Мајчиниот лек за медиумските сеништа

09.01.2013 16:50
Мајчиниот лек за медиумските сеништа

"Немој да кобиш" - велеше мајка ми, "тоа носи несреќа." Бев малечка, но точно знаев дека злото не смеам да го привикувам. Колку и да звучи средновековно вештерски, реченицата во себе носи една логична вистина: ако си вовлечен со мисла и дела во вителот на зли дејанија тогаш казната е неизбежна. Растев и разговорот продолжуваше: "Што е зло, а што добро?" ја прашував мајка ми. "Доброто се раѓа со тебе, а злото се создава однадвор, како зараза, и се шири. Ако еднаш влезе во тебе, тешко излегува. Но тоа не е ни толку страшно; страшно е што тоа се закачува за тебе и ти виси како сениште." Растев и прашував: "А потоа, што се случува потоа?" Мајка ми ме погледнуваше и читајќи ги моите скриени намери продолжуваше: "Потоа, ако го пуштиш злото да прави што сака, ја запечатува судбината твоја , на твоите деца, на нивните деца и внуци. Но ти немаш сениште и никој не се раѓа со сениште" - гледаше право во моите очи и се насмевнуваше како ниедна мајка што ја познавам: „Ти имаш ѕвезда, зашто секој се раѓа со ѕвезда." На местото на сите мои скриени и ситни нечесни мисли во тој момент заискруваше ѕвездената светлина од мајчиното срце. Знаев дека е тоа само една од многуте нејзини приказни кои ги преточуваше во пишан збор. Нејзината способност да ги опредмети поимите за етика и морал во своето потомство – останаа наши патокази. Од сите работи што ги научив од неа, а потоа од ретките едукативни извори дома, а особено - надвор, разбрав дека е тешко да се спротивставиш на злото, но дека најтешко од сè е да го препознаеш - за што треба да те научиле и воспитале, но и за што е секој одделно одговорен. Велеше таа: Златото и на буниште е злато, а ѓубрето и меѓу златници е пак - ѓубре. Во ова наше време, за жал, се наоѓа сè помалку злато на буништата. Тоа се чува по туѓи банки, а ѓубрето го складираме дома.

Во 21-иот век Македонија е обвиена со медиумско сениште. Македонските граѓани ширум ја отворија вратата и тоа се втурна во нивниот дом, се распосла по нивните кревети, јаде од нивната трпеза. Освен што се полни со лажен, краткорочен и евтин ентузијазам, кроткиот и гостољубив народ ужива во емисиите во кои вистината се черечи и се насладува на перверзните сцени од централниот ТВ канал: конечно комуњарите се таму каде што заслужуваат – на улица. А каде е напатениот народ, прашувам јас? Каде се луѓето без работа? Каде се гладните и со неплатени сметки граѓани? Каде се болните што во „бесплатното здравство“ скапо го плаќаат своето лекување? Каде се учениците што учат во студени училници? Каде се дипломираните студенти кои чмаат во скутот на родителите? Каде се милијардите долари инвестирани во нашата поубава иднина?Дали сме посреќни, послободни, со подобар живот од порано?Дали имаме верба во иднината? Дали ова - сега - е нашата "поубава" иднина? Ако комуњарите се на улица, тогаш прашувам: каде се пролетерите? Пролетерите станаа без своја волја - воајери. Сеирџиски истопорени пред ТВ порнографијата: 24/7 политичка и друга порнографија на македонските телевизии и секој ден нови и декадентно возбудливи сценарија на само една тема – некрофилија! Гладните стомаци се полнат "во живо" со смртта на најголемите непријатели на народот – комуњарите. Медиумските сеништа ја одржуваат општонародната потентност која ќе зачне нови потенцијални пролетери-воајери што ќе ја научат и понесат омразата кон сè комунистичко од своите предци.

Апсурдниот перверзно-порнографски режимски филм има и додатен стимул за оние со проблеми во моралната потенција, насловен: владата корумпира! Најпознатите светски корупциски скандали се најчесто врзани за корумпирани личности од влада. Тоа нас веќе одамна не нè пали, па затоа режимот реши да ја замени улогата од корумпиран во корумпирачки. Сега имаме корумпирани академици, корумпирани новинари во пакет со медиуми, корумпирани судии и професори. Лекарите уште не се даваат – оти ним им понудија голем стап, а многу мал морков. Но буџетот е сега божем полн и ќе остане доволно за сите групи гласачи. Младата уметничка елита најчесто учествува во групните владини оргии од задоволство. Нивното салиеровско одржување во режимскиот дворец е бесценето. Можеби најбројниот дел од гласачката листа припаѓа на студентите, поткупени со ветувања, на тие своевидни млади пролетери-воајери подмирени со најнизок ескапизам; на крај доаѓаат пензионерите кои, за жал (или за среќа), немаат време за ветувања и не се баш репродуктивно настроени, па затоа петсто денари бесплатно возење за разгледување на новосоздадените градски убавини, ќе им заврши ептен голема работа. Зарем ова е нашето мнозинство – прашувам со тага и срам? Во нашето општествено чекорење од комунизам во капитализам луѓето се престорија од пролетери во профитери и воајери! Медиумското сениште прво ја покри реалноста со црн превез, како огледало кога се покрива по смртта на блискиот, и почна да го креира шоуто на Труман, еден прекрасен но лажен свет. Се играат наместени улоги, во наместени сценарија се котат слики и звуци на искривена реалност во која жртвата е всушност убиецот. Злото зрачи како атомско сонце од екраните и ја спржува секоја слободоумна мисла како инсект залепен на вжештен грејач. А гледачот доброволно соучествува во оваа шарада, не сфаќајќи дека слободата од сеништето се состои во малиот но доброволен притисок на копчето со кое сликата на екранот исчезнува, за очите и умот да добијат шанса да прогледаат.

Не знам дали мојата мајка сега ме критикува или говори преку мене, но знам дека таа мислела токму на ова зло што се шири како зараза меѓу македонските граѓани на 21-иот век, кои по инерција и ТВ инструкција, а не по свое лично сознание и искуство - ќе мразат од срце сè што ќе затреба. А оние поумните ќе се искачат дури и до пиедесталот на моралната неутралност. "И двете страни се виновни" – ќе проговорат мудро, несвесни дека злото веќе рие во нив, дека соучествуваат во злосторот на тепачот, обвинувајќи го тепаниот, надевајќи се потсвесно дека тепачот нема да стигне до нив, а заборавајќи дека тие се следни на ред.

Да беше жива мајка ми ќе ја прашав како може да се тргне злото ако веќе влегло во тебе. Како може да се препознае и да се искорени? Со оглед на нејзината теорија дека злото е неуништиво и заразно, и земајќи го предвид слабиот имунитет на општествениов систем, потребен е нов лек. Неговата достапност не е прашање само на долгогодишна љубов, преданост, едукација и подигање свест, туку во моментов е нужност за преживување како слободен човек.

Ги гледам своите деца со очите на мајка ми, ја откривам нивната ѕвезда со која се родиле и, иако ги немам ниту нејзината моќ, ниту нејзиното време, го имам „новиот“ лек што таа со години го вбризгувала во мојата душа!

Мајчините приказни ќе ги пренесам на своите идни поколенија како пален знак. Како што мајка ми бележеше генерации млади луѓе, ќе бележам и јас. Не велам ниту дека сум безгрешна, ниту најчесна, зашто таков - нема! Патот е долг и трнлив: "Сто години требаат да станеш ѕвезденко, а еден миг е потребен за лајненко." А мигот е невидено искушение. Ова се времиња на незаинтересираност и кобење, времиња без време да се бараат светлини на ѕвезди, времиња без време да се кажуваат приказни од мајки. Ова се времиња на сениште што голта и лапа сè пред себе. Ако не застанеме пред него сега и тука, пред сè заради нас самите, дали воопшто ќе нè има утре?

Единствено што можам да бидам е она што сум - ќерка на една најубава, најумна, најчесна и најмудра мајка на светот, од која ја научив најважната лекција. Никој не смее да заборави дека може и МОРА да ја открие сопствената морална ѕвезда, за да се ослободи од соучесништвото во злите дејанија на сеништето. Како лек за истерување на злото!

Слики: Talita Hoffmann

ОкоБоли главаВицФото