Симптом и болест

08.01.2013 10:45
Симптом и болест

Степенот на политичката изгубеност и степенот на опустошеност на македонската јавна сфера совршено ги доловува таблоидната теза на главната уредничка на некогаш најлибералниот овдешен весник: Македонија е заложник на личната нетрпеливост меѓу Груевски и Црвенковски. Соња Крамарска смета дека омразата меѓу Груевски и Црвенковски „од нивен проблем стана крупен државен проблем“. „Личната нетрпеливост меѓу Груевски и Црвенковски се заканува да ја парализира државата на подолго време. Тие не се политички ривали. Тие станаа смртни непријатели.“

Велам, не ќе бев изненаден ваквиот таблоидиотлук да доаѓаше од некој од безбројните овдешни таблоиди-тоалетоиди. Но, „Утрински весник“ беше едно од последните места кајшто можеше да се прочита барем делумно втемелена политичка анализа. Пропаѓањето и на „Утрински“ (како и деновиве на „Алфа“ ТВ) беше извесно зашто подолго време е јасно (барем од насилното затварање на А1 ТВ) дека под налетот на железната медиумска тупаница на режимот осудени се на пропаѓање дури и ретките оази на покритичко политичко размислување. Главната уредничка на „Утрински“ со своите приглупи тези само се обидува да се вклопи во општата политичка имбецилност диктирана од сивите ликови од „Жолтата куќа“. (Скендер Куленовиќ велеше: Nije rupa u planeti, no je rupa u pameti!)

Македонија го живее својот (некои велат кадифен) тоталитаризам. Крамарска го знае тоа многу добро (дека дупката не е во планетата) зашто живее во срцето на ураганот. „Фамилијата“ (тајфата од Жолтата куќа) е газдата и главниот уредник на нејзината новинска куќа и на речиси сите други медиуми во Македонија. Но, да ја сведеш окупацијата на земјата (не само на државата, туку речиси на сите општествени пори) на личен проблем меѓу Груевски и Црвенковски значи да го допреш дното, и морално и професионално. Башка, потполно политичко слепило значи приватната држава на Фамилијата да ја прогласиш за наш заеднички дом. Македонија зграпчена во валканите шепи на груевистите (а и во чии било други шепи) не може да биде заеднички дом. Македонија прво треба да се ослободи, за да се врати барем минимумот нормалност и барем некои аспекти на политиката сфатена како јавна сфера и јавна одговорност.

Еднаш реков: лудилото на пастирот не го создаде СК014 како симбол на општото лудило во кое упадна Македонија под груевизмот. Луди, фрустрирани, нереализирани политичари и водачи постојат насекаде. Но, непружањето отпор, личен и институционален, и намерното правење ќор при здрави очи е она што суштински овозможи лудилото на еден опасно фрустриран демагог да стане реалност за два милиона луѓе. (Постои еден често цитиран стих од Његош: „Крвта човечка е наопачка храна, на нос почнала да ви скока!“ Еден друг балкански филозоф вели: Од умот поместен не станува оној над кој се врши насилството, туку оној што насилството го извршува.)

Знаеме, значи, кој го воспостави насилството во Македонија како одлучувачка политичка практика. И кој е од умот поместениот вршител на насилството. Тоа што што се прават на Тошо многумина ликови од скопските малограѓански кругови (кои во значајна мера го создаваат јавното мислење во паланката) и упорно и упорно извртуваат, манипулираат, одработуваат, се кријат - е нивен проблем.

Вистинското политичко, па и историско, прашање во моментов е: што го овозможи доаѓањето на нашиот Милошевиќ?! Како буквално сите институции и голем дел од поединците паднаа на колена пред карикатурата од пастир?! Зошто и денес, после речиси седум години сосема неконтролирано владеење-дивеење, отпорот спрема султанизмот е речиси симболичен?! Зошто и таквиот скромен граѓански отпор (во средина во која речиси не постои граѓанска класа) се исмејува и се прогласува за забеганост, платеништво или, во најдобар случај, за губитнички идеализам?! (Бидејќи, сведоци сме, последниве години во круговите на владеачката малограѓанштина предизвикува(ше) сеир и цинизам секој обид да се практикува понепосредна демократија и граѓански отпор - од излегувањето на студентите на главниот плоштад пред четири години до најновите протести на опозицијата).

Значи, важно е да ги поставиме вистинските прашања, а не лажните дијагнози. Груевизмот е симптом на болеста на македонското општество. Клод Леви Строс беше напишал дека забраната на инцестот не е прашање или енигма, туку одговор на прашањето што не го знаеме. Сегашниот македонски ќорсокак, ми се чини, бара сличен пристап: одговори можеби и имаме (демократија, ЕУ), но ги немаме формулирано вистинските прашања. Ситуацијата наликува на психоанализата, каде што пациентот го знае одговорот (неговите симптоми ги претставуваат одговорите), но тој не знае на што е тоа одговор и работата на аналитичарот е да го формулира прашањето. Затоа што, повторувам, груевизмот е симптом, а прашањата за него не ги знаеме доволно.

***

Делумно прифаќајќи ја како предизвик логиката на Крамарска, пред сè за да ја покажам испреплетеноста меѓу „приватните“ и „општествените“ омрази и лудила, ќе се обидам да поставам една малку поиздржана политичко-психоаналитичка теза: омразата на Никола Груевски спрема Бранко Црвенковски е форма на тешка нарцистичка психопатологија. Таа омраза делумно е предизвикана од завист и произлегува од трајната фасцинираност и обземеност на Груевски со Црвенковски.

Проблемот, пак, што општеството го има со омразата на Груевски кон Црвенковски е од друг тип зашто интензивната омраза која пастирот повеќе ја доживува психолошки, префрлена е (отелотворена) во „објективен“ идеолошки систем кој ја легитимира омразата на сите граѓани (вклучувајќи го тука и Бранко Тричковски:) спрема дежурниот непријател Бранко Црвенковски Голдштајн. Со оглед дека омразата на пастирот, меѓу другото и со помош на тоталната контрола над целокупниот пропаганден апарат, е „објективизирана“ и идеологизирана граѓаните дури можат да си дозволат и рамнодушност зашто „објективниот“ апарат „мрази“ за нив.

Но, да се вратам на тезата за омразата и зависта на пастирот. Ученичката на Фројд, Мелани Клајн, прва ја издвоила зависта спрема добриот објект како значајно обележје на пациентите со тешка нарцистичка психопатологија. Таа завист дополнително ја компликува потребата на пациентот да ја уништи сопствената свесност за неа, со цел да не се разоткрие неговиот ужас поради жестокоста на неговата омраза спрема она што тој, всушност, го цени кај објектот. Зад зависта спрема објектот и потребата од уништување и расипување на сето добро што би можело да произлезе од меѓусебниот допир лежи несвесната идентификација со објектот којшто едновремено се мрази и кон кој се чувствува потреба.

Желбата за понижување е уште една манифестација на омразата, смета американскиот психоаналитичар Ото Кернберг. Опсесивно-компулзивниот пациент, на пример, сака да управува со другите и да доминира над нив за да може да се чувствува заштитен од заканувачките изливи на агресивна бунтовност и од хаосот во другите, а сè со цел да може да ја спроведе својата идентификација со објектот што се мрази и својата проекција на неприфатливите, потиснати аспекти на сопственото себство.

Клинички гледано, интензитетот на агресивните афекти - раздразеноста, лутењето или гневот - е во груба корелација со нивната психолошка функција: да се обнови автономијата, да се отстрани препреката за посакуваниот степен на задоволство или да се отстрани или уништи изворот на длабоката болка и фрустрацијата.

Најтешкиот и најдоминантниот од афектите кои заедно ја сочинуваат агресивноста како нагон е комплексниот нагон на омраза. За разлика од лутењето или гневот, омразата е хронична и стабилна. Главната цел на оној што е опседнат со омраза е да се уништи сопствениот објект на омраза, специфичниот објект на несвесната фантазма и свесната слика за тој објект; во основа, објектот е и потребен и посакуван, па така и неговото уништување е подеднакво потребно и посакувано. Разбирањето на тој парадокс е во средиштето на психоаналитичарското истражување на тој афект. Се разбира, омразата не секогаш е патолошка; како реакција на реалната опасност од физичко или психолошко уништување, закана за опстанокот на себството и на саканите, омразата е нормална разработка на гневот насочен кон отстранување на таквата опасност. Но, несвесните мотивации обично и’ се придодаваат на омразата и ја засилуваат, на пример при потрагата по одмазда.

Примитивната омраза добива и форма на труд да се уништи потенцијалот за задоволувачки човечки однос и да се научи нешто вредно во меѓучовечката интеракција. Во основа на потребата за уништување на стварноста и комуникацијата во интимните односи веројатно стои делумно несвесната, делумно свесната завист спрема објектот, посебно спрема објектот со кој слична омраза не завладеала, смета Ото Кернберг.

***

На крај, уште еднаш сакам да нагласам: занимавањето со лудилото на македонскиот актуелен водач го сметам за највисок можен политички приоритет. Тоа лудило не го сметам за „сатанско“ или „судбинско“, зашто сите ние сме луди, повеќе или помалку, на овој или на оној начин. Опасно е кога лудилото на еден политички водач бега од своето корито и станува сосема неконтролирано, ниту од институциите, ниту од непосредната околина, ниту од јавноста, ниту од граѓаните. Неконтролираното лудило на Груевски, повторувам, е симптом за болеста на македонското општество.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото