Николай и Никола – на Свети Никогаш?

09.01.2013 08:45
Николай и Никола – на Свети Никогаш?

Неславен крај на „романтичната“ љубов

ЕУ Солидарност

Си доаѓа мажот дома, а жена му: „Од што ти е крвава раката?“
- „Од солидарност“.
„Е, како тоа од солидарност?“, прашува жената.
- „Па, така. Гледам, пред едно кафуле, тројца батки со боксови тепаат младо момче. Сакало да влезе кај што не му било место. И, што да чинам? Не можев, а да не се замешам.“
„Па, што се случи со момчето?“, љубопитна жената.
- „Ништо, мамицата мамина му ја расплакавме“.

На оваа горка и политички некоректна анегдота се присетив откако прочитав оценка од бугарскиот претседател дека решението на Советот на министрите на ЕУ за уште една блокада на Македонија било „мъдро и солидарно“. Солзи радосници ми потекоа кога читав: „България протяга ръка към Македония в името на една обща цел“ ... „човешките отношения между българи и македонци са добри и няма никакви проблеми“.

А зошто солидарноста на Бугарија со Грција, на сметка на Македонија, би била некаков проблем за Македонците? Навистина, какви тоа проблеми меѓу нас може да има, брату Плевнелиев, роден во Гоце Делчев, со фамилија од Плевна – протерана од Егејска Македонија?

„Да му умре козата на комшијата“

Пишувам кога во Македонија се слави Свети Никола. Кај нас, не е само куќна слава, туку и именден на премиерот Никола и на министерот за надворешни работи Никола. Министерот на външните работи Николай, кој се израдува што „Европа е солидарна с България“, му честиташе именден на колегата Никола пред две седмици. Тогаш, македонски „Дневник“ објави наслов-чудо: „Свети Никола ќе нè штити од бугарска блокада“. Амин.

Ама, пуста испадна надежта дека „Свети Никола“ ќе направи такво чудо. Откако Бугарија и Грција солидарно уживаа во поговорката „Да му умре козата на комшијата“, ретко кој во чудесната ни Македонија верува во чуда. Нема најави дека Никола, Никола и Николай ќе организираат заедничка прослава на Свети Никола чудотворец. Барем не во догледно време.

Дури ни победата на Македонецот Никола на бугарскиот „big brother“ нема да придонесе Македонците да подзаборават на „умрената коза“ и злорадоста на соседите. Напротив, победата на Никола од „big brother“ ги зајакнува негативните чувства. Испраќа сосем понижувачка, милитантно-пропагандна порака: „Бугарите ги прифаќаат Македонците само како помали браќа, под услов да се согласат гордо да носат бугарска воена униформа, каква што носеле нивните дедовци“. Скраја да е.

Барем засега, ниту еден Никола не успеа да ги смири страстите и да најде повод за заедничка прослава (како што најдоа Никола и Николиќ на Зебрњак). Но, денот кога Бугарија ја блокираше Македонија за ЕУ, стана идеален за заедничка прослава и на македонските и на бугарските „хејтери“. Денот паѓа таман помеѓу бугарскиот и македонскиот Свети Никола и слободно можеме да го прогласиме за ден на „добрососедските“ односи помеѓу Бугарија и Македонија. Или, нагалено - Свети Никогаш.

Љубовно танго со Грција

Не можам, а целосно да не се согласам со прекрасната оценка на другарот Николай Младенов: „Поставянето на въпроса с Македония съвсем не беше показване на мускули пред някой по-малък или по-слаб“. Точно е тоа, братучед Никола. И да ни покажеше мускули, не ќе можевме да ги видиме. Од ненадејноста на силниот „љубовен“ удар, кој ни ја помрачи националната свест.

Како човек да не биде среќен што „България за първи път успя да постави важен национален въпрос“ и што ја почувствува „солидарноста на Европа“ преку блокадата на Македонија? Како да не бидам среќен што Бугарија успеа токму со блокадата на Македонија, како што вели Николай, да започне да се држи „като страна членка, а не като уплашен кандидат“?

Сепак, најсреќен сум што Бугарија не направи никакви отстапки кон Македонија „заради романтични спомени или тежко детство.“ Туку, со еден „љубовен“ гест, во љубовно танго со Грција, го урна митот за Македонија како „најромантичниот период од бугарската историја".
Митот за „бугарска љубов“ (2006)

Уште пред шест години, бев убеден дека анализата на изразот „бугарска љубов“ може да даде значаен придонес кон решавањето на македонско-бугарскиот „јазичен“ спор и кон унапредување на соседските односи. Бугарска љубов: Мистериозната љубов на Бугарија кон Македонија, изразена преку неповторливата љубовна порака дека "Македонија е најромантичниот период од бугарската историја".

Како се препознава? Таа е романтична, еднострана, патолошки опсесивна (на моменти речиси манијакална), историски несфатена и невозвратена. Се пројавува како „нарцисоидна“ (кај оние љубители кои сметаат дека Македонците и Бугарите се „една и същи хора“) и како „инцестузна“ (кај оние што сметаат дека Македонците и Бугарите се „една и съща фамилия“). Кај „бугарската љубов“ ретко доаѓа до сексуален однос поради лошата предигра на „љубителите“ која речиси ништо не ветува и со која најчесто се негира сексуалната автономија на „љубените“.

„Бугарската предигра“ најчесто се манифестира како мастурбација, затоа што се „пали“ само вљубениот. Симптоми: жизнерадосно пеење на македонски народни песни, играње македонски ора или други погруби облици на асексуално вознемирување. Токму затоа, Бугарската „романтична љубов“ кон Македонците се сведува главно на нереализирани сексуални фантазии. Не само јазичните, туку и другите политички и културни бариери помеѓу Бугарија и Македонија ќе се надминат кога нашите „браќа Бугари“ и „сестри Бугарки“ ќе сфатат дека не се плашиме ние од едностраната и опсесивна романтична љубов. Од друго уплав имаме. Од присилен брак и семејно насилство.

Неславниот крај на „бугарската љубов“ (2012)

Сега е сосем јасно дека блокирањето на македонската интеграција кон ЕУ не доведе ниту до дефокусирање на бугарското либидо, ниту до „затоплување“ на македонската надворешно-политичка фригидност. Бугарија пак официјално декларира љубов кон Македонија, но таа веќе не е ниту безусловна, а најмалку романтична. По „љубовните“ изјави на бате Бојко, на иста маса со „македонољубецот“ Самарас, бугарската љубов кон Македонија добива форма на сапунска љубов. Изневерената „љубовничка“ ја озборува довчерашната симпатија кај злобната сосетка: "И България да заслужи да се правят филми срещу нея? Заради приятелството си, заради обичта си, заради своята откритост... Това е все едно сега да обвиниш някой, че в Африка има бедстващи от жажда или от глад хора. Защо не ги спасят? Има толкова богати държави.“

Кога ги прочитав љубовно-соседските трауми на Бате Бојко, добив филмска глад уште еднаш да го гледам „Трето полувреме“. Првиот пат, филмот ми изгледаше премногу патетичен, неуверлив, премногу тенденциозен, националистички, квази-историски и маскулинистички. По второто гледање, имам чувство дека за некои лоши оценки сум бил престрог критичар. Најпосле, „Трето полувреме“ не е историски филм, туку авторска драма, во која Дарко Митревски јасно кажува дека бил инспириран од потресната животна приказна на Нета Коен. Тоа не е филм против денешна Бугарија, туку против фашистите. А што сведочи Нета Коен?

Приказната на Нета Коен и музејот на Холокаустот
Нета Коен, во својата животна исповед, никаде не негира дека „България е страната, която е спасила най-много евреи по време на Втората световна война, 50 000 души“ (Бате Бојко). Спасувањето на Евреите од Бугарија е тема која заслужува повеќе филмови. Меѓутоа, и спасувањето на Нета Коен си заслужува барем еден.

А еве што вели Нета во своето сведочење: „…Хитлер дојде однесе сè... Кога ги собрава нашите, јас се криев. Имав добри комшии, никој не ме кажа, децата што играа надвор прашуева, бугарски војници бева, Бугарите ги земава. Бугарија беа заедно со Хитлер, со Немците. И Бугарите дојдоа, Бугари стража, Бугари ги собрава, Бугарите куќите располагава, Бугарите све. Бугарски војници прашуват „Има ли тука Еврејка?“ – Нема. Ама да, ме знаева. Сите ме знаева, али не ме предале никој. Ме заштитуева, едноставно.“

Парадоксален е фактот дека најголем дел од негативната кампања во Бугарија во однос на филмот „Трето полувреме“ се води од лица кои никогаш не го гледале филмот и никогаш не го посетиле Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје. Да имале прилика да го посетат, ќе сфателе дека најголем дел од нивното негирање не се однесува ниту на режисерот, ниту на „Трето полувреме“, туку на она што го пишува во музејот на холокаустот.

Во музејот пишува дека „На 11 март 1943 година бугарската армија и полиција ги блокирала еврејските квартови и ги лишила од слобода Евреите од окупираните територии на Македонија, Србија и Грција (Тракија)“, дека „Сите 7 148 Евреи од Македонија биле убиени во Треблинка“, а „Според списоците за депортација, 50% од нив биле деца!“.
Малкумина во Македонија признаваат дека бугарска униформа носеле и многу Македонци, некои гордо, а некои од немајкаде.

Музејот на „македонската љубов“

Сите кои погрешно мислат дека Музејот на холокаустот во Скопје е некаква завера против Бугарија, можат да го посетат Музејот на Македонската борба, отспротива. Таму ќе можат да се уверат дека владата на Груевски не води никаква антибугарска кампања. Токму напротив. Во музејот на „македонската љубов“ кон ВМРО има место и за Мара Бунева, и за Тодор Александров, и за Ванчо Михајлов, а и за Владо Черноземски. Величко Димитров Керин е претставен во најпозитивно светло, со револвер во букет цвеќе, како стрела во автомобилот на југословенскиот крал. Најголемиот дел од книгите во музејот на ВМРО се на бугарски јазик, а во витрините може да се пронајде не само бугарската тробојка, туку и слоганот „Съединението прави силата“.

Има ли подобар начин за надминување на бугарско-македонските бариери од посета на Борисов, Плевнелиев и Младенов на Музејот на холокаустот и Музејот на ВМРО, крунисана со положување на цвеќе пред спомениците на цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум, Груев, Делчев, Карев, Гемиџиите...? И возвратна посета на Груевски, Поповски и Иванов - со положување цвеќе на гробовите или паметниците на Сандански, Петров, Татарчев, Сарафов, Александров, Вапцаров...? Па, сите заедно да ги посетат гробовите на ВМРО-вските војводи во Егејска Македонија и во Плевна?

Бугарската блокада на Македонија е храна за „хејтерите“. Само со искрен и благороден гест на помирување можат да се закопаат „историските секири“ и да се замолкнат психопатолошките изблици на „говор на љубов“, во садо-мазохистичката сеанса меѓу „татарите“ и „макетата“.


Авторот еколумнист и активист за човекови права