Нешто за словенечките протести

11.01.2013 15:09
Put on the light - Нешто за словенечките протести

Ден пред сесловенечкото востание, на првиот државен канал во ударен термин се воспеваше љубовта кон татковината на фестивалот на патриотски песни. Ден потоа повторно во ударен термин граѓаните имаа можност да се гордеаат со достигнувањето од 22 години парламентаризам во Словенија. Помеѓу овие два настани љубљанскиот надшков одржа миса за татковината со цел да ги потсети граѓаните, дека и покрај критиките за недостиг на владеење на правото, демонстрациите и непочитувањето на правниот ред од страна на граѓаните не се прифатливи. Меѓу редови тој потсети дека непочитување на правниот ред е привилегија на елитата. И додека граѓаните инструментализирано беа потсетувани на безусловната љубов кон татковината, на Метелкова (слободарско збиралиште на прогресивната младина) беа подметнати гранитни коцки со цел да се обвинат демонстрантите за подготвување насилни протести. За среќа, не беа хонорарно ангажирани нео-нацисти (за 50 евра) да предизвикаат нереди, како за време на претходниот бран протести. Секако, неизбежен декор беа инсинуирањата дека протестот е патетичен обид на опозицијата да се приграби до власт. Контрапротестите не успеаа да го свртат вниманието на јавноста и покрај обидите.

Кога ниту една од стратегиите да се делегитимира гневот на граѓаните не успеа министерот за внатрешни работи се закани со ’владеење на правото’: доколку нема уредна пријава во полиција ќе одговараат организаторите. Официјални организатори нема, но министерството преку следење на социјалните мрежи ќе ги препознае?!

Во основата на протестите е разочараноста на граѓаните од коруптивната политика и уништувањето на социјалната држава. Стратегијата за излез од кризата паѓа исклучиво на грбот на граѓаните, преку укинување на социјалните права и намалување на платите. При тоа е зголемена финансиската подршка за малоумните долгови на банките предизвикани од криминалните кредити дадени на моќните тајкуни. Кредитите завршија во приватни џепови, одамна испрани во даночните оази (Македонија е една од омилените пералници, што го објаснува неодамнешниот интерес на 170 словенечки фирми да инвестират во земјата). Колатерална штета беа голем број работници, пред сè од бившите југословенски републики, кои неисплатени и без можност да ја бараат правдата, беа легално избркани (со губење на работната виза). И секако штета претрпеа и државјаните на Словенија кои ќе ги плаќаат скапите хирови на политичарите, бизнис елитата и банките.

Анализата на протестите е прилично цинична. Не и неоправдано. Сепак. премногу е површна, поради што главните поенти звучат како клише: ’Тоа е протест против, а нема платформа за’, ’ Немаат рецепт за потоа’, ’Која е алтернативата?!’… Цинизмот се должи на слепото прифаќање на капитализмот како единствен систем комаптибилен на демократијата и покрај тоа што актуелните случувањата во Европа го покажува спротивното. Овој фаталистички однос спрема капитализмот се темели на ’договорот’ помеѓу левицата и десницата направен под притисокот на Студената војна војна, олицетворен преку концептот на ’социјална држава’. Целта беше маргинализирање на каква било потенцијална радикална промена во западните земји. Во замена за недоведување во прашање на основите на капиталистичкиот систем, левицата доби сет социјални права. Одговорот на денешната кризата, преку мерките на штедење, сериозно го разниша овој ’договор’.

Најпопуларниот аргумент зошто словенечките протести не може да успеат е непостоењето јасно дефинирана алтернатива. Притоа се заборава на историските примери кои покажале дека однапред подготвен рецепт е опасно сценарио. Таков рецепт нужно води во тоталитаризам, според предупредувањата на Попер. Рецепт би значел имплементација на утопија. Спроведување ’упатство’ за подобро утре претпоставувава насилни и недемократски методи против оние кои нема да се согласуваат или ќе критикуваат делови од ’рецептот’. Утопијата не може да се имплементира парцијално зашто парцијалноста не ги гарантира крајните благодети. Оттука поривот да се маргинализираат сите кои го доведуваат во прашање спроведувањето на утопијата.

