му барале „позајмици“, го краделе.

Иако се плашел од староста, се покажало дека таа му донела многу убави нешта. Откако Денис Мичел снимил документарен филм за него, книгата „Разголениот државен службеник“ добила екранизирана верзија, со Џон Харт во главната улога. Тогаш Крисп доживеал слава и добил прилика своето шоу што завршувало со разговор со публиката да го води ширум земјата. По гостувањето во Њујорк, во 1981 година, одлучил таму да се пресели. По пет години го посетил прочуениот Стинг, што врз основа на неговата животна приказна ја напишал песната „Englishman in New York“, а потоа му понудил да учествува во спотот. Публиката можеше да ја чуе пораката: „Биди она што си, без оглед на тоа што зборуваат другите“. Освен тоа, „Англичанецот во Њујорк“ се обидел и да глуми во неколку филмови, да речеме во „Орландо“, според истоимениот роман на Вирџинија Вулф, каде што ја играл улогата на Елизабета Прва.

Во подоцнежните години, Крисп забележал колку се променило времето од неговата младост: сега вработените во кафулињата ги бркале поединците што му се потсмевале, модата станала „унисекс“ – иста за жени и за мажи. На улиците гледал момци што носеле долга или обоена коса, облека во светкави и силни бои, накит... Меѓутоа, во нивно друштво се чувствувал како „дрвена рушевина“ и како „најстариот тинејџер на светот“. Умрел на 21 ноември 1999 година во Манчестер во Англија, со мислата дека „злата среќа“ му го претворила животот во бекство „преку бришан простор под тешка стрелба“. А ако не го доживееше задоцнетиот успех, како предупредување за светот ќе останеа последните зборови од неговата автобиографија: „Се тетеравам кон гробот збунет, повреден и гладен...“.

Извор: politikin-zabavnik.rs

ОкоБоли главаВицФото