1021 hPa
75 %
5 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 23:00
Уште една ненадминливо главоломна година за македонскиот господар на живите и мртвите, Никола Груевски. Во рубриката „Боли глава“ се појави дваесетина пати, далеку надминувајќи ги сите други конкуренти.
Второто место го освои Илија Димовски, нагалено наречен „македонскиот Гебелс“. Неговиот висок пласман исто така не е изненадување зашто четири години по ред Димовски е во врвот.
Затоа, пак, на местото број три го имаме Александар Станкоски, (не)пријатното изненадување од културните кругови. Во своите колумни во партискиот весник „Глас“ и во „Утрински весник“ Станкоски се покажа како најжилав идеолог на преродбата и антиквизацијата, во период кога дури и корифеите на антиквизацијата полека почнаа да се дистанцираат од лудачкиот потфат.
Четвртото место оди исто така кај надежниот Никола Тодоров Нино, кој откако го реши образованието во РМ, сега му е з’гнат на здравството.
Зад четворицата врвни главоломци, во продолжение, во ад хок рубрики, издвоивме уште цела низа незаборавни глупости од мрачната 2012 година.
НИКОЛА ГРУЕВСКИ ПАСТИРОТ - ШАМПИОН
Согласно Уставот и законите
Државните безбедносни сили коректно, професионално, одговорно и успешно ја завршија својата работа и овозможија парламентот да продолжи со работа согласно Уставот и законите.
Обраќање на 24.12.12., денот кога опозицијата насилно беше отстранета од Собранието; „Фокус“, 28.12.12.
Аутизам, Грујо, аутизам!
Бранко Црвенковски продолжува во стилот на Гадафи. Продолжува да живее во еден свој свет со сериозна доза на алтруизам, живеење во еден свој свет каде што верува дека целиот народ е со него, дека сите го поддржуваат и дека треба на сила да се заземе власта.
„Дневник“, 25.12.12.
Код на македонскиот народ
ВМРО со времето прераснала во историски препознатлив код на македонскиот народ. Нејзиниот од по тешките балкански крстосници е нераскинлив дел од нашата судбина.
„Либертас.мк“, 23.10.12.
На државата ѝ снемува народ
Водиме дебати за искривени вредности, за еднополови бракови, па уште и посвојување деца во тие еднополови бракови, за некакви права на жените, па на мажите, кој од нив е позастапен во политиката или во бизнисот, а додека се трошиме на тие теми нам како држава ни снемува народ.
Обраќање по повод Денот на македонската револуционерна борба во „Македонската опера и балет“; „Либертас.мк“, 23.10.12.
Си знае кој е Хитлер
Бранко Црвенковски првин да каже кој меѓу нив е Черчил, а кој Сталин, па дури потоа ќе дадам коментар.
Одговор на новинарско прашање, што мисли за коментарот на Црвенковски дека двајцата светски лидери се здружиле да го соборат Хитлер; „Утрински весник“, 02.07.12.
Математиката на Груевски
363 милиони и 208 милиони, се приближно 700 милиони евра.
Во емисијата Х/О на Роберт Поповски; „Плусинфо“, 26.06.12.
Весела математика
Има две личности што нè поврзуваат нас со Рим, една е светите Кирил и Методиј а втората е Мајка Тереза.
Во обраќањето кон папата Бенедикт XVI; дневен „Фокус“, 26.05.12.
Излегување од анонимност
Лично сметам дека уметниците на овој начин добиваат слава и излегуваат од анонимност по нивната смрт.
На отворањето на „Триумфалната порта“, 06.01.12.
ИЛИЈА ДИМОВСКИ - МАКЕДОНСКИОТ ГЕБЕЛС
Што не кажуете вакви работи?! Се дуплирало џидипито!
Тврдите дека задолженоста во апсолутен износ се зголемила, но не споменувате дека е дуплиран домашниот бруто-производ и дека исто така се речиси удвоени и девизните резерви.
Во Собранието пратеникот го халуцинира македонскиот БДП; „Утрински весник“, 20.12.12.
Спружување
Ќе те спружам на насловна страница!
Во собранието, заканувајќи се на опозициски пратеник; „Плусинфо“, 20.12.12.
Еден-два
Можеби претеравме со еден-два споменика.
При собраниска дебата за СК014; „Утрински весник“, 20.07.12.
Крај на транзицијата
Пред неколку дена почна крајот на транзицијата. Не заради тоа што ѝ дојде време да заврши (а сакавме одамна да беше завршена) или заради тоа што е веќе доцна. Не заради тоа што некој донесе одлука да запре или дека се исцрпија сите општествени процеси, туку заради тоа што сега ѝ го знаеме целото лице. Сега знаеме кои се луѓето што ни ја спакуваа транзицијата. Сега нема непознати и прикриени вистини.
„Дневник“, 02.07.12.
Апсолутна точност
Секако ми иде на ум мисла дека штом некој напнува, оптоварува и инсистира на некоја тема, без за тоа здраворазумски да разговара, сигурно има нешто да скрие, прикрие, пренасочи внимание, да исчисти некој дел од својата совест или да избега од реалноста. Милион дилеми кои се и веројатни и реални и очекувани да бидат поставени. Секако, во моите размислувања тргнувам од сигурноста во апсолутната точност на прокламираната политика и реалните активности на Владата и претседателот на Република Македонија.
„Дневник“, 26.06.12.
Успеавме да влеземе во вител
За жал, и во последните години, под влијание на нереализирани политички личности со сомнително минато, успеавме да влеземе во нов вител со поделбата по основа на набрзина скованата граница помеѓу т.н. антички и словенски Македонци. Kатастрофа. Полоша и поштетна политичка пропаганда во овие дваесетина години не се појавила.
„Дневник“, 05.06.12.
АЛЕКСАНДАР СТАНКОСКИ - ИДЕОЛОГОТ НА АНТИКВИЗАЦИЈАТА
Најзаводлива рокенрол-балада
За Македонија нема потреба и да се зборува премногу. Нејзиниот бренд има сила на најзаводлива рокенрол-балада. И така, во прекарот на мојата татковина, Република Македонија – ФИРОМ е содржана цела една лепеза од релевантни историски содржини, значајни за целокупната светска историја. И не само тоа, таа е земја со најбогатиот фолклор и најцрвените патлиџани на планетава.
Утрински весник“, 06.11.12.
Македонско-словенска евроазиска империја
Понатаму, во овој процес на поништување на Македонија и македонскиот народ, пресудно е дисконектирањето на словенскиот океан од народи (најголемата антрополошка групација од белата раса) од својот историски корен, кој меѓу другото го содржи и постоењето на македонската империја, која на светската сцена го инаугурираше геостратегискиот концепт на Евроазија.
„Утрински весник“, 30.10.12.
Гигантската држава на македонскиот народ
Факт е дека единствен народ од регионот кој создал гигантска држава – суперсила од минатото е токму македонскиот народ, а ако еднаш сте биле способни за таков „подвиг“, зошто да не се повтори тоа во сегашноста или иднината.
„Утрински весник“, 30.10.12.
Култура, која ја нема
Оваа антиквизација е всушност потсвесна желба на една култура (македонската) да го компензира културниот израз, кој го нема... Без оглед на анахроноста на процесот на антиквизацијата, таа станува актуелна со правото на глас на граѓаните.
„Глас“ на ВМРО-ДПМНЕ, 31.05.12.
Народот зборува низ пастирот
Гледано од дистанца, овој навидум хаос е всушност мачен емпириски процес на приближување на културниот дискурс на новите политички елити со оној на народните маси. Отпрвин анархичен, заканувачки и ентрописки, овој процес на хармонизација помеѓу волјата на масите и на политичките елити почна да поприма форма на кооперативност, посебно на ниво на десницата која се уште во себе ја немаше онаа елитистичка и рафинирана визија за културата како авангарда (од „западен“ происход). И тука почнува антиквизацијата во Македонија. За првпат политичката елита и широките народни маси имаат идентични културни преференции и визија.
„Глас“ на ВМРО-ДПМНЕ, 31.05.12.
НИКОЛА ТОДОРОВ - ШМЕКЕРОТ
Шмекерот Нино
Ве бендисува, а?
Одговор на новинарско прашање, колку чини рекламата за плаќање по учинок; „Либертас“, 22.12.12.
Себе не се бара на оглас
Моја работа е мојот IQ. Правите една голема грешка со вакви паралели.
