Цревата

04.01.2013 09:43
Цревата

Дрвените дрвени дрва се простираа насекаде по рамнината по која детето се шеташе; и пасеше кравата; птичките пееја; мртовците си лежеа покрај своите мртви сопруги; децата трчаа, ги рипаа гробовите - никогаш не беше толку сиво. Сивите облаци ги менуваа формите, имаше само една црвена линија што го сечеше небото на два дела, како да е пресечено со ласер.

И ќе се отвори стомакот на небото и ќе ги истури своите црева врз луѓето, а тие ќе се тепаат за нив, ќе ги земат цревата.

Понекогаш и по десет луѓе се фаќаа за цревата и си ги тегнеа секој на своја страна. Понекогаш цревата се кинеа а луѓето паѓаа на газ. А земјата трпеше секакви работи, таа ги ранеше луѓето и не ѝ беше гајле зошто тие паѓаат на газ. Таа спремно ги дочекуваше нивните газиња, но понекогаш ѝ скурчуваше, па од глина правеше една нога и толку силно, силно, пресилно ги удираше, што луѓето летаа преку планини, водопади, ридови, пустини, оази, реки, езера, мориња, океани, острови, карпи, брани, полјани. Зарем толку оази има во пустините? Зарем толку брани има на реките? Толку ли има луѓе што летаат преку нив? Децата не ги интересираа многу цревата, си играа свои игри, а детето го виде девојчето и му рече:

- Извини што ти плеснав шамар, тогаш паднав од облаците, направив хаос на земјата, бев во кристалните јами на пропаста, па се вратив пак во моето време. Не знам зошто мислам дека ти ќе ми веруваш, ама јас имам неверојатни приказни за тебе, ама не му ги кажувај на никого, тоа ќе си биде наша тајна.

- И јас си имам едно врапче што ми кажува сè, па никој не ми верува, па ќе ти кажам само на тебе. И не му кажувам на брат ми дека ти ме удри. Тогаш ми дојде памет, ама отпосле ми текна.

Врапчињата црцорат, си раскажуваат приказни, едното на другото му кажа: -Детето и девојчето се запознаа. А тракторите ораа ниви, луѓето ги влечеа кравите, а некои чудни печурки се шетаа по небото правејќи круг од масни наслаги што човекот си ги галеше после обилниот ручек, пиејќи вино што му течеше по брковите, си ги лижеше со јазикот, си ги чешкаше влакненцата од носот и се смееше. Му беше многу убаво и солзи му течеа, а тој си ги бришеше и пак се напиваше од виното гледајќи во некоја точка, што му личеше на права пруга и криви линии и шест-седум триаголници, и пирани што пловат по внатрешна гума од кола полна со вода, премачкана со маст да стане од црна проѕирна, ја прегризаа гумата, а водата течеше на сивото руменило на позадината на точката која потскокнуваше од рамнотежата, правеше жолти торнада што носеа море од пеперутки што раскажуваа за портокалови сандачиња на маслинести екрани што се возеа со авион висејќи на опашката, пазарната економија на другата програма му ги притискаше слепоочниците и една рака излезе од екранот и му плесна шамар на човекот. Се подразбуди, погледна во точката, си го стави јазикот во ноздрите и пак се засмеа. Влажното јазиче го скокоткаше во носот и тој слатко се изнасмеа, беше најсреќен човек на светот и си викаше:

- Јас сум најдобар! Жено, дај вино!
- Доста ти е!

Човекот стана и заигра со нозете, се тресеше и ја пружаше левата нога како Елвис и ѝ рече: Дојди душо, запали ме!

- Прас! Кромид, лук, магдонос, марули, путер од кикиритки, црвен пипер или буковка, сеедно, бибер, цимет, оригано, мак, јус или џус, папрат-ропак еден!-Трес е подобро!-си рече, кога жена му го тресна со сукалка по глава. -Да речев праз, после требаше да речам купус, зелка, трте-мрте, житарици, празнини, дупки во мозок, дупки во сеќавање, можеби и не ме удри? Сто посто ме сака!

- Оди донеси вино и не јади многу гомна!-ѝ рече и со рака ѝ покажа каде е виното.
- Земи си сам, јас ќе си одам!
- Каде ма?-ѝ рече очигледно изнервиран и тргна накај неа со поглед како да ја соблекуваше, веќе ѝ прости сè и ја посакуваше.
-Пљас. Црвени пајаци парче прават по таваните, плетат мрежи, гледаат намќоресто од таванот и си мислат: -Ова не е на арно, сто посто го тепа затоа што не го исчистил таванот. Еве погледна накај нас и со прст покажа нагоре. Ух, добро е! Му збори нешто за небото, паѓале црева, а тој само седел дома и пиел место да оди надвор да собира црева, ако треба да се тепа со другите, ама да собере највеќе.

- Иди собирај ти, ако сакаш! Мене не ми е гајле за цревата и ич кур не ме боли и шат ме габри и сè и сешто!

Погледна низ прозорецот. Сивите облаци ги менуваа формите, не било толку сиво. Црвена линија го сечеше небото и црева истураа како дожд, немаше потреба луѓето да се тепаат, имаше доволно за сите, и за Мите и за Вите и за Петко и за Станко и за сите Митри и Стојни. Имаше рибизли по шумите, имаше лудаци по лудниците, имаше полицајци со пендреци, патувачки рингишпили, подвижни реклами, Мики мауси, големи светлечки билборди, излози, рафтови, конфекција, бутки, тезги, ташни, чанти, пантофли, слаткарници, опинци, пиратки, динамитки, ролерки, балони, сликички, кратки гаќи, купаќи, ѕиври, чорапи, касети, клупи, кајсии, круши, ореви, локуми, стампеда по прериите. Се затрча како бизон и удри со глава во фрижидерот.

- Што правиш бе?
- Барам тркачки цистерни што се тркаат која побрзо ќе дојде да ти ја исчисти јамата, а после им течат гомна по асфалтот и некое детенце ќе помине и ќе ги згазне.
- Ии! Да тибам гомната!-рече детенцето и со стапче си ги вадеше гомцата за потоа да продолжи да трча низ патчето. Рипаше по тротоарите, се затрчуваше по ливадите и рипаше нагоре, по тревата правеше колут напред-колут назад, се затрчуваше накај шипката, се издигаше на мускули, го ставаше вратот над шипката, ја притискаше под вилицата, пополека ги пушташе рацете да види колку ќе може да издржи држејќи се со вратот на шипка.

- Еден, два, три, четири!-Во слепоочниците му чукаше се посилно, зградите, дрвата, клупите, патчињата, терасите ги губеа формите, бела магла ги прекриваше.

- Пет, шест, седум!-Притисокот во слепоочниците правеше главата да му експлодира, децата, чаршавите, кругчињата, оградите, цвеќињата ги прекриваше црна магла. -Осум, девет, десет! Издржав!-збрефтна, се фати за шипката и пополека се спушти. Одеше по патчето тетеравејќи се, почека да му се одврти и продолжи да трча прескокнувајќи ги цревата што паѓаа од небото, а луѓето гледаа намќоресто да не земе скришум некое цревце, па за нив да има помалку, како да немаше доволно за сите.

Врапчето Витко отиде кај девојчето, чукна на прозорецот и му рече:

- Детето што трча по облаци е долу под прозорец, те вика.
- Речи му, татко ми не ме пушта, а да скокнам од седми не можам, а немам ни падобран, ни летечки килим. Да имав прстен за невидливост, кога ќе го свртам да бев невидлива и да можев да поминувам низ ѕидови, или јаже некакво.
- Детето има јаже!-ѝ рече врапчето.
- Епа оди прашај го.
- На него не му зборам многу се дига! Вчера ме гаѓаше со чатал.
- Чекај, ќе се снајдам некако. -Мамо, дај ми пари за гума!
- На, ама одма да се вратиш.
- Со трчање! -ѝ рече девојчето и ѝ се искриви кога оваа се сврте, се затрча по скалите надолу и рипаше по две-три скали. -Ех, да можев да се качам на гелендерот-си помисли девојчето-Ќе се лизгав до доле.

Пред влезот ја чекаше детето.
- Ај со мене-ѝ рече.
-Каде?-праша девојчето.
- Да го закрпам небото, јас не знам да шијам, ти знаеш?
- Па знам, си шијам фустанчиња за кукличките, ама немам игла за крпење небо. Ќе го прашам врапчето дали може да ми најде. А ти зашто си сакал да го удриш Витко со чатал?
- Па не знаев дека е твое! Веќе нема да гаѓам врапчиња.
Дојде Витко, ѝ застана на рамо гледајќи намрштено во детето како да му се лути.
- Не сакало, нема веќе да те гаѓа - му рече.
- Добро, простено му е. Знаеш, овие цревава што паѓаат од небо, воопшто не се добри за стомакот. А луѓево се глупираат, не знаат ништо и сè уште се тепаат кој повеќе ќе собере. Заради нив постојат кавги, војни, тепачки, соперништва, миење мозоци! Морате да го закрпите небото!
- Да, и ние тоа си мислевме, само немаме игла за крпење небо, можеш да ни најдеш?
- Има еден човек што произведува игли во разни форми и бои за крпење разни дупки, а и не му е многу гајле за цревата, не собира, им ги остава на другите да се караат за нив, а ги фрла и тие што жена му ги собира. Ќе ве однесам кај него, вие побарајте му. Ако нема замолете го да ви направи.

Детето и девојчето тргнаа. Витко леташе пред нив, а детето бараше нешто замислено по земјата.

