Раката на министерот

03.01.2013 10:16
Раката на министерот

Беше тоа кон крајот на декември 2012, во понеделникот што ќе се памети... Се случи, додека луѓето беа туркани и влечени, и со викотници исфрлани од собраниската сала, пред целата македонска, а потоа и светска јавност, на екраните непланирано да се појави Раката на министерот, како ги забрзува исфрлувачите да си ја завршат работата и да не должат многу. Од каде се најде таа рака тука и што бараше министерот за финансии во улогата на наредбодател на највалканата работа во Собранието, никој до крај не разбра, но сите го видоа тоа! Беше ли нервозното движење на Раката договорена и во согласност со деловникот за воведување ред во собраниската сала, или таа самата неочекувано се отргна и излета од надмената, и инаку емотивно празна појавност на Министерот, тешко е да се каже.

Сепак тој, неочекуван потег на една министерска рака, во тие историски моменти успеа да каже многу. Покажа, на пример, дека и покрај тоа што Министерот беше сосема „свој на своето“ и така да кажеме, на сопствен терен, пред долгоочекуваниот момент на личен триумф, таа/раката му откажа послушност, и со своето нервозно движење, сосема го разобличи во неговите насилнички намери. Се појави кога не требаше, и кога ќе беше многу подобро да беше скриена.

Сме виделе многу раце во клучни историски моменти, како изразуваат триумф и победи, повикуваат на борба или се закануваат. Но, оваа рака беше поинаква, рака што чисти и истребува, рака-метла. Раката во принцип е моќна алатка, силен инструмент на моќта. Малкумина, меѓутоа, знаат дека раката-метла е најопасна од сите други видови раце. Нејзините движења и удари се ниски, обично под половината, и најчесто скриени од очите на другите. Затоа таа лесно и незабележливо се користи, менува и пренасочува, зависно од пригодата.

Тоа е истата таа рака, што дава и дели, милува и гали, но по сопствена волја и мерка, и секогаш со нешто, за возврат. Со таа рака, на пример, 1.000 сиромашни дечиња за прв пат ќе одат на зимување, а 15.000 пензионери ќе се избањаат во лековитите македонски бањи, и дури три пати неделно, ќе се возат бесплатно. Да не зборуваме за пензиите кои ќе го достигнат невиденото покачување од цели 400-800 денари во просек, повторно од истата таа рака одобрено и поделено. Раката ќе им подели по некоја трошка и на студентите, и земјоделците, а новоотпуштените ќе ги спакува и ќе ги испрати на новите работни одредишта ширум државните културни институции. Вработување ќе добијат и дечињата без родители кога ќе пораснат, зашто и тоа може да го вети и подели истата таа рака. Само ако слушаат, ако бидат умни и ако учат. Зашто секогаш мора да има и услов(и) кои треба да се исполнат за раката што дели да остане добра и да не се налути и промени, во рака што елиминира.

А ја имаме насекаде, толку веќе ни е блиска и мила - раката што дели, предупредува и „мете“, секогаш во наше име и за наше добро, што веќе ни ден не би можеле без неа. Добра е, кога сме и ние добри, лоша - кога не слушаме, и ни останува само да си избереме какви и кои ќе бидеме. Така луѓето полека научија да бидат повоздржани и да премолчуваат, прво да почекаат, па да видат... Така и деновиве, на прагот на оваа 2013 година, еднакво си посакуваат здравје, среќа, љубов и успеси, и кога нема големи изгледи за тоа, очекувајќи повторно Раката тоа да им го вети и даде. Затоа и не се чудат на она што се случуваше, во и пред собранието. Зашто за повеќето тоа беше сосема нормално. А што друго требаше да се (на)прави, кога не си послушен, кога пречиш или го вознемируваш посилниот „избран од народот“, прашуваат тие?

Но, во вриежот на социјалните мрежи се појави коментар кој зазвучи грубо и сурово, и сосема поинаку од сè останато, до сега: „Гајле ми е за истераните и понижени новинари, гајле ми е и за парламентарците кои на клоци беа исфрлени од собранието, гајле ми е и за буџетот, кој беше донесен насилно и недемократски... каде бевте сите вие кога протестиравме за убиството на Мартин Нешковски? Што направивте тогаш за демократијата и правото?...“ Беше автентичен тој, би го нарекла крик на немоќно, длабоко повредено и напуштено дете кое жестоко обвинува, додека сите други возрасни расправаат и решаваат важни прашања за неговиот живот, без да го забележат.

И тоа прозвучи како ново и силно отрезнувачко предупредување, во последните денови од старата година. Зашто ако се потсетиме, вистинските улични протести против насилството, неслободите, партизираноста, против институционалните неправди и кршењето на човековите права се случија тогаш, во јуни 2011, и неколку месеци потоа, за прв пат во нашата понова историја. Тоа беше мала, но за прв пат вистински обединета група млади во битка за демократијата. Самоорганизирани и прецизни во своите барања, тие ја покажаа својата храброст и креативна упорност, трпеливи и еквилибристички вешти своето жестоко незадоволството да го изразат низ бројни ненасилни форми и манифестации, во одговор на насилството. Успешни во демаскирањето на сите додворувања, манипулации и контра-упади на власта, и на бројните мешетари и узурпатори на слободата, овие млади, од сите слоеви и провиниенции спроведоа протести издигнати над личната болка и неволја, а во името на општото добро, на сите. Беа тоа први граѓански протести насочени кон иднината, лично водени од носителите на таа иднина, а не во нивно име, со длабок револт, несогласување и гадење од сегашноста. Тие на сите нас ни ја оддржаа лекцијата за демократијата, која се добива со демократија, наместо со насилство. И тоа речиси никој, тогаш, а ни потоа, вистински не го препозна. На нивните протести против насилството, кои ветуваа сосема нова страница во македонската куса историја на демократски обиди, не им се приклучија целосно ни опозиционерите, ни парламентарците, ни новинарите, ни стечајците, ни земјоделците, ни сите слични на нив обесправени, и за жал крајно поделени групи!

Затоа што ние сè уште чекаме. Ја чекаме Раката да подели, да даде, да одземе или казни, зашто никогаш ништо не е доволно добро за неа. Станавме зависници од исчекување на милоста нејзина. Чекајќи, заборавивме и на себе и на сè она во што навистина сме добри, секој од нас поединечно, и уште повеќе заедно. И можеби само затоа треба да сфатиме, еднаш засекогаш, дека раката која дава и казнува во исто време, на која сме и’ препуштиле да одлучува сè, во наше име, и за наше добро, не смееме веќе да ја слушаме. Не смееме, и покрај тоа што повеќето од нас само за неа знаат и само неа ја признаваат. Така сме одгледани, воспитувани и пораснати, под закрилата на таа Рака. Така сме навикнале и не знаеме за ништо друго. Научивме таа, а не ние, да биде мерката за сè, и закон, и право, и награда, и казна.

Групата одважни млади со своите протести против институционалното насилство во 2011-тата, ни покажаа поинаков пат, но ние не го препознавме, не му го посветивме должното внимание. Нивните обиди не ги земавме сериозно, повторно од позицијата на раката што дава и зема, правдајќи се неубедливо и срамно дека со насилникот нема шега, ниту мегдан за борба, и дека сето тоа и без тоа им е џабе. И без трошка совест им ги препуштивме на истите оние кои го сторија насилството, да одлучуваат за правото и правдата, за моралот и одговорноста, а нив да ги игнорираат, замолчат и да им се потсмеваат. И сè додека е така, и не најдеме начин и храброст тоа да го смениме, нема во ништо да успееме.

Слики:Eppo Cardelo