Стипендии - за некого никако

12.01.2013 09:35
Стипендии - за некого никако

Пред некое време напишав „стипендии – за кого како“ и реков дека ќе почекам на резултатите од конкурсот за да видам кого Министерството за Образование и Наука смета за поталентиран – морам да кажам дека бев навистина изненаден од резултатите.

НИТУ ЕДЕН ОД УЧЕНИЦИТЕ КОИ ОСВОИЛЕ МЕДАЛ НА РЕНОМИРАНО МЕЃУНАРОДНО НАТПРЕВАРУВАЊЕ (ИОИ, БМО, ЈБМО, ЈБОИ) НЕ Е НА СПИСОКОТ НА ТАЛЕНТИРАНИ УЧЕНИЦИ!

Морам да признаам дека не ми се јасни критериумите на МОН и навистина не знам што е талентиран ученик, а што не е талентиран ученик. Штета е јас како ментор кој ги подготвувал за натпревари да не знам кои од учениците се талентирани а кои не – сигурно сум ужасен ментор!

Џонс Хопкинс vs. МОН

Џонс Хопкинс е реномиран универзитет во САД. На листата на најреномирани универзитети според THE (Times Higher Education) листата се наоѓа на 16-то место во светот – но тие ниту по еден критериум не се компетентни како МОН. Имено, Џонс Хопкинс минатото лето избра четворица ученици од Македонија кои како талентирани ученици учествуваа на школите на универзитетот за ученици од 14 до 16 години. На списокот објавен за стипендии на МОН нема ниту еден од нив.

Репрезентативци vs. Стипендисти

Минатата година на најреномираниот натпревар по математика Меѓународната Математичка Олимпијада Република Македонија ја претставуваа шест ученици. Од репрезентативците тројца сè уште се ученици во средните училишта и тие ќе бидат најверојатно носители на тимот и оваа година. Сепак, овие ученици на никаков начин не се стимулирани од страна на МОН. Дека ексклузивитетот на неподдршка од МОН не е само на математичарите потврдува и фактот што единствениот ученик кој има освоено медал на реномирано меѓународно натпреварување (Меѓународната Олимпијада по Информатика) исто така на никаков начин не е поддржан од МОН.

Веќе од наредниот месец почнуваат натпреварите за учениците од средните училишта, на нив ќе се соочат веќе истакнатите репрезентативци и стипендистите на МОН и верувајте, тука ќе се види кои се навистина талентирани.

Braindrain и политиките на државата

Во изминативе четири години ученици од Македонија имаат освоено 10 медали на Меѓународната Математичка Олимпијада (2 сребра и 8 бронзи) и НИТУ ЕДЕН од овие ученици не го продолжил своето образование во државата. Според начинот на работа и подготвеноста на учениците за очекување е дека континуитетот во освојување на медали (најмалку 2 бронзи на ИМО и 2 бронзи на ИОИ) ќе продолжи и оваа година. Со оглед на негрижата на МОН за овие ученици и повеќе од очекувано е дека ќе го продолжат своето образование некаде во странство, и верувајте, не само што не ги осудувам туку и ги оправдувам – со оглед на тоа како државата се грижи за нив, нема потреба да останат тука.