Сесловенeчко народно востание

04.01.2013 08:42
Сесловенeчко народно востание

Во петок, на 21 декември 2013 година, во 15 часот започнаа досега најголемите демонстрации против политичката и владејачката елита во Словенија, а луѓето со собраа и во другите градови, во Марибор, Птуј, Нова Горица, Копер...Според нашата процена, во Љубљана се собраа околу 10000 демонстранти, што е повеќе во споредба со демонстрациите од крајот на ноември. Дисперзираната група демонстранти, иницијативи, ветерани, движења и здруженија ги составија своите барања во десет конкретни точки во коишто, меѓу останатото, се бара отстапување на политичката елита.

Социологот Примож Крашовец за „Новости“ вели дека во овој момент, можат да се забележат две основни линии на протестите: едната е технократска и легалистичка и бара техничка влада или слично, се бори против корупцијата и воопшто не ги споменува економските прашања. Втората линија произлегува од критиките на капитализмот и бара одбрана и ширење на социјалните права, зголемување на учеството на работниците и самиот народ во донесувањето одлуки и бара социјализација на економијата.

„На дисперзираноста и неартикулираноста на протестите, како и обично во такви ситуации, се жалат либералните академици и медиумските коментатори, коишто симболички и егзистенцијално зависат од стабилноста на постоечкиот идеолошки простор, па затоа се згрозени секогаш кога во јавниот простор ќе се појават некои нови политички идеи што го дестабилизираат уредувањето во коешто споменатите медиумски експерти имаат монопол над интерпретацијата“, додава Крашовец.

Протестот започна со делење рози на припадниците на специјалните сили на полицијата, коишто, замислете каква случајност, непосредно пред протестите од Владата добија стимулација во висина од 600000 евра. Се забележуваат транспаренти на коишто пишуваше „Милане, фала за сонот. Јанез, за тебе, ноќна мора“, „Фараони, владетели од Словенија, не си играјте со граѓаните“, „Нема да ги плаќаме вашите кризи“, „Слободен плоштад не е еднакво со слободен човек“, „1 ден демократија, 4 години тиранија“, „Ништо не е свето, бидејќи сè е бруто и нето“...

Најголем дел од граѓаните носат транспаренти што потсетуваат на деновите на Отпорот во Србија, само што наместо Слободан Милошевиќ, на нив се наоѓа ликот на Јанез Јанша по којшто пишува „Готов е!“. Се веат знамињата на Социјалистичка република Словенија, на Словенија, на анархизмот...Се истакнува партизанската иконографија и се пеат партизанските песни. На Плоштадот на Републиката продефилира и демонстрант преоблечен во жирафа со натписот „Вашите прсти се подолги од мојот врат“. Голем број од демонстрантите носат натпис „Организатор на протестот“, што е одговор на заканите на министрите Винка Горенка и Сенка Пличанича дека доколку организаторите не пријават јавен собир, истите ќе бидат казнети.

„Се надеваме дека ваков протест наскоро ќе пристигне и во Сараево“, извикуваат Дубиоза колектив, што предизвикуваат масовно воодушевување кај собраните со песната „Vratiće se Walter“.

Пристигнаа и словенечките воени ветеран и феминистките со транспарентот „Ве држиме за јајца“. Еден женски глас вика преку мегафонот: „Жените во првите редови!“ Пристигнуваат луѓе со маски на духови што одат и ги плашат полицајците. Пред крајот на протестот, на плоштадот одекнуваат тн топовски удари, на коишто полицијата не реагира, а собраните рагираат со негодување и извици „Нè има повеќе!“ што се однесуваат на потенцијалните провокатори. По 6 часа стоење на студот, луѓето мирно се разидуваат.

„Значајно постигнување е тоа што луѓето повторно излегуваат во јавност, говорат и пишуваат интелигентни политички коментари, и, за промена, во весниците се појавуваат осмислени анализи и критички теории. Но, оттука до реалните општествени и политички промени патот е долг. Научивме да зборуваме, сега мораме да научиме и политички да дејстуваме. Како што вели ученикот на Галилеј на крајот на Брехтовата драма „Животот на Галилеј“, всушност, дури сега сме на почетокот“, вели Крашовец.

На демонстрациите најголем дел од присутните беа млади меѓу 25 и 35 години, коишто се чувствуваат најповикани да ја променат својата и нашата иднина. Тие беа спремни да го заменат хедонистичкото купување за Божиќ со стоењето на студената улица.

„Е па, крајно време е нешто да се промени во Словенија и затоа улицата е неопходна. Веќе нема што да чекаме“, ни објасни Маша.

„Сето ова почна во релативно „апатичниот“ Марибор и како вирус се рашири по сите поголеми градови. Масовниот одзив на граѓаните ги шокираше и демонстрантите, и организаторите, и политичарите. Според мене, поради тој шток добивме дистанца од словенечката етаблирана политика. Меѓутоа, колку што можам да видам во моментов, ќе дојде до борба за влијание меѓу овие нови групи, форуми и иницијативи. Сега е голем потенцијалот за нови партии. И именуваниот Зоран Јанковиќ пред само една година, како релтивно нова фигура, успеа да стигне до лидер на најмоќната партија“, вели Борут Мекина од „Младина“.

Коментаторите проценуваат дека, ако се земат во обѕир деполитизацијата на населението во последните 20 години и фактот дека Љубљана е релативно мал град, 10000 луѓе на улиците претставува успех. Демонстрантите би можеле да издржат сè додека не падне владата, со што би се отворил простор за размислување за алтернативите во форма на социјализација на економијата и демократизација на политиката, поаѓајќи оттаму што ја сметаат моменталната влада за изразено авторитарна и антисоцијална.

Извор: novossti.com

ОкоБоли главаВицФото