Наспроти критиките, она што е потребно не е ’рецепт’ туку дебата сфатена во Хабермасов дух. Дебата не тесно сфатена како просторна и временска рамка, туку како можност за активно и рамноправно артикулирање на интересите на сите, вклучително на најмаргинализираните. Притоа основната претпоставка е дека секој има еднакви можности да влијае. Рамноправноста и еднаквоста не претпоставуваат само можност за јавно искажано мислење, туку иста тежина на сите ставови во процесот на дефинирање на јавниот интерес. Притоа треба да победи посилниот аргумент, а не групата која ја има политичката, економската или образовната надмоќ.

Протестите немаат рецепт, но имаат јасно дефинирани вредности кои сакаат втемелување на новиот општествено-политички договор: хумана и правична држава која ќе ги базира своите одлуки врз јавниот интерес (не сфатен како парламентарно претставничка математика). Вистинските пропусти на протестите не лежат во фаталистичките и дефетистичките критики на циниците туку во неколку инхерентни слабости на нивната стратегија:

- Национален предзнак, т.е. „сесловенечко“ востание. Главен проблем е националниот предзнак на протестот и адресирањето на барањата исклучиво кон државата. Државата одамна не е суверен играч, туку субјект ограничен од глобалниот капитал, меѓународните институции и глобалните случувања. Главната слабост на протестите е нивната изолација од останатите протести низ Европа, кои имаат иста платформа и цел. Главната слабост е непостоењето на глобално движење. Она што е неопходно е координирано делување на сите национални протести со цел востановување, ако ништо друго барем гласна идејна глобална противтежа на глобалниот капитал. Успехот на протестите зависи од промена на системот на вредности на глобално ниво. Глобална промена на системот на вредности е единствениот пат до суштествена промена во рамки на националните држави.

- Исланд како главна референца. Со повикување на Исланд се прави превид на значењето на глобалниот контекст . Исланд е специфичен пример кој не може да се повтори во Словенија поради специфичната географска позиција и ресурсите коишто На Исланд му дозволуваат степен на самодоволност и сувереност во однос на внатрешната политика. За разлика од Исланд, словенечката сувереност е ограничена. Оттука суштествената промена е нужно зависна од глобалната, или барем од регионалната промена во рамки на ЕУ.

- Единствена алтернатива – директна демократија. Разочараноста од претставничката демократија ги турка протестите во барање решенија исклучиво меѓу институциите на директна демократија. Kean во својата книга „The death of democracy“ заклучува дека современите политичко-општествени односи го имаат надминато спектарот на понуда како на директната така и на претставничката демократија. Потпирањето на овие концепти, па макар и комбинирано, не ги заштитува граѓаните од авторитарните тенденции кон кои се стреми власта. Постоечките демократски контроли едноставно не се доволни. Сепак Kean не предлага нивно отфрлање, туку надополнување со нови институции. Неговиот одговор е концептот на мониторирана демократија (monitor democracy). Смета дека невладините граѓански активности и организации треба да создадат мрежа на строг мониторинг на власта како дополнителен инструмент. Она што е проблематично во одговорот на Кean e што постоечкиот систем на финансирање на невладиниот сектор зависи од капиталот или меѓународните организации (агенти на капиталот). Оттука основните начела на капитализмот се основната појдовна точка и рамка за било каква предлагана политика и мониторинг. Ова дополнително ја објаснува идејната превласт во доминантниот дискурс на неолибералните идеи, како и фатализмот и непопуларноста на левицата како алтернатива (сфатена идеолошки, а не како конкретна партија).

Без разлика на крајниот исход, протестите треба да се гледаат како успешни поради тоа што успеаа да ги наметнат во јавната дебата солидарноста, еднаквоста и правичноста, како главни вредности на кои треба да се темели државата.

Слики: Keith Shore

http://putonthelight.blog.com/

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Став
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет
Општество / Активизам / Свет / Психологија
Општество / Став / Живот

ОкоБоли главаВицФото