„Плусинфо“, 10.11.12.
Мушама и душек
И што е најбитно, пропушта воздух. Тоа е најклучно за душек - да диши. Да, еднонасочно. Пошто мушама ако стаиш - ги поти, а ова треба да биде еднонасочно - да пропушта воздух, а да не впива течности... Технологија, технологија!
„Фокус“, 24.08.12.
ПРИСЛУЖНИЦИТЕ НА ФАМИЛИЈАТА
Тепање со камери
Ги избркаа новинарите за да не фрли некој со камера да нè отепа.
Благородна Дулиќ, пратеничка на ВМРО ДПМНЕ; „Бриф“, 28.12.12.
Успех и задоволство
Ми претставува огромно задоволство што денеска имам можност да го споделам со вас моето задоволство од уште еден успех во процесот на европската интеграција на нашата земја.
Теута Арифи, вицепремиер, по уште едно недобивање на преговори од ЕУ; „Вест“, 12.12.12.
Продолжување на молкот
Ако ме прекинете, ќе го продолжам молкот уште еден час од таму каде што ме прекинавте.
Талат Џафери, пратеник; „Утрински весник“, 15.09.12.
Макијавели via Ајнштајн
Како што рекол Ајнштајн, целта ги оправдува средствата.
Сузана Анова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ; „Плусинфо“, 12.12.12.
Ѓаволски добро
Членовите на комисијата можеби не се доволно познати на јавноста, но ѓаволски добро ја знаат работата на која се посветиле.
Љубинка Корабоска, претседателка на државната агенција за спречување корупција; „Утрински весник“, 07.12.12.
Влаго пресметал: Супер Грујо 240 пати појак од Црни Бране!
Симултанка во шахот е посебна дисциплина. Бара посветеност, брзи потези и многу работа. Еден играч одеднаш игра на 20 табли, со 20 противници. Тој мора сите 20 табли да ги има „во глава“, а соперниците имаат само една партија пред нив. Така беше минатиот месец со Никола Груевски и Бранко Црвенковски. Бранко Црвенковски за цел месец одржа 1 (еден) митингашки говор. Толку, ништо друго. Никола Груевски отвори, направи и пушти во употреба за 30 дена повеќе одошто Црвенковски за 20 години.
Влатко Ѓорчев, пратеник; „Дневник“, 09.11.12.
Сè ми е исто
Не правам никаква разлика меѓу Тодор Александров и Михајло Апостолски. И двајцата се од Македонија.
Александар Бичиклиски, советник во Град Скопје; „Алфа“ ТВ, 03.05.12.
Победникот Груби
Пред една година ја добивме битката на Калето и историјата ќе суди за инцидентите што се случија таму.
Артан Груби, десната рака на Али Ахмети; „24Вести“, 23.04.12.
Покајание
Чудото во црквата „Свети Димитрија“ е опомена до опозицијата за покајание оти ја оддалечи веронауката од училиштата, ги организираше младите архитекти на протести против црква на плоштадот и се бунеше против изградбата на црква на Калето.
Владиката Агатангел; Телма, 11.04.12.
Доста беше десни субјекти
Добро за партијата ќе биде да се окрупни и да нема повеќе десни субјекти надвор од ВМРО-ДПМНЕ. По осум години, убаво ќе биде ВМРО да биде единствено и да ја водат квалитетни луѓе. Доста беше од штетата што ја правеа маргиналните партии.
Александар Николовски, пратеник на ДПМНЕ; „Фокус“, 17.02.12.
Еквадорски неокласицизам
Имаше интервју во „Вест“ со некој италијански архитект и реставратор. Тој изјави дека измислуваме минато и дека ги фалсификуваме стиловите во градењето. Ова да се прифати значи пак да ги храниме деривативните дискурси, со кои не се мислиме самите себе. Наш професор треба да му одговори. (...) Јас сакам дрски одговори од типот: ова што ние го правиме е инспирирано од еквадорскиот неокласицизам. Што ќе каже сега еден евроцентрист на ова?
Бранислав Саркањац, универзитетски професор, во интервју за „Граѓански“, 27.10.12.
Некои нови клинци
Во 2010 започнува нова етапа. Некои нови клинци, со нов ентузијазам решија повторно да градат. Ни ги претставија своите идеи и визии во 3-Д виртуелна анимација. Одеднаш некаква топлина во нас, визури на Скопје за кое отсекогаш сонував, мечтаев. Визури во кои Скопје, градот од нашите соништа како птицата феникс никнува виртуелно паралелно со градењето на Театарот, Музејот на револуцијата, Филхармонијата, Уставен суд, мостовите.
Алјоша Симјановски, режисер; „Утрински весник“, 17.12.12.
Работа
Научниците и експертите не треба да коментираат за чуда, зашто тоа е работа на верниците и на свештениците.
Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културно наследство; Алфа ТВ, 11.04.12.
Одговара на сите стилови
Фасадата на мојот објект не би имало потреба да се менува. За неа се користени трајни материјали, одговара на сите стилови.
Вангел Божиновски зборува за своето (не)дело „Домот на Мајка Тереза“; „Утрински весник“, 10.02.10.
ОПОЗИЦИОНЕРИТЕ
Погрешив, но не обвинувам никого
Една од најголемите грешки ми беше тоа што во 2004 се кандидирав за претседател. Тогаш проценив дека секогаш има крај на сè, па и на моето претседателствување со СДСМ и донесов одлука да се повлечам, сметајќи дека има екипа која може да ја води партијата. Бучковски беше меѓу тие луѓе. Погрешив, но не обвинувам никого.
Бранко Црвенковски; „Плусинфо“, 23.11.12.
Онострани гласачи
Татко ми е мртов веќе девет години, но лани „гласаше“ за ВМРО-ДПМНЕ!
Тито Петковски, пратеник; „Фокус“, 02.11.12.
Француски клуч
А потоа, ааа потоа! Ќе ни остане една концептуална уметничка акција, сите со француските клучеви и растурај тоа спомениците!
Љубомир Д. Фрчкоски, „Фокус“, 11.09.12.
Тодор како Прометеј
Проблемот почна кога на тие консултации тој почна да ме дочекува гол како Прометеј, со само една крпа на појасот, со образложение дека штотуку се истуширал. Тоа се случи едно три пати. Мислам дека уште тогаш на Тодор Петров му дадов јасно на значење кои се разликите меѓу Александар Македонски и Тодор Александров.
Љубчо Георгиевски, „Фокус“, 27.07.12.
Фалусна инсуфицијенција
Големината на спомениците на Александар и Филип зборува за фалусната инсуфицијенција, најпрвин на лидерот, но и на оние околу него.
Гордан Георгиев, во парламентарна расправа за СК014; 19.07.12.
ДРУГИ БИЗАРНОСТИ
Помошно средство-џогер
Имено, заради поподробно запознавање на пошироката јавност, ако причината за самочистењето на фреските е влагата, која доаѓала од тоа што ’подот се трие и се чисти со плискање вода од кофи’, (цитиран извадок од весник н.з.), веднаш укажуваме дека подот не се чисти на тој начин, бидејќи храмот нема одвод, туку се чисти со помошно средство-џогер кое само се навлажнува во вода.
Соопштение на Скопската епархија на МПЦ; „Утрински весник“, 02.11.12.
Ѕвер, т.е. дете на нокшир
Никола Груевски е како дете што те гледа во очи додека седи на нокшир. Ти се смее, и двајцата знаете што е тоа што мириса, но немаш срце да го прекинеш.
Никола Наумовски, активист; „Либертас.мк“, 08.10.12.
Последиците од сервилноста
И мене ме болат последиците произлезени од сопствената егзистенцијална и духовна сервилност.
Влатко Галевски, филмски критичар, му пишува на Небојша Вилиќ, историчар на уметност; „Фокус“, 13.07.12.
Убијците се атеисти
Сето тоа укажува дека овој злостор, како и сите други, е можен само од – атеисти. Души полни плевел. Луѓе што веруваат дека тие го создале светот. Повторувам – тој податок за истрагата не значи ништо, но многу значи за нашиот степен на култивирано сфаќање на религијата. Вистински верник не би го сторил тоа што се случи на Величетврток. Затоа, јас сум доста резервиран кон оние што станаа против веронауката како изборен предмет во училиштата.
Венко Андоновски, „Нова Македонија“, 18.04.12.
Слики: Свирачиња