Изберете правда

10.01.2013 11:56
Изберете правда

Општеството не се состои само од поделби. Но, прашањето што се поставува во изборната година не е што претставува општеството, туку во какво општество сакаме да живееме. Тоа е прашање на вредност, не на идеологија. Оној што ги меша вредностите со идеологијата, тој верува дека политиката се исцрпува и завршува во администрацијата. 

Зошто богатите се сè побогати, а сиромашните сè посиромашни? Тоа е едноставно прашање. Но, истовремено тоа ги засега самите темели на политиката. Најголемиот проблем во германското општество е порастот на неправдата и нееднаквоста. Потполно е сеедно која статистика ја посматраме, резултатите покажуваат ист тренд – Германија се променила. Германците мора да се запрашаат во какво општество сакаат да живеат. Во 2013 година ќе им се укаже прилика да го дадат својот одговор. Годината на парламентарните избори би требало да ја претворат во година на правдата.

Правдата е опасна тема. Таа продира во пукнатините на системот, заканувајќи се дека ќе го разнесе. Аристотел ја нарече потполна доблест, иако тој за чувствата не зборува премногу, но кога зборува за правдата, паѓа во занес. Тој вели дека правдата е доблест што ги опфаќа сите останати и е „повозвишена од утринската и вечерната ѕвезда“. Старите добри зборови.

За Аристотел, правдата не е прашање на боговите и природата, а би можеле да додадеме – ниту е непроменлив резултат на анонимните пазарни механизми. Таа е производ на човечкото дејствување.

Човек одмерува друг човек според неговото чувство за правда. Мерата е важен поим. Секоја доблест се стреми кон објективноста и мерата. Правдата е највозвишена доблест зашто речиси потполно е засновата на мерата. Дури и бог мора да прифати дека другите му судат. „Зошто безбожните живеат, стареат и напредуваат?“, прашува Јов. И Јахве е одговорен за своите чувства и идеали.

Јов му е препуштен на бога, но е морално супериорен над него. Јов покажува дека човекот е подобар и дека е во состојба да се однесува подобро дури и од бога. Ернст Блох пишуваше за тоа. Јов се бори со бога и со своето разочарување од светот, при што навестува некој подобар свет. И се колне во тоа. Постои идејата за правда. А кога таа идеја и стварноста ќе се разминат, доаѓа до негодување. Ова е прекрaсна мисла на Лутер. Од негодувањето се раѓа жалбата. Од жалбата, обвинувањето. Од обвинувањето, востанието. Јов се буни. Но, бог негодува. Жалбата на Јов е коректна. Бог го избегнува одговорот: „Каде беше ти кога јас го создавав светот? Кажи ми, од кога си ти толку паметен?“ Тогаш бог почнува на кутриот Јов да му поставува прашања за природата, на коишто тој нема одговор. Но, природата не го интересира Јов. Бог го заобиколува прашањето за правдата, и, како што вели Блох, „на моралните прашања одговара со физички“. Во џиновските космолошки односи, во морето универзални нужности, бог го неутрализира прашањето за правдата.

Бог разговара со Јов како што би разговарал некој финанскиски шпекулант со активист на Occupy: „Каде беше ти кога го финансиравме глобалниот раст и создававме пари низ светот? Кажи, го знаеш ли сето тоа?“ Што би требало да одговори Јов? Тој за портите на темнината знае колку и за himalaya опциите, swap измамите или инструментите constant portion portfolio, или како и да се нарекуваат инструментите со чија помош нашето општество се најде на овој фатален курс. Кога пазарите би можеле да „зборуваат“, од нас би барале да замолчиме.

Задачата на политиката е да ги замолчи пазарите и да ги задоволи интересите на општото добро. Следната година гласачите треба да се погрижат за политиката да се справи со оваа задача. Пер Штајнбрук тоа го вети. Да се надеваме дека ќе го одржи ветувањето. Кога беше номиниран одржа уверлив говор, полн ветувања на коишто треба да остане обврзан.

Тие се снаодливи и флексибилни, тие наши политичари. Во интервјуто за Frankfurter Allgemeine Zeitung, Штајнбрук не изгледаше толку одлучно. „Па зарем требаше да одржам говор што би ја деморализирал мојата партија? Тоа би било апсурдно. Морав и сакав да ја поттикнам SPD, но тоа не ме прави марионета чиишто конци ги влечат опскурните левичарски сили, како што велат некои коментатори.“

Мораме добро да внимаваме 2013 година да не стане година на смирување на страстите. Курт Кистер пред неколку дена напиша во Ѕueddeutsche Zeitung: „Сведувањето на ова општество на раскината не-заедница на богатите и сиромашните не е доволно решение, а имајќи ја предвид разноликоста на животот, дури е и погрешно“. Главниот уредник на овој весник е во право – општеството не се состои само од поделби. Но, прашањето што се поставува во изборната година не е што претставува општеството, туку во какво општество сакаме да живееме.

Тоа е прашање на вредност, не на идеологија. Оној што ги меша вредностите со идеологијата, тој верува дека политиката се исцрпува и завршува во администрацијата. Но, и тоа е идеологија и тоа онаа којашто им оди во прилог на моќните и силните. Оваа идеологија сака да нè спречи во поставувањето на простото прашање за богатството и сиромаштијата. Тоа не смееме да го дозволиме. Секои четири години имаме избор. Никој нема да ни биде крив ако не го искористиме.

Извор: Spiegel, 31. 12. 2012

ОкоБоли главаВицФото