- Што бараш?-го праша девојчето.
- Еве, барам игла да ти ја закрпам устата - рече некој друг на некое друго место, освестувајќи се од ударот во фрижидер. - Секакви игли имам, само за твојата погана уста немам игла. За бојадисани сонца што греат низ озонски дупки, за озонски дупки игла да направам можам, за скинати опинци игла да направам можам, за врати и мостови на преломите од автобус да направам игла можам, за скафандери што штитат од разни болести, за пожарникарски одела што штитат од оган, за гњуречки одела што штитат од вода можам, за падобрански платна што задржуваат во воздух подолго време без да паднеш стрмоглаво надолу можам да направам игла. За црвени триаголници со око во нив игла да направам можам, за ѕвездено небо да закрпам игла да направам можам, за сè игла да направам можам, само...

- Барам некое камче - рече некој друг на некое друго место во истото време, време на несознание колку длабоко и да бараш, време на општи хаоси како лузни на лицето на човекот, време на критички збрки, збрлавувавштини, збрцаности.
- Збрц, збрц, збрц, збрц - и детето кобајаги со нож го збрцуваше девојчето.
- Бегај бе, не сакам такви игри, ај ќе си играме дечко и девојка.
- Ајде! - рече детето и го фати девојчето за рака и потскокнуваа по патот пеејќи си -Тра ла ла ла ла тра ла ла ла ла... А врапчето леткаше пред нив покажувајќи им го патот накај човекот што правеше игли за секакви дупки.
- Знам да направам - викаше некој друг на некое друго место во истото време, на крвави заплети, ако можат да се наречат крвави патеките на децата на ноќта, длабоко во кристалните јами на пропаста. Го бараа вистинскиот пат, рипајќи по кристалите наредени над бездната како високи спирали.
- Имам игли да направам мост од парче платно, ќе го закрпам преку нив.
- И ќе си се лизгаме - му рече девојчето.
- Ајде! - рече детето, и се затрчаа по ливадата, рипнаа и се лизнаа со газињата по тревата и слатко се изнасмеаја, поточно се прснаа од смеење, најточно си ги изгужваа чорапчињата од смеење, затоа што се испогазија од смеење, станаа и тргнаа по патот со облаците, сиви, тешки, никогаш не беше посиво. Само една линија го сечеше небото, од пресекот паѓаа црева и луѓето се тепаа.

 

Ене двајца:
- Дај ми го цревото!
- Јас прв го видов! - му рече едниот на другиот.
- Јас прв го земав! - му рече другиот.
- Јас ти го покажав!
- Па што не рипна да го земеш!?
- Па сакав, ама се зафркнав, па ти го покажав! Не знаев дека ти одма ќе рипнеш!?
- Епа кој ти е крив?!
- Абе дај ми го цревото, бе! Абе, дај ми го цревото бе! - му рече едниот.
- Абе не ти го давам, бе! - рече другиот и се влечеа за цревото, цревото се скина и паднаа на гс. Кога се направија две нозе од глина, кога им удрија по една клоца, луѓето летаа преку разни континенти, прерии, прашуми, праокеани, претерувања, проширувања, призми, пра пра прадедовци, пра пра прабаби...
- Прсти пета цела нога! - рече девојчето и правеше нешто со ногата.
- Ајде бе кога ќе стигнеме? - рече детето.
- Уште малку - рече врапчето. Ене, после кривината.

Свртеа лево, видеа железна ограда со порта, тропнаа, беше заклучено. Детето со нога удри по вратничката и викна:
- Ееј! -Не слушаат - му се обрати на девојчето.
- Чекај малку - и се прекачи преку оградата.
- Ајде, можеш? - ѝ рече.
- Можам, почекај. И девојчето ја протна главичката низ шипките, а после тоа помина со цело тело, се стрча по скалите и затропа на вратата на која пишуваше ИГЛАР.
- Кој тропа? - викна некој.
- Јас, детето!
- О, дете ти си, кај си бе да не пукнеш?!
- Абе јас не знаев каде живееш и дека си правел игли, инаку сум те гледал низ град, ама не сме правеле муабет за работа, двајцата се глупиравме, гледаме другиве собираат црева и се прашуваме што ќе им се? Абе да прејдеме на главното, јас да ти побарам игла за небово, да го закрпиме со девојчево сме дојдени.

-О, извини, јас сум чичко Иглар - му подаде рака на девојчето, срдечно насмевнувајќи се.
- Па, види вака: - му рече игларот. Јас да направам игла за крпење небо можам, вие да го закрпите можете, ама нема потреба! Луѓето се такви! Ако престанат да паѓаат црева од небото, луѓето ќе најдат нешто друго! Тие мора да се расправаат, тие мора да се тепаат! Дали за црева или за синџири со робје или за сиви шпенагли на врвот од прстот забиени длабоко во ноктот, тие мора да најдат некоја работа што ќе ја влечат, ќе ја врзуваат околу вратот, ќе си играат ластик на неа, можат да ја сварат и да ја изедат, да си направат разни сувенири од нив, да си ги лепат на гради, да пливаат со нив, да прскаат ниви можат со цревата, можат да прават триста чуда со нив, па тебе ако не ти требаат едноставно остави ги, нека си го живеат својот живот, а јас и ти заедно ќе си се смееме и готово.

Слики: Larry Butterworth

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Квир / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото