Окно анкета за СК014 (16)

10.01.2013 13:39
Окно анкета за СК014 (16)

Најпрвин морам да потенцирам дека Уметноста никако не смее да подлежи на демократско надгласување. Тоа е бесмислено. Граѓаните не треба да бидат прашани ништо. Постои цела субкултура наречена Стимпанк за која сум пишувал во повеќе наврати и која претставува употреба на викторијанска естетика промешана со хроматски бои на фантазијата но која во истовреме е мошне прогресивна и која опфаќа родов баланс, постколонијална критика, анти-империјализам, конкретен доказ дека не секоја ретрогарда по default мора да биде реакционерна. Од друга страна, Модернизмот, со култот кон рационалното, кон технологијата, антирелигиозноста беше грешка. Тука е и старата болест на модернистите – тие не умеат да раскажат приказна. И некој се понуди да раскаже приказна, како пред дамнешни стари времиња збрани околу Оган ги слушаат маѓепсничките гласови на Раскажувачот.

Ск014 покрај многуте недостатоци е обид за историцистички наратив но и значаен културно-идеолошки проект зошто внесува извесен занес и страст во сфаќањето за политиката. Л.Ф. Селин пишуваше дека за создавање потребен е занес, „никој никогаш не успеал да направи со разум дете“.

Ск014 е позициониран наспроти постмодернизмот, наспроти технократското и механизицирано уредување на светот каде владее тиранија на знаењето и нарцизмот како единствена хуманост, но постои потполно игнорирање на современи полезни градителски техники и тотално занемарување на духот на епохата каде непотребно се гради со тула, бетон, а не стакло, метал, еко-материјали, каде светлината ќе биде максимално искористена, ќе се води сметка за економичност и сл. Тогаш Ск014 можеше да гја заслужи додавката „нео“ (додај барок, класицизам, романтизам, по потреба) и ќе ја опфатеше постмодерната; вака со право стручњаците го спорат постоењето на било каква легитимна стилска формација.

Грешката треба да се бара во препуштеноста на се’ во наши раце, на Македонци. Општо, целата културна политика е провинцијализирана, нема проток, нема контакт, нема размена, ништо. Токму интернационалноста, да се повикаат светски меѓународни авторитети претставува изразен патриотски чин, бидејќи така ја натфрламе локалистичката норма и гледаме колку реално вредиме во сооднос со другите, регионално и пошироко, европски и светски, а не во тесните граници на нашата државичка.

Ск014 го разбирам како (за жал, безуспешен) обид за консолидација од Тешките Ѕвона на Транзицијата, долгата потрага за Ред, намерата да тргнат работите на убаво, да не живееме опкружени во ѓубре од кое може да се создава исклучиво - ѓубре. Вината за неуспех секако лежи во врхушката, но не треба да се занемари „турскиот“ предолг процес на приближување кон ЕУ којшто, како што гласи еден стих на Архангел, „пушти демон од твојот трезор“.

Само оние генерации кои се формирале во турбулентните 90-ти може во целост да ме разберат што значи тој копнеж по Ред, кој првично изгледаше остварлив во програмите на Груевски. Ск014 несомнено го содржи вкусот на старо-новата посткомунистичка елита. Тој во голема мера е медиокритетен. Чувството за класика таму е, да бидам илустративен отприлика како онаа анегдота: просечни филистри, чиновник сопруг и банкарска службеничка одат на концерт на класична музика каде се изведуваат најизлитените класични композиции: Бетовеновата „За Елиза“, „Четири годишни времиња“ од Вивалди, „На убавиот плав Дунав“ на Штраус и сл. По завршувањето на концертот, чиновникот, убеден дека поседува рафиниран вкус, изјавува: „Ех, жено тоа е класика!“ Тој е претеран, но не француски или екстравагантно претеран, туку претеран како селска прождирливост и наметлив како маалски џилкош кој определено може да ви се види симпатичен со својата упорност.

Мислам дека сето ова немаше толку трагично да се доживува да беше пропратено со економски раст, просперитет, како кај Азиските Тигри, вака секогаш ќе си го имаме алибито со ламентажите за „Спомениците“, зар не?

Невозможно е да се биде носталгичен кон фантазмагориите на Кензо Танге: кон Градски ѕид, Поштата, МНТ, ЕВН, тие наказни натур-бетон градби, скокалници, челусти на гигантски инсекти. Денес во улога на носталгичари парадоксално се појавуваат либералните постмодернисти, што само зборува за нивната дезориентираност и пост-титовска криза на идентитетот. (да го парафразирам И. Мандиќ, „што воопшто сакаат тие постмодернисти?“) Морам да признам дека во поглед на уништување на современата и жива уметност ставот на ВМРО како да е препишан од некој ДАДА манифест со сиот нихилистички потенцијал, што пак може да испадне добро и поттикнувачки, да фрли многу уметници во ала Модиљани лудило, во самотија и конечно да почнат да создаваат квалитетни дела.
Ми се допаѓа (и тоа е условно) споменикот на Александар Велики. Александар Велики не е проблематичен ако е прикажан како космополитска фигура, иако верувам дека Аристотел со своите идеи многу повеќе го промени светот отколку сите војски на Александар Велики.

Не ми се допаѓа како изгледа споменикот на Ченто. Соцреалистички како некаков препариран Ким-ил Сунг, воопшто и се’ што има реализам, но коњите да, ми се допаѓаат, во било која варијанта.

Не треба да поседуваш развиено деликатно чувство за естетика кога гледаш дека “Триумфалната капија“ стрчи во просторот, но искрено страшно ме восхитува идејата за Триумф како своевиден контрапункт кон севладеачката рамнодушност и смртта на рати.

Да се стои на Сцена, пред здивот на Историјата со музика на Aaron Copland - Fanfare For The Common Man, со подигната стисната тупаница, со резултати, со успех, со победа врз ривалите, треба да е императив за секој граѓанин на оваа земја!

Само што Триумф не претставуваат постигањата на спортистите туку потребни се триумфи во наука&технологија и во производство и негување на уметници од светски калибар.

Визионерски сметам дека центарот на Скопје во иднина ќе биде се’ помалку важен и тој ќе биде нова периферија. Огромна сиромаштија, беда, цркот ќе расте околу Центарот, утописки простори ќе никнат на околните ридишта, водна, нешто налик на фамозните најави за Сончеви градови. По дисутопскиот Центар ќе скитаат новите лумпен-пролетери бркани од шинтери и истерувачи на долгови на неофеудалните господари.

Градбите на Ск014 најверојатно ќе бидат препуштени на заборавот, заради нашата пред се` традиционална негрижа кон секаква материјална култура, ќе владее насекаде коров, распади како во романите на Џемс Балард, и во полуурнатините каде се пробиваат снопови во пурпурна рефлексија ќе настанат прибежишта на некоја идна боемска популација склона на пијанчење, деструкција и блуд и каде потполно природно ќе се комплетира концептот за еден Темен Романтизам („Под урнатините ќе никне ружа“ - П. Валери) додека декадентните постмодернисти лагодно ќе си ги возат своите еко-хибридни автомобилчиња, ќе мезат вегетеријански колбавчиња и во HD резолуција ќе гледаат надреалистички повраќаници на Дејвид Линч или ќе слушаат 103-ка, такви анемични и летаргични, вечно полу-заспани без занес, без приказна!

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото