Освојување на слободата

10.01.2013 09:55
Освојување на слободата

Додека се множат кошмарните соништа за големи национални држави, секој ден се намалува внатрешниот простор во кој живеат граѓаните на тие држави, она подрачје каде што поединецот може да се чувствува суверен и без надворешна контрола. Хомогенизацијата на општеството, колективизмот и популизмот отсекогаш тежнеат кон милитаристички облик на организирање и кон харизматични водачи. А единствената музика која се цени е удирањето во тапан. Во нашиот век ваквите движења ги создадоа некои од најстрашните облици на тоталитарни општества засновани врз гушење на индивидуалните слободи и апсолутната контрола на приватноста. Проектите на утопистички држави со општа еднаквост во човечкиот мравјалник задолжително се претвораат во мрачни негативни утопии, а нивните остварувања се паметат како време на кошмар и мистичен варваризам. Некаде во нивната бит секогаш стои превоспитувањето на малцинските групи, оние што се разликуваат по природата на нештата или по уверувањата; превоспитување со помош на логори, гулази. На крајот изникнуваат оџаците од крематориумите.

Па сепак, покрај ужасните искуства со тоталитаризмот, се чини дека секоја нова генерација се соочува со неговото воскреснување; од мракот, од пепелта, од ноќните мори одново се крева неговата сенка и одново објавува дека не се откажува од земското царство. Независниот поединец се казнува поради недостигот од лојалност. Лојалноста подразбира слепа приврзаност кон системот. Што помалку има слободи и права, толку барањата за лојалност се поголеми. На непослушните евентуално им се дозволува живуркање на маргините на општеството, во културно гето. Тоа што воопшто се тука и што не им е одземено секое право на говор и движење се зема како доказ за благодатите на системот и неговата широкоградост.

Надзор над мислењето

И повлекувањето во внатрешен егзил станува опасен облик на „мисловно предавство“ во колективистичките режими, зашто она што не е под целосна контрола треба да се елиминира. Сите методи кои насилничката држава ги практикува во својата надворешна политика кон другите народи, малцинствата, целата онаа количина насилство употребена за решавање на меѓудржавните, политичките, националните или економските проблеми, порано или подоцна се свртува и кон поединецот. Како што во целост се контролираат внатрешната политика, војската, полицијата и медиумите, така мора да се има надзор над непожелното однесување, говор и мисла. Влегувањето во светот, во тајната, скриеното место на приватната сопственост, тоа е целта на дејствувањето на различните служби на системот. Авторитарноста и слободата се спротивставени поими. Авторитарната држава и слободниот поединец секогаш се во меѓусебен судир. Авторитарната држава создава интелектуалци по своја мера. А таа мера е послушноста. Целосната послушност здружена со божемна грижа дека валканата политика ќе ја загрози чистотата на духовното дејствување.

Властите ја купуваат духовната елита така што и’ даваат функции, награди, удобен живот, а за возврат бараат јавна поддршка, или барем премолчена. Затоа ги поддржуваат прокламациите за светата потреба од неутралност на уметникот и неговата аскетска и целосна посветеност. Му ја признаваат дарбата, талентот, генијалноста, но ако проговори за неправдите на системот, тогаш е лудак, будала или непријател. Најевтино и најефикасно е да се купи неговиот молк. Она за што не се зборува, она што е премолчено, никогаш не се случило, не постои. Но, вистината всушност е поинаква, вели Михњик: „Молкот и’ го отвора патот на лагата: туѓата и сопствената“.

Молчаливи профитери

Нагласената аполитичност во авторитарните режими е полоша и поопасна од обичниот конформизам: тоа е одобрување на сите оние валкани работи кои се прават токму пред нашите очи: од бесното производство на лаги до создавање концентрациони логори и извршување воени злосторства. Во 1934 година, поттикнат од ситуацијата во Германија, Томас Ман пишува за опасните режими кои применуваат „методи на безгранично лажење и оглупување“. Кога на Ман му замериле дека со ваквата директна критика ја напушта својата книжевна етика на иронија и дистанца, тој, само за неупатените неочекувано, одговорил дека во моменталните околности „бранителот на чистата книжевност изгледа жално, зашто политичката борба во сегашните услови е позначајна, поодлучна и подостојна за почит од целокупната поезија“. Оваа „политичка борба“ која ја споменува Томас Ман не е ништо друго освен морален став. Во системите на заглупување и автодеструкција за чесниот човек нема избор - мора да застане наспроти измамите кои ги нуди режимот. Единствена цена на ангажманот е вистината. Лагата ги парализира и заглупува поединците, но и цели народи.

Нацистите и за нив приврзаните родољуби и патриоти го обележале Томас Ман како предавник. Ханс Магнус Енцесбергер многу години подоцна во својот „Прилог кон теоријата на предавството“ пишува за неизбежноста на предавството. „За логиката на овој поим“, вели тој, „попрво е пресудно тоа што под одредени историски околности секој мора да стане предавник“. Особено во оние системи на владеење кои се изедначуваат со државата и народот правејќи злоупотреби во нивно име, па дури и полошо: злосторства. Ништожниците кои стојат на страна поради презир кон секојдневието, божем чувајќи ја чистотата на уметноста и науката, подеднакво од својата позиција прават воен профит како и оние кои го рават тоа јавно и бескрупулозно.

Толпа и привид

Совладувањето на стравот е еден од условите да се воспостави и зачува идентитетот. Кукавицата се продава, не прашувајќи за цената. Поткупувањето на совеста се прави секојдневно: „Никој што е со нас не треба да се плаши за својата душа пред Бога и Судниот ден. Ние одлучуваме за давање индулгенција, создаваме закони, ги одвојуваме праведниците од неправедниците, житото од каколот. Со нас се чувствувате сигурни, ние ве наградуваме за послушноста, или барем за молкот. Предавство е да им се спротивставите на измамите, зашто измамите се тука за вие, како и сите други наши поданици, без болка во душата и во мир да го поднесувате својот ропски живот“. Освојувањето на слободата е долготрајна, мачна и неизвесна битка. Тоа значи да се стои наспроти мнозинството, наспроти добро организираниот систем на власт и репресија, и спротивставување на масата секогаш подготвена за хајка и линч.

Толпата е предодредена за различни видови манипулации. И кутрите бедници во толпата се ослободени од стравот, подготвени да газат, уништуваат, уриваат и кршат. Толпата создава привид за чувство на слобода, а всушност нема ништо помизерно и побесрамно од нејзиното манипулаторско разурнувачко насочување. Освојувањето на слободата не е колективен, туку индивидуален чин, Слободниот поединец кој ја нагризува семоќта на авторитарната политичка елита, е најголема опасност за насилната држава. Да се живее без слобода, или да не се тежнее кон слободата, значи да се биде без сопствена волја, морална нула, соучесник во злосторствата.

Извор: Feral Tribune, 28 ноември 1994
Слики: Ото Дикс

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото