Аирлија борба, комшија!

11.01.2013 00:04
Аирлија борба, комшија!

Годинава што измина, веројатно ќе ја запаметиме како година која траеше толку долго, што се чинеше дека нема да заврши. Година, во која имиња на убави места ни станаа баксузни: Вевчани, Смилковци, Зебрњак. Месеци во кои за зафркавањето со Катар, Индија ни враќаше со иста мера: со зафркавање. Денови во кои, пак се арчевме за една сосема друга година: 2014, и од сето тоа ни останаа само гаќите на Прометеј.

Годишниот приказ е нешто што имав намера да го напишам, но ете, не можам да го направам тоа во една колумна, за една година што најточно ја опишал еден поет (Рудиан Зектхи) кога запишал: „Те сакам, како летото во кое ми умре еден другар“.

Затоа, како просечен гледач на телевизите во Македонија, ќе се префрлам директно на собранискиот канал, каде што од сиот наш медиумски простор, најмногу има спорт, комедија, трач, трагедија, но и информација. Во Собранието и околу него се случија многу работи за прв пат.

Претседателот на државата одржа чист еднопартиски говор. Се воведе опасен механизам за заобиколување на комисиите и на процедурата. Имаше воајери или сеирџии, но со право на глас (присутните пратеници Албанци од власта и од опозицијата). Беше истерана цела една пратеничка група. Народниот правобранител беше избран на седница во која државата со полиција направи да му се случи народ на народот (лицето Иџет Мемети, кој, веројатно многу скоро ќе дознае дека не е правобранител, кога во некој Основен суд ќе биде повикан како сведок). Човекот, кој според системот, има својство на поранешен претседател, Бранко Црвенковски, беше обичен активен граѓанин, кој го проби кордонот и беше удрен со пендрек. Најголемата опозициска партија повика на граѓанска непослушност, а извршната власт, преку полицијата, беше присутна и зазеде страна во домот од каде потекнува нејзиниот легитимитет: Собранието.

Ова е тој крај, како што запеа Адел во хитот на годината, во која, демек, Маите предвидуваа крај на светот: 2012! Нам не ни падна небото, но  ете, ни падна Собранието. И тоа при донесување на виртуелен буџет. Ова не е како да ти падне влакно во супа, ова е како да ти падне цела вештачка брада во супата! Ем супата не се јаде повеќе, ем ќе излезе на мегдан дека всушност и немаш брада.


Токму така и при расправите за буџетот излезе на виделина степенот, интензитетот и количеството на задолжување, нешто што сите ние допрва ќе треба да го исплатиме. Но не само ние, туку и тие кои учествуваа во, како за на селски панаѓур поставените драмолетки, за одбрана на буџетот. Од земјоделци - глумци кои наместо со аплауз беа пречекани со: „Лажеш курво“, па с
è до директори на театри кои, како кооперанти на земјоделска задруга, зборуваа за згради и за градежен материјал. Резултатот: земјоделците беа поголеми уметници од тој директор. Сите забележаа како лажниот земјоделец присебно одговори на дофрлувањето „лажеш курво“, за разлика од директорчето кое изгледаше како збунет агроном соочен со прашања за ветеринари!

Сите овие допрва ќе се чудат, како што беше случај со вработените во државна администрација, кои молчеа за „фармвил“ проектот „Скопје 2014“. Подоцна видоа дека и од нивните плати се одзема дел со истоимена ставка, токму за тој проект. Како што се чудеа претходно и стопанските комори, кои како помагачи на шибицари, збореа за и во прилог на истиот овој буџет кој, ете, со цели 200.000 евра (?!) од вкупно две милијарди, ќе им помогнел на малите и средните претпријатија!?

Но, да се вратиме на овогодишниот хит „Каде сме ние сега“ (Дејвид Боуви), за да се обидеме да го објасниме контекстот, кој овозможи да ни се случи цела оваа необјавена вонредна општествена состојба. Академици со ставови како на навивачки групи на фудбалски тимови од трета лига, верски заедници, кои се занимаваат со политика, егзалтирано, како во младински форуми на политичка партија, медиуми во кои има само газди и новинари, без уредништво и уредници и интелектуалци без јавно обзнанет став. Овие последниве се најбројни и најмногу личат на гранапчињата на кои на влезната табла им пишува „супермаркет“. Ова е една вонредна состојба, поради тоа што нешто опасно, сериозно и скапо како, што е самата држава, со години редум е киднапирана од страна на еден тесен круг, на неколкумина, така што тоа веќе прави штета на општеството. Во тој процес ДУИ ем помага ем учествува, но притоа се однесува како случаен машки патник во оној индискиот минибус. И затоа ќе сноси иста одговорност како и силувачите на младата индиска студентка! Одговорноста за честа не застарува, тоа е така и во Канонот на Лек Дукаѓини, еден древен албански закон, кој се активира секогаш при анархии, дури и во вакви, непрогласени анархии!

Има неколку проблеми за вистинското перципирање на сегашнава ситуација, која јас се обидувам да ја дефинирам како непрогласена анархија, очигледно насилство и вонредна општествена состојба. Затоа, на прв поглед тие квалификации може да изгледаат многу категорични и претерани. Првиот проблем за вистинска перцепција на состојбата се состои во тоа што сега е преголем бројот на луѓе и случаи кои сега се само во позиција да кажат „нели ти реков“. Од фамилиите на жртвите Трајан Беќиров, Мухаметали Јашари и Мартин Нешковски, преку Душко фармерот, па активистот против велешката топилница на кого му се суди, универзитетите со укината академска автономија, одземениот имот на Комерцијална Банка, уценетите бизнисмени со невратен ДДВ, партијата Обединети за Македонија со уапсен лидер, А1 и фамилијата Рамковски... Тука се и големите, а сомнителни полициско-судски случаеи (Сопот, Бродец, Раштански Лозја, Змиско Око, Детонатор, Монструм, итн), па сè до жртвите на цели процеси (денационализација, лустрација) Македонци, Албанци, Роми и други граѓани, од сите слоеви на општеството.

Друг проблем е што ова што ни се случува не е со крв, жртви и врева како што е норма во вакви случаи. Ја гледаме „Македонска крвава свадба“, но затоа што не се пука во преставата, мислиме дека ја гледаме „Госпоѓа Министерка“. Има уште проблеми кои треба дополнително да се образложат како што е лажната перцепција за бројноста на тие што зависат од ова неправда и небендисувањето на центарфорот, кој ја води борбата против ова: лидерот на СДСМ. Но, верувајте ми на комшиски збор: Ова е насилство и неправда и само со борба се руши. Борбата не е секогаш врева, крв и жртви. Таа во повеќето случаи е само истрајност. Не може злото да биде поистрајно отколку доброто, честа и правдината. Затоа, аирлија борба, комшија!